Достапни линкови

Царот е гол и нема друг излез, освен да се обиде да предизвика дебела криза, за да не се соочи со Суд што не е под нивна „сваровски“ контрола. Но, ваквите приказни се веќе видени, предвидливи и со оглед на искуствата, малку потешко остварливи.

Добар ден „соросоиди“. Ајт сите по една жoлта ѕвезда на ракавите за полесно препознавање. Да нема збунки, па после утре, вака било онака било.

Додуша, не знам кој сè е квалификуван, според петте заповеди на Груевски да се стави под ова знаме на „предавство“, но знам дека поддржувачите на валентинската „ноќ на долгите ножеви“ и немаат баш некој критериум. Би „делкале“, ако им се даде шанса, сè што им дојде под рака, како што им приликува на слепи послушници на лидерот. А тој, богами конечно се откри и неговата листа е долга. Гол е како царот во бајките.

Нејсе, картите се отворени. Се предупредуваше дека не е важно што ДИК решава во корист на власта. Врхушката нема друга излезна стратегија освен предизвикување дебела криза само за да не се соочат со суд што не е под нивна „сваровски“ контрола. Но, доцна е официјално да се промовира во диктатор, а треба да му е јасно и дека сите диктатори завршуваат исто на крај. Ако сепак предизвика дестабилизација, што дефинитивно не им е проблем, тогаш тој и неговите на крајот нема да се соочат само со процеси за кои се осомничени од СЈО. Идните генерации ќе ги паметат по некаков си македонски Нирнберг.

Сега наеднаш не е важно што тој ги преговараше и ги потпишуваше сите договори од Мајски до Пржински со помош на „омразените амбасадори“ единаесет години наназад. Кој го тераше, па сега не е важно што се отепа неговата партија од плаќање пари за неговиот имиџ и дома и надвор. Од кај им се парите, сите знаеме. Но, не е важно ништо што правеше 10-11 години. Веќе не треба ни да ни биде гајле дали тој и неговите спинери веруваат кога велат дека опозицијата воведува медиумска цензура или дека опозицијата ќе воведе двојазичност и федерализација. Ама воопшто не е важно ни дали послушниците веруват во овие лаги и дали не ја гледаат двојазичноста на секоја автобуска станица во Скопје, во автобусите на ЈСП, на аеродромот. Секаде во секојдневието ја имате двојазичноста, од бурекчилница до слаткарница и никому не пречи, освен кога врхушките ќе намигнат дека не е така.

Ништо веќе не важно. Ни тоа што тој и неговата „фамилија“, на мала врата, надвор од процедурата во Обединетите нации, според она што го чувме од телефонските раговори обелоденети од опозицијта, со две три придавки од позади или од напред им го „продаваше“ името на Грците. Ни тоа што нарачувал шамари за градоначалник, динамит за Космос, изборни местенки, криење на убиства, пиштоли во уста...

Царот е гол, луѓееее! И како Ќосето, спремен е брат врз брат да нафрли. Ако тоа не успее и меѓуетничките односи ќе бидат во игра. Да се повтори проклетата македонска историја и на двата начина. Но, белки нема да му успее со малку ум и разум од другата страна.

Тој мисли дека им пресудил на оние кои со години ги нарекува и третира како „предавници“ . Не, драги мои, тој си донесе сопствена пресуда. Неговите 5 заповеди се неговиот крај. Без разлика дали ќе заврши најпрвин во опозиција и на улица или ќе го снема во непознат правец. Прашањето е само колкава штета во меѓувреме ќе направи. Сме гледале слични приказни и не многу далеку од нас.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG