Достапни линкови

Проблеми со исплатата на студентските стипендии


Илустрација - Студенти со индекс
Илустрација - Студенти со индекс

Студентите реагираат за задоцнети исплати на стипендиите, за загубени документи и за отстутна комуникација директно со студентите. Министерството за образование и наука пак, вели дека документацијата не е загубена, исплатата оди тековно, и дека студентите може да се јават за секој проблем и да им биде одговорено.

„Доцни исплаќањето на студентските стипендии од страна на МОН, институцијата е недостапна за студентите, а од дел од нив бара и повторно поднесување на документите“, ова е почетната реченица од реакцијата на Универзитетското студентско собрание при УКИМ. Собранието објаснува дека годинашната исплата се разликува од досегашната пракса, бидејќи исплаќањето завршувало пред јунската сесија.

„Ветувањата и одговорите на МОН постојано се менуваат: исплатата ќе се реализира до крајот на април, потоа до крајот на мај, а сега дека трансакцијата ќе се случи во јуни или почетокот на јули“, велат од универзитетското собрание.

Непрофесионалност во МОН или има и друг проблем?

Според претседателот на Универзитетското студентско собрание, Борјан Ефтимов, ситуацијата е последица на непрофесионалноста на Министерството.

„Доцнењето не е изненадувачко, впрочем тоа е пракса во Министерстовто за образование. Ретко кога Министерството навремено си ја завршило работата. Како млад човек разочарувачки е да гледате како целиот ваш живот, токму Министерството кое има најголем удел во вашиот живот, е целосно дисфункционално и непрофесионално. Ова е веќе историски континуитет. Доцнењето се должи на непрофесионалноста во Министерството. Стипендиите треба да се исплатат навремено бидејќи студентите зависат од тие средства. Студентите имаат трошоци кои планирале да ги подмират преку своите стипендии, но поради доцнењето принудени се да бараат алтернативи за време на светска пандемија и голема економска криза. Министерството со своето доцнење си игра со благосостојбата и сигурноста на студентите“, вели Ефтимов.

Од МОН велат дека исплаќањата се одвиваат вообичаено.

„Министерството за образование и наука средствата по основ на стекнати стипендии вообичаено ги исплаќа во два наврати, по неколку месечни рати одеднаш. За оваа академска година, до овој момент, и на новите корисници и на корисниците кои правото на стипендија го стекнале во изминатите години им се исплатени средствата за 7 месеци. Преостанатите 2 рати ќе бидат исплатени кон крајот на тековниот месец или на почетокот на јули“, информираа од МОН.

Дополнително, од студентското собрание велат дека договорите не се стигнати до сите студенти, и студентите пријавуваат дека МОН ги има изгубено нивните документи.

„Сите пристигнати документи од добитниците на стипендии се процесуирани, односно договорите се потпишани од министер и еден примерок од договорот е задржан во МОН, а еден доставен до секој стипендист“, велат од МОН.

Нема комуникација МОН - студенти

Меѓутоа, за студентите се наметнува прашањето за задоцнетата исплата.

„Дали нивните договори се изгубени, а ако не, која е причината за доцнењето со исплатите? Студентите во неизвесност, секојдневно се обидуваат да добијат информации од надлежната институција, но МОН ја продолжува својата традиција како институција која е нетранспарентна и затворена за студентите, која не одговара на телефонските повици, ниту враќа на електронската комуникација. Повторно, МОН наместо да им служи на студентите, да одговори на нивните потреби и да ги решава нивните проблеми, создава нови потешкотии и несигурност за студентите“, велат од Универзитетското студентско собрание и бараат нова стратегија за стипендирање во високото образование.

Наспроти тоа, од министерството истакнуваат дека студентите можат да пријават проблем до службите.

„Доколку одреден стипендист има некаков проблем во однос на исплатата на средствата, слободно може да се обрати до службите на МОН, ситуацијата ќе биде проверена и соодветно ќе му биде одговорено. На веб страната на МОН се објавени личните контакти на сите вработени, вклучително и на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард“, велат од МОН.

Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетско студентско собрание
Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетско студентско собрание

Покрај тоа што собранието вели дека студентите поединечно немаат добра комуникација со МОН, туку и собранието како официјално претставничко тело нема соодветна комуникација со министерството.

„Ние како официјално студентско претставничко тело на УКИМ во овие 4 месеци откако почна мандатот не сме оствариле ниту една официјална комуникација со Министерството за образование и наука. Повеќепати сме се обидувале, сме праќале барања и дописи, меѓутоа ниту еднаш не сме добиле одговор. Отсуството во комуникацијата е срамно, особено во вакви кризни времиња кога е потребна целосна координација и соработка за минимизирање на последиците кон студентите“, вели Ефтимов.

Според него, револтот кај студентите за задоцнетите исплати на стипендиите ќе е помал доколку Министерството за образование и наука објави план за исплата и „навремено ги информираше студентите за одредени пречки во исплатата“.

XS
SM
MD
LG