Достапни линкови

Вести

Уапсена иранска реформистка

Иранска реформистичка интернет страница објави дека властите уапcиле позната реформистка и со тоа продолжуваат да казнуваат противниците на реизборот на претседателот Махмуд Ахмадинеџад.
Активистката Азар Мансури е уапсена синоќа.

види ги сите денешни вести

Средба Груби-Агелер за уставните измени, реформите и ветингот

Средба меѓу вицепремиерот Артан Груби и амбасадорката на САД, Ангела Агелер

Денеска се одржа средба меѓу вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер, на која се разговорало за потребата од уставните измени, ЕУ-интеграцијата, реформите и процесот на ветинг.

Како што соопштија од кабинетот на Груби, посебен фокус бил ставен на уставните измени како услов за продолжување на европскиот пат на земјава, при што било проценето дека „нема време за губење“.

Во соопштението се наведува дека функционирањето на владината коалиција било оценето како „квалитативно“, а Груби истакнал дека европскиот пат бара заеднички фронт на сите прогресивни сили, додека САД остануваат посветени на поддршката за реформи и овозможување функционална и стабилна демократија.

Тема на разговор бил и предлогот за ветинг што треба да ги опфати сите, од политичките личности, судиите и обвинителите, како форма на борба против корупцијата и акција која гарантира суштинска контрола на функционерите пред да бидат избрани на функцијата.

Агелер пред еден месец дојде во земјава како нова амбасадорка на САД во Северна Македонија.

Абазовиќ и Зеленски потпишаа декларација со која Црна Гора ќе помага на армијата на Украина

Видео повик на претседателот на Украина, Володимир Зеленски и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ

Техничкиот премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска потпишаа заедничка Декларација за евроатлантската перспектива на Украина.

Како што појаснија од Владата на Црна Гора, земјата се обидува да ја поддржи одбраната на Украина, со донирање 11 отсто од средствата од воениот буџет, како и преку хуманитарен аспект и прием на илјадници бегалци.

Зеленски во видео обраќање рече дека Црна Гора и Украина имаат пријателски односи, без скриени намери.

„Благодарам вам и на народот на Црна Гора за поддршката од првиот ден. Црна Гора е и дом на бегалци, жени и деца, семејства на кои им е потребна поддршка од почетокот на агресијата. Ви благодариме што верувавте во нашата победа, која ќе биде споделени“, рече Зеленски.

По Белгија и Чешка, Црна Гора е трета земја во Европа што ја потпиша оваа Декларација.

„Црна Гора недвосмислено ја поддржува Украина во заштитата на нејзиниот интегритет и нејзиното право да избира како сака да живее и во кои организации сака да се приклучи“, рече Абазовиќ на прес-конференција по потпишувањето на Декларацијата.

Имено, Украина на крајот на септември поднесе барање за членство во НАТО по забрзана постапка. Нејзиното членство во моментов е поддржано од десет членки на Алијансата. За да бидат примени во НАТО, сите 30 членки треба да го одобрат ова барање.

Угостителските услуги за една година поскапеа за 17 отсто

Илустративна фотографија

Државниот завод за статистика соопшти дека цените на угостителските услуги во ноември годинава, во однос на истиот месец лани се зголемени за 17.1 %.

Кумулативно, во периодот јануари – ноември годинава, во споредба со истиот период од 2021, цените се повисоки за 11.9 %, додека пак, во споредба со октомври годинава, растот изнесува 0.1 %.

Инфографика - Колку лебови годишно „јаде“ инфлацијата?
Инфографика - Колку лебови годишно „јаде“ инфлацијата?

Притоа ако се направи споредба на овој со минатиот ноември, најголемо поскапување има во Храна за 22,1%, Алкохолни пијалаци 10,7% и Безалкохолни пијалаци за 7%. Ноќевањата пак се поскапени за 3,9%.

Инфлацијата во октомври пак годинава во споредба со истиот период лани изнесува 19,8 отсто. Владата очекува постепено стабилизирање, а за 2023 се прогнозира стапката на инфлација да изнесува 7,1 процент.

Уругвај под истрага на ФИФА

Светското првенство во Катар 2022 година - Гана против Уругвај, 2 декември 2022 година

Дисциплинската комисија на Меѓународната фудбалска федерација ФИФА најави отворање истрага против Уругвајскиот фудбалски сојуз и неколку играчи на уругвајската репрезентација.

Како што соопшти ФИФА, постапката е покрената по инцидентите на мечот со Гана на Светското првенство во Катар што е во тек.

Се наведува дека истрагата ќе се фокусира на можно навредливо однесување и кршење на принципите на фер-плеј, несоодветно однесување на играчите и официјалните лица и дискриминација од страна на уругвајската федерација.

Уругвајските фудбалери Хозе Хименез, Едисон Кавани, Фернандо Муслера и Диего Годин се предмет на одделни постапки за потенцијални прекршувања на прописите на ФИФА. Тие на натпреварот на 2 декември, во последниот натпревар од групната фаза, го навредуваа судијата Даниел Зајберт од Германија, откако тој означи крај на играта.

Уругвајските играчи го опколија судијата и го навредуваа, додека Кавани при напуштањето на теренот удри и го собори екранот што судијата го користи за ВАР проверка (видео асистенција). Некои медиуми објавија дека еден од играчите на уругвајскиот тим во толпата со лакт удрил службеник на ФИФА по лице, кој по натпреварот бил на теренот во цивилна облека.

Во 57. минута од натпреварот, судијата го консултираше ВАР-от, видео снимка од спорната ситуација, поради потенцијален фаул над уругвајскиот играч, но не досуди пенал.

Во третото коло на Мундијалот Уругвај ја победи Гана со 2:0, но заврши на третото место во групата и испадна од Мундијалот.

Германската амбасадорка Холштајн предупредува на проблемот со корупцијата во Македонија

Германска донација за потребите на МВР

Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Анке Холштајн денеска истакна дека напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата. Ова го изјави за време на предавањето на донација во опрема за потребите на МВР и предупреди дека има многу работа. Притоа потсети дека во пристапниот процес кон ЕУ поглавјето за владеењето на правото е првото поглавје кое се отвора и последно се затвора.

„Во зависност од тоа колку брзо Северна Македонија ќе прави напредок на својот пат кон ЕУ зависи од тоа колку брзо ќе се спроведат реформите. И сите ние сме сложни дека тоа е особено тешка задача која претстои и тоа не се однесува само на политичарите, туку и на сите луѓе кои треба да сфатат дека кога ќе заминат на лекар дека не треба да остават некоја банкнота во неговиот мантил, или пак наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок од ученикот за 8 Март за да има подобра оценка. И сите треба да научат, и најмалите и најголемите како се води борбата против корупцијата“, порача амбасадорката.

Министерот за внатрешни работи пак, Оливер Спасовски посочи дека во МВР нема простор за селективности за лицата кои прават прекршоци.

„И сами гледате во саботата кон недела имаше казнети пратеници и во Собрание, сакам да кажам дека апсолутно не може да стане збор за селективност и секој споделена информција во делот на кривичниот прогон би ни биле од голема корист“, рече Спасовски.

Критики за борбата со корупцијата во земјава изминативе недели стигнаа и од американската амбасадорка Ангела Агелер, како и од евроамбасадорот Дејвид Гир.

Најпрво изборот на новиот шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција кој има лични познанства со челниците на ДУИ, беше причина за реакција на амбасадорката Агелер, бидејќи како што рече „САД потрошија милиони долари на обука на обвинители“ во правосудниот систем.

Набрзо потоа реагираше и евромбасадорот Дејвид Гир кој побара професионалност во институциите во случајот со доделувањето на македонско државјанство на Украинецот Олександар Онишченко, кој се наоѓа на црната листа на САД.

Путин го потпиша контроверзниот закон за забрана на ЛГБТ пропаганда

Илустративна фотографија/ Учесник со знаме со виножито за време на Парада на гордоста во Санкт Петербург, 12 август 2017 година

Рускиот претседател Владимир Путин на 5 декември потпиша закон со кој се проширува постоечката забрана за промовирање „ЛГБТ пропаганда“ на децата со тоа што ја забранува меѓу луѓето од сите возрасти.

Според новиот закон, секој настан или чин што се смета за обид за промовирање на хомосексуалноста - вклучително и на интернет, во филмови, книги, рекламирање или во јавност може да донесе висока казна.

Предвидени се до 400.000 рубли (6.600 долари) за физички лица и до 5 милиони рубли (82.100 долари) за правни лица.

Странците би можеле да се соочат со 15 дена апсење и последователно протерување од земјата.

Бранителите на човековите права и активистите кои работат со ЛГБТ+ групите веруваат дека новиот закон ќе оневозможи функционирањето на јавните организации кои им помагаат на ЛГБТ+ организациите.

Тие во ова гледаат обид за дополнително заплашување и угнетување на сексуалните малцинства во Русија.

Бектеши не очекува поскапување на струјата за граѓаните во прв и втор блок

Електрична централа

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека Владата ќе биде посветена на тоа да нема зголемување на цената на струјата за домаќинствата во првите шест месеци од наредната година, со оглед на тоа што во јануари се прави редовната, шесмесечна корекција на цената на овој енергенс.

Тој појасни дека со оглед на зголемувањето на ДДВ, нема конечна одлука за цената за домаќинства, туку неа ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.

„Има време уште три недели, во моментот кога информацијата ќе стигне во Владата, ќе ја известиме јавноста каква одлука донела владата. Одлуката ќе биде во интерес на граѓаните со цел да не плаќаат повисоки сметки во првите шест месеци од наредната година. За граѓаните кои се во прв и втор блок, што се мнозинство во државава, не очекуваме зголемување на цената за електрична енергија. Владата ќе одлучи за цената со која ЕСМ ќе продава до универзалниот снабдувач“, рече Бектеши.

Според него не е во ред некои домаќинства со повисоки приходи да плаќаат иста цена со оние со просечни приходи, а во време на криза да трошат повеќе и од некои големи компании односно над 30-40 мегавати месечно.

„Тие домаќинства ќе плаќаат согласно пазарните услови за електрична енергија, а зошто да не и дополнително со маржа од страна на ЕВН хоум и од страна на ЕСМ. А домаќинствата со просечни приходи во нашата држава, ќе плаќаат цена за електрична енергија како во моментов, што значи дека не би требало да биде поголема од 48 евра“, додаде Бектеши.

Засега нема најави за промена на блоковите во домаќинствата, а се разгледува можноста да се воведат блокови и за малите потрошувачи – микро и мали компании кои согласно законот можат да користат струја од регулиран пазар. До 20-25 декември ЕСМ ќе подготви информација со анализи и проекции, која Владата ќе ја разгледа на затворена седница, и согласно податоците Владата ќе одлучи за цената која ЕСМ ќе ја понуди за универзалниот снабдувач и ќе учествува во тендерската постапка, во овој случај на ЕВН хоум.

Обезбедени пари за парното до крајот на јануари, ќе има гас за топланите во декември

Илустративна фотографија

Владата обезбедила 30,8 милиони евра за грејната сезона, пари кои се доволни до крајот на 2022 и за јануари 2023. Потоа ќе се прават пресметки уште колку пари ќе требаат за следните четири месеци – од јануари до крајот на април, најави денеска Васко Ковачевски, директорот на АД ЕСМ.

Покрај преземањето со закуп на топланите Исток и Запад, ЕСМ дополнително е задолжено и го презеде управувањето на АД Скопје Север за да се обезбедат финансиски средства и природен гас за неа и да нема прекин во испорака на топлинска енергија за околу 500 семејства и 13 институции во тој дел на Скопје.

Ковачевски вели дека сметките и цените ќе останат исти, нема да има промени ниту во плус ниту во минус, односно граѓаните и натаму ќе добиваат топлинска енергија по субвенционирана цена затоа што разликата кај топлинската енергија е значително повисока од разликата кај електричната енергија.

Доцнењето на сметките за парно, рече тој, е од технички причини поради новиот софтвер што ќе ја вкалкулира и субвенцијата од државата, па граѓаните нема да добијат камати или опомени за плаќање.

Притоа информираше дека за декември е обезбеден природен гас за сите топлани.

Вучиќ потврди дека ќе присуствува на Самитот во Тирана

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ потврди дека ќе оди во Тирана на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Во денешната изјава, Вучиќ рече дека не е сигурен дека ќе има некаква корист од неговото заминување во Тирана, но дека ќе има голема штета ако не оди.

„Можеби би покажал дека мојата суета е посилна и поголема, но секако дека би била голема штета за земјата, во поглед на привлекување инвестиции и се останато. На овој начин, без разлика што темата е Западен Балкан и што 20 од нив на неадекватен начин ќе почнат да зборуваат за санкции кон Русија и за проблемот со Косово, можеби моите колеги се во право кога велат дека е подобро да се слушне барем еден одговор отколку да не се слушне ништо“, рече Вучиќ.

Вучиќ пред неколку дена изјави дека никој од Србија нема да присуствува на состанокот поради одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да го назначи Ненад Рашиќ за министер за заедници и враќање во Косово и поради реакцијата на ЕУ на таа одлука, која Белград ја оцени како блага.

Влезот на Рашиќ во косовската влада беше потврден помалку од еден месец откако српските претставници започнаа бојкот на институциите незадоволни од намерата на Приштина да започне процес на предрегистрација на возила со српски регистарски таблички.

Белград и Приштина со посредство на Европската унија (ЕУ) во меѓувреме постигнаа договор за надминување на кризата со регистарски таблички, но не и за откажување од бојкотот. Српските власти ја осудија одлуката на Рашиќ да биде дел од Владата на Косово.

Самитот во Тирана ќе се одржи утре, на 6 декември.

Државата ќе ги покрие долговите за струја на институциите направени од „објективни фактори“

Иустративна фотографија

Државата ќе мора да ги покрие долговите за електрична енергија на оние клучни институции кои имале објективни причини за такво нешто, но не и на оние институции кај кои не постојат вакви причини, најави премиерот Димитар Ковачевски.

За оние институции кај кои не постојат објективни причини за неплаќањето на сметките, тој посочи дека ќе ги повика на одговорност.

„Не ми е сфатливо како може со години да не се плати струја што е недомаќинско однесување на дел од раководителите на тие институции. Кај дел има и објективни фактори на пример здравствените институции беа оптоварени со многу трошоци во текот на корона кризата. Не трпам директори кои не плаќале струја затоа што сметале дека нивните институции не можат да останат без струја само затоа што се од витално значење“, изјави Ковачевски.

За овој проблем најави дека денеска ќе има состанок во Министерството за економија.

Во однос на ставањето во функција на сите енергетски капацитети во државата, Ковачевски информираше дека почнуваат монтажните активности на Блок 3 во РЕК Битола затоа што дел од опремата е пристигнат и оти комерцијалниот директор на ЕСМ денеска е во Турција со цел да го доорганизира транспортот на трансформаторот. Додаде и дека очекува многу наскоро да биде ставен во мрежа и ТЕЦ Неготино.

Малолетник од Скопје заработи кривична пријава за една од лажните дојави за бомби во училиштата

Илустративна фотографија/Полицијата прави проверки во скопско улилиште во една од испратените лажни дојави за бомби

Малолетник од Скопје доби кривична пријава за сторено кривично дело „тероризам”, поради испраќање на една од лажните дојави за бомби во скопски училишта. Кривичната е поднесена од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Како што појаснуваат од МВР, пријавениот малолетник инспириран од претходни објави за поставени бомби во неколку средни училиштата во Скопје, меѓу 26 октомври и 2 ноември годинава, на социјалните мрежи забележал дека пораките биле испратени преку конкретен провајдер, кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата. Така, на 4 ноември од неговиот персонален компјутер, пристапувајќи на интернет мрежата на еден телекомуникациски оператор, креирал електронска адресата на конкретниот провајдер, преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта.

„Истиот ден, користејќи посебна апликација, преку неговиот мобилен телефон се поврзал на неговиот персонален компјутер и во 14:09 часот, од претходно креираната електронска адреса на службените електронски адреси на четирите средни училишта во Скопје, ја испратил горенаведената порака со заканувачка содржина“, информираат од МВР.

Од страна Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи при МВР, извршена е антитерористичка проверка на сите училишта кои што ја добиле порака, при што не се пронајдени експлозивни направи.
Од МВР појаснуваат дека при преземените мерки било утврдено дека електронската адреса на пријавеното лице била креирана на 4 ноември 2022 година во 11.17 часот од Ај-Пи адреса, за која од страна на телекомуникациски оператор се доставени податоци дека сопственик е Д.К.Ч. (43) од Скопје, мајка на кривично пријавеното малолетно лице.

По извршен претрес на 7 ноември, биле одземени десктоп компјутер, еден мобилен телефон и СИМ картичка, кои ги користел малолетникот, а од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика извршен бил преглед во електронските уреди кои ги користи кривично пријавениот. Истиот ден во ПСОН Карпош, во присуство на родител, инспектор за малолетници и семејно насилство од СВР Скопје и адвокат, извршен бил разговор со пријавениот малолетник, при што тој го признал делото и го појасни начинот на негово извршување.

Во изминатите два месеци имаше повеќе пријави за поставени бомби во скопски училишта, за кои полицијата утврди дека се лажни. Утрово пак околу седум часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на пет училишта, две средни и три основни во Кавадарци била упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Како што соопштија од полицијата, пријавите се лажни.

Близок соработник на Путин му се придружи на рускиот технолошки гигант „Јандекс“

Алексеј Кудрин

Поранешниот претседател на Сметководствената комора и близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, Алексеј Кудрин, денеска објави дека му се придружил на рускиот технолошки гигант „Јандекс“. 62-годишниот Кудрин беше поранешен министер за финансии, а во минатата недела најави оставка од Сметководствената комора. Одлуката на Кудрин да му се приклучи на „Јандекс“ доаѓа во време кога Кремљ, среде конфликтот во Украина, ја затегнува контролата врз дигиталниот сектор.

Извршниот директор на рускиот интернет гигант се повлече од функција по санкциите на ЕУ

Една од задачите на Кудрин ќе биде, како што наведе, „да обезбеди долгорочен развој на компанијата, на сите пазари, вклучително и на меѓународните“. Интернет секторот беше силно погоден од западните санкции против Москва. Руската влада се обидува да најде замена за производите на западните гиганти кои ја напуштија земјата. „Јандекс“, кој исто така се нарекува „руски Гугл“, е регистриран во Холандија и има подружници во Европа, Велика Британија и САД, но најголемиот дел од неговиот бизнис е во Русија и земјите од руски јазик.

Русија ги обнови ракетните напади врз Украина

Украина соопшти дека Русија денеска започнала нова рунда ракетни напади додека Западот се обидува да ја ограничи способноста на Москва да ја финансира својата инвазија со воведување ограничување на цената на руската нафта преку море. Воздухопловни тревоги се огласија низ Украина, а официјалните лица ги повикаа цивилите да се засолнат од, како што велат, најновите бранови руски ракетни напади од нејзината инвазија на 24 февруари. Засега нема информации за евентуални штети или жртви, но официјални лица, цитирани од украинските медиуми, велат дека може да се слушнат експлозии во некои области.

Русите напаѓаат на исток и ги зајакнуваат позициите на југ, соопштија воените сили на Украина

Руските сили сè повеќе ги гаѓаа украинските енергетски објекти во последните неколку недели, бидејќи тие се соочија со неуспеси на бојното поле, предизвикувајќи големи прекини на електричната енергија со почетокот на зимата. Русија соопшти дека нападите се дизајнирани да ја деградираат војската на Украина. Украина вели дека тие се јасно насочени кон цивили и на тој начин претставуваат воено злосторство.

Поранешниот грузиски лидер Саакашвили бил „отруен“ во затвор

Михаил Саакашвили

Затворениот екс-претседател на Грузија, Михаил Саакашвили, бил „отруен“ во притвор со тешки метали и ризикува да умре без соодветен третман, се вели во медицинскиот извештај што денеска го дистрибуираше неговиот правен тим. 54-годишниот Саакашвили во минатата година беше префрлен во болница по штрајкот со глад кој го одржуваше 50 дена за да протестира против неговиот затвор, кој групите за човекови права го осудија како политички мотивиран.

Саакашвили започна нов штрајк со глад

Во извештајот што го дистрибуираше правниот тим на Саакашвили, токсикологот Дејвид Смит со седиште во САД рече дека „тестирањето откри присуство на тешки метали“ во телото на Саакашвили и патолошките симптоми што тој ги покажува „се резултат на труење со тешки метали“.

Цените на нафтата растат по најавата за воведување ценовен плафон

цените на нафтата растат

Цените на нафтата денеска пораснаа откако земјите извознички на нафта се согласија да не го зголемуваат производството, а групата од седумте најбогати земји во светот (Г7) и нејзините сојузници објавија дека од денеска ќе воведат ограничување на цената на руската нафта. Цената на нафтата од типот брент утринава порасна за околу 0,6 отсто на повеќе од 86 долари за барел, јавува Би-Би-Си. Г7 се согласи во петокот да ја ограничи цената на руската нафта на 60 долари за барел за да го зголеми притисокот врз Русија да ја запре инвазијата врз Украина.

ОПЕК+ нема да го намали производство на нафта

Во меѓувреме, Организацијата на земјите производители на нафта и нивните сојузници (ОПЕК плус) објавија во текот на викендот дека ќе се придржуваат до својата политика на намалено производство. Аналитичарите рекоа дека порастот на цената на нафтата е поттикнат и со олеснување на ограничувањата за коронавирусот во некои кинески градови, што би можело да ја зголеми побарувачката за нафта. Русија соопшти дека нема да прифати ограничување на цената и се закани дека ќе престане да извезува нафта во земјите што ќе ги усвојат мерките. Русија е втор најголем производител на сурова нафта во светот по Саудиска Арабија и обезбедува околу една третина од потребите на Европа.

Вчитај повеќе

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG