Достапни линкови

Мерките за млади - меѓу поткуп и потреба


Домашна платежна картичка
Домашна платежна картичка

Мерките за студентите и за младите се добри, но дел се задоцнети или требало поинаку да се осмислат, реагираат од Студентското собрание. Поранешниот студентски лидер Самоил Малчески вели дека од кризата се погодени сите, но овие мерки се поклопуваат со предизборниот период и дека тука треба да реагира и Антикорупциската комисија. Комисијата го истражуваа првиот сет економски мерки на Владата, а за новите мерки препорачува Владата да биде транспарентна.

Листа со 2500 студенти кои не се нашле на списокот за домашната платежна картичка им е доставена на Владата, вели претседателот на Универзитетското студентско собрание, Борјан Ефтимов. Студентите искомуницирале со Универзитетското Собрание оти не можеле да се најдат на списокот на средношколци и студенти од државните училишта и факултети кои треба да добијат картички во вредност од 3000 денари од Владата, како дел од третиот сет економските мерки за справување со последиците од коронавирусот.

„Од домашната платежна картичка за студенти сме исклучително задоволни, бидејќи таа е универзална, ја добиваат сите студенти, ја добиваат веднаш кога парите им се најпотребни, а ваучерите за сместување и партиципација сметам дека требаше да се реализираат во јуни, бидејќи Министерството донесе одлука оправдана да не се отворат студентските домови, меѓутоа не понуди алтернатива за тие студенти, тие ваучери можеа да бидат алтернативата за студентите во јуни, кога имаат потреба“, вели Ефтимов За РСЕ.

Домашна картички ќе добијат околу 87 илјади млади лица.

Владата донесе Уредба и за помош на студенти од семејства со ниски примања. Студентите имаат избор да изберат една од трите понудени опции - да им се плати дел од партиципацијата, партиципација за сместување во студентски дом и партиципација на трошоците за приватно сместување на студенти чие образование се финансира од буџетот на Македонија. Помошта е еднократна и изнесува до 6000 денари. Што се однесува пак до ваучерите за сместување или партиципација за студенти, тој вели дека тие требало да се реализираат во јуни, а не да се остават за септември.

Студентите од социјално загрозени семејства веќе се ослободени од плаќање во студентски домови

Студентите од социјално загрозени семејства веќе се ослободени од плаќање во студентски домови, па оваа мерка може да ја искористат студенти од загрозени семејства кои се сместуваат во приватно сместување, вели Ефтимов.

„Сумата може да кажеме дека е во ред, оти кога ќе се подели на двајца, тројца студенти кои се сместени под кирија може да се најде стан, меѓутоа пак ќе кажам начинот на кој се реализира мерката, начинот на кој се осмисли не ни се допаѓа и сметаме дека доколку беа консултирани студентите од страна на министерството при осмислување и при реализација на мерката ќе имаше позначаен ефект“, вели Ефтимов.

Владата дополнително одлучи и студентите што се на постдипломски студии и имаат до 29 години да добијат домашната платежна картичка која е наменета за купување на македонски производи и услуги.

Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги. Со картичката може да се плаќаат македонски производи и услуги на физички и онлајн локации на деловни субјекти кои вршат одредените дејности, но не може да се вади готовина од банкомат, да се плаќа надвор од земјата, да се префрлаат средства кон други сметки.

Дополнителни 3000 денари ќе добијат средношколците од јавните школи кои доаѓаат од семејства со ниски примања. Тие пари ќе треба да ги искористат да купување училиштен прибор. Владата донесе уредба за со која млади луѓе ќе добиваат ваучери за обуки за да се стекнат со компјутерски вештини. Ваквите ваучери се со вредност до 30 илјади денари.

Училиштата и факултетите беа затворени на 10 март, а ученичките и студентските домови на 11 март како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Од 23 март образовните установи беа задолжени да воведат онлајн настава. Министерството за образование во мај соопшти дека Универзитетите треба сами да одлучат дали испитите во претстојната јунска сесија ќе се одржуваат онлајн или со физичко присуство на студентите.

Поранешниот студентски лидер, сегашен доцент на Меѓународниот Славјански Универзитет, Самоил Малчески вели дека од кризата се погодени сите, кој помалку, кој повеќе, а овие мерки се поклопуваат со предизборниот период.

„Зачудува фактот што ние навлегуваме во четвртиот месец од кризата, а дури сега на Владата и текна да дели ваучери. Ако имаа чисти и фер намери кон граѓаните на Република Македонија требаше тоа да го направат уште на самиот почеток, како што го направија многу земји од нашето опкружување. Дали има заштитен механизам од оваа предизборна манипулација би рекол, не верувам дека има, освен Антикорупциска како што покрена за првиот столб економски мерки и да покрене за овој столб на мерки, па да видиме што ќе произлезе. Во секој случај мерката е задоцнета, требаше многу порано и можеше уште многу повеќе работи да се направат за младите и за студентите“, вели Малчески.

Од приватните високообразовни институции побара и нивните студенти да добијат домашна платежна картичка, оти како што велат Уставот не прави разлика во статусот на студент запишан на државен или на приватен универзитет, а на овој начин студентите од приватните универзитети се дискриминирани и им е повредено правото на еднаквост на високообразовни институции, велат оттаму.

Претседателот на СДСМ пред неколку денови на прес-конференција рече дека домашна платежна картичка и финансиска поддршка по 3.000 денари треба да добијат и студентите во приватните универзитети.

И додека од владејачката партија сметаат дека со ваквите картички ќе се поттикне приватната потрошувачка и ќе им се даде поддршка на македонските производи и услуги, од најголемата опозициска партија, сметаат дека платежната картичка што ја промовира власта е класичен поткуп.

„Се остава широк простор за манипулација и класичен поткуп на граѓани пред избори. ВМРО-ДПМНЕ апелира наместо на поткуп власта во оваа време што и остана да се насочи на санирање на штетите од кризата за фирмите и за работниците“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

ДКСК - Помошта е неопходна, но да биде транспарентна

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановск вели дека сите знаеме дека помош е потребна, но дека прашањето е како се дава таа помош, дали е тоа селективно, дали се злоупотребува и дали е доволно отчетно и транспарентно. Ивановска вели дека ДКСК препорачува постапката на објавување на корисниците да биде целосно транспарентна, за да се следи да не се прават системски грешки и на списокот да не се најде некој што не требало да е таму. Комисијата бара да не се врши реклама на мерки кои нема сега да се спроведуваат, туку во догледно време и мерки кои веќе се оствариле во претходниот период.

„Битно е да нема злоупотреби, а дека има потреба од мерките, има“, вели Ивановска.

Платежната картичка за купување на домашни производи за граѓаните погодени од кризата предизвикана од пандемијата е дел од третиот сет економски мерки за помош на фирмите и граѓаните за справување со кризата. Вкупно се предвидени над 550 милиони евра за економска помош за справување со кризата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG