Достапни линкови

Хибридна настава за студентите на УКИМ


Студенти со индекс
Студенти со индекс

Академската година за студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе се одвива со комбиниран модел, односно теоретската настава ќе биде онлајн, а практичната со физичко присуство во мали групи. Студентите се надеваат дека здравствените протоколи за Ковид 19 ќе се почитуваат.

Теа Михајловa е студентка на петта година на Медицинскиот факултет во Скопје. Во пресрет на новата академска година која треба да започне на четврти октомври, таа се надева дека медицината ќе ја учи во контакт со пациенти и преку пракса во болничките ходници и медицински лаборатории и сали. Учењето од далечина кое се практикуваше во пролетниот семестар, според Михајлова, се покажало како неадекватно, ,пред се, за факултетите кои бараат задолжителна практика и вежби со физичко присуство.

„Ние успеавме на најбезболен начин да се справиме со ситуацијата, но новата студиска година бара модифицирање и подобрување на наставата со цел да се крене квалитетот на знаењето коешто ние студентите ќе го стекнеме. Сепак доктор од дома не се станува, нели? Ние ги имавме вежбите онлајн, но вежбите по анатомија, патологија, судска медицина се многу важни да се одвиваат со физичко присуство. Ние учиме на лешеви, а кај клиничките предмети како кардиологија, пулмологија, педијатрија, од круцијално значење за нас е да бидеме во секојдневна комуникација со пациенти“, раскажува Михајлова, заменик претседател на Факултетското студентско собрание на Медицинскиот факултет во Скопје.

Ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј Никола Јанкуловски информира дека факултетите во рамките на УКИМ, ќе спроведуваат таканаречена „хибридна“ настава, односно ќе се комбинира онлајн настава и настава со физичко присуство за предметите за кои е потребно.

„Теоретската настава ќе се одвива онлајн, а практичната настава ќе биде организирана со комбиниран пристап и со физичко присуство во мали групи и онлајн. Колоквиумите ќе се одвиваат со физичко присуство во мали групи. Ќе се почитуваат сите мерки на заштита согласно Протоколите на Владата“, изјави ректорот на УКИМ, Никола Јануловски.

Претходно Универзитетското Студентско Собрание побара секој факултет автономно, согласно структурата и наставните методи кои се практикуваат, треба да одлучи за начинот на кој ќе ги реализира предавањата и наставните активности во зимскиот семестар, по претходна консултација со факултетските студентски собранија, како тела кои ги застапуваат интересите на студентите во рамки на факултетот.

Ректорот Јанкуловски нема сомневање дека студентите ќе бидат дисциплинирани и ќе се почитуваат здравствените протоколи.

„Секогаш при полагањето има некаков надзор, независно дали се тоа вработени на институциите или асистенти и професори, сигурно нема да дозволат непочитување на мерките за заштита од ковид 19. Така што апсолутно ќе бидат „дисквалифицирани“ оние студенти кои не ги почитуваат мерките, односно нема да им се дозволи да присуствуваат на практичниот дел ако не се запазени мерките“, вели Јанкуловски.

Михајлова ја поздравува одлуката за хибриден начин на настава, која пак ја дозволува моменталната епидемиолошка состојба. Таа објаснува како ќе изгледаат предавањата и вежбите на Медицинскиот факултет.

„Предавањата ќе се изведуваат онлајн затоа што нашите амфитеатри моментално според протоколите за два метра растојание овозможуваат присуство на триесетина студенти одеднаш во амфитеатрите. Ние во една генерација сме 300 студенти. Затоа најдобро е предавањата да се изведуваат онлајн. За разлика од предавањата, вежбите ќе се изведуваат со физичко присуство, најчесто поделени по 3 во група и ќе ротираме на недела дена на различна клиника“, објаснува Михајлова.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание Борјан Ефтимов вели дека и покрај позитивното искуство на студентите од онлајн наставата пролетва, добро е што ќе се применува комбиниран метод на учење. Тој вели дека при носењето на оваа одлука, биле консултирани претставниците на студентските собранија при факултетите. Од УСС претходно побараа студентските домови да се отворат и да бидат достапни единствено за студентите од факултетите кои ќе донесат одлука одржување настава и вежби со целосно или делумно физичко присуство.

„УСС стои на ставот дека студентските домови треба да се отворат со ограничен капацитет за студентите кои ќе имаат настава или вежби со физичко присуство и сигурни сме дека може да им се верува на студентите дека ќе ги почитуваат протоколите кои ќе бидат воспоставени во рамки на домовите/. За оние студенти кои нема да ги почитуваат ние апсолутно бараме најстроги казни во смисла на губење на местото во домот“, вели Ефтимов.

Дополнително, УСС-УКИМ од Универзитетот побара да креира решение за унифицирана платформа за далечинско учење достапна за сите факултети и сите студенти, на која ќе бидат редовно споделувани материјали за учење, видео-снимки од предавањата, можност за онлајн консултации со наставните кадри, како и други активности поврзани со наставата.

Течат уписните рокови

Во меѓувреме, во тек се уписите во прва година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Прелиминарната ранг-листа со резултати од успехот од средно образование беше објавена на 3 септември, конечната ранг-листа на 7 септември, а запишувањето на кандидатите ќе биде на 10 и 11 септември. Вториот рок за пријавување кандидати за прва година во 2020/2021 на УКИМ ќе биде на 15 и 16 септември, а третиот е на 28 септември на факултетите на кои ќе останат места.

Според Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии во академската 2020/2021 година, на 23-те факултети во негов состав се слободни вкупно 10 798 места за идни студенти. Од нив, 5 300 места се во редовната квота т.е. кои се финансираат од буџетот на државата, 4 438 се за кофинансирање на студиите и 1 060 слободни места има за вонредни студенти.

Школската година пак за основците и средношколците ќе заврши на 10 јуни, а сите ученици, и оние кои ќе следат настава со физичко присуство и онлајн, ќе бидат оценувани со физичко присуство. Владата го одложи почетокот на учебната 2020/2021 година и наместо на 1 септември, ќе почне на 1 октомври, под посебни протоколи и планови за одвивање на наставната програмата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG