Достапни линкови

Студенти и средношколци: Квалитетно образование, без компромис


Илустрација - студенти на прв академски час на УКИМ
Илустрација - студенти на прв академски час на УКИМ

Студентите подготвија документ за јавни политики во високото образование, насловен „Новиот договор за образованието и младите“, а и средношколците неодамна побараа исполнување на заложбата ,,Пет столба на образованието".

„Образованието претставува не само најсериозна инвестиција во нашата иднина туку и основа за опстанок на оваа заедница. Младите во Северна Македонија имаат потреба од квалитетен образовен систем кој ќе им создаде можности за еднаков натпревар со нивните врсници од странство. Во моментов „полето за културен натпревар“ повеќе наликува на планина, а ние, сигурно, се наоѓаме на подножјето на таа планина“. Ова е дел од воведот во документот за јавни политики во високото образование – „Новиот договор за образованието и младите“. Документот го креираа Универзитетските студентски собранија на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“, „Мајка Тереза“, „Климент Охридски“ и „Гоце Делчев“. Документот има за цел, како што велат, да се воведат минимални јавни политики кои инсистираат идната власт да ги реализира.

Барањата се поделени во пет области и тоа: образование, наука, инфраструктура, институции за млади и образование и студентски стандард.

Под образование е наведено зголемување на буџетските средства за образованието, креирање на нов систем за финансирање на високото образование, формирање на Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, редовна, сеопфатна и ефективна надворешна евалуација на високообразовните установи, креирање стратегија за унапредување на квалитетот на високото образование, финансиска поддршка за учество на студенти на меѓународни натпревари, како и за членоство во регионални, еврпски и светски мрежи на високообразовни установи.

Под наука, тие бараат бараат поголеми инвестиции во науката, оти како што велат, така „се создаваат нови вредности“. Во делот на инфраструктура, меѓу другото бараат и дигитализација на високото образование, односно можности за електронско исполнување на административните обврски. Со институции за млади и образование, студентите бараат на крајот од секој квартал да се одржува седница за младински прашања во Собранието. Бараат и подобрување на студентскиот стандард, односно подобрување на сместувањето, исхраната, превозот, културни активности, стипендирање и финансиска помош за набавка на потребните средства.

Потребата од ваков документ тие ја лоцираат во три причини. Како прва причина, тие наведуваат дека високообразовниот систем во Северна Македонија заостанува не само зад развиените европски образовни системи, туку и зад оние во регионот. Како втора е наведено односот на политичките субјекти кон образовниот систем и кон младите, потенцирајќи дека ги користат како „кусур во партиско-коалициските трговии“.

„Трето и финално – воспоставувањето на функционален систем на студентско организирање. Со други зборови, тука сме, конечно постоиме и сме независни! Со ова сакаме да нагласиме дека проблемите не започнаа сега, ниту постојат само во изминативе години. Македонскиот (високо)образовен систем и младите се колатерална штета во континуитет промашени политики, загубени години и „блудни ќерки и синови“ (некогаш и во буквална смисла) на кои конечно има кој да им застане на патот! Овде само започнуваме, но и се обврзуваме на континуитет во доследност кон вистината и напредокот“, наведуваат студентите во документот.

Покрај студентите, неодамна и Сојузот на средношколци побара потпишување на заложбата „Пет столба на образованието“. Со заложбата тие бараат корегирање на грешките во учебниците, а на учениците да им се обезбедат учебници на време. Потоа, намалување на административната работа за педагошкиот и професионалниот персонал во средните училишта. Како трета точка е наведено инвестирање во информатичките вештини на образовниот кадар, потоа прилагодување на наставните програми врз основа на наставните методи во Европска Унија. И петта точка е училиштата да имаат доволно хигиенски услови за да го заштитат здравјето на учениците и наставниците.

XS
SM
MD
LG