Достапни линкови

ДИК продолжува утре, исто и протестите


Оган пред ДИК за премрзнатите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:10 0:00

ДИК и утре ќе одржи седница за да расправа по последниот приговор на СДСМ. Комисијата досега прифати само еден приговор од БЕСА. Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ повторно протестираа пред седиштето на ДИК.

ДИК на денешната седница усвои еден приговор на БЕСА, а за последниот приговор од СДСМ не расправаше. Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски рече дека за тој приговор комисијата ќе се расправа на утрешната седница, која ја закажа за 11 часот со цел да се изготват сите донесени одлуки за да можат истите да бидат доставени. Останатите приговори беа отфрлени од членовите на комисијата, освен два кои беа повлечени од СДСМ.

Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ повторно, како и вчера, и денеска се собраа пред седиштето на ДИК, за како што велат, да не дозволат да биде украдена победата на владејачката партија. Тие пееја песни. Извикуваа „Уа“ и „Македонија“, „ВМРО ДПМНЕ“, а фрлаа и петарди и други предмети кон зградата каде е сместена ДИК. По завршувањето на седницата, Диме Спасов од ВМРО-ДПМНЕ порача дека ќе останат пред ДИК и дека не бегаат од никого.

„Волјата на народот ќе се испочитува. Победата е наша се гледаме утре во 11 часот“, рече Спасов.

Усвоениот приговор се однесуваше на гласањето во шестата изборна единица во Гостивар. Со 6 гласа за и 3 против, членовите на комисијата донесоа одлука да се поништи гласањето во изборното место, а доколку има разлика да има прегласување на истото.

Демонстрантите порачаа дека ќе протестираат се додека ДИК не ги потврди резултатите од изборите.

Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ пред ДИК: Може коалиција со ДУИ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:10 0:00

„Се додека не ги потврдат изборните резултати, така како што се ние ќе останеме. Сметаме дека ДИК излезе од своите ингеренции и почна да работи како судско тело надвор сите законски прописи“, рече еден од демонстрантите.

„Два пати ги пролонгиравте изборите, доста е. Нека ги отфрлат тие смешни приговори за кои нема никаква законска рамка и нека ја прогласат победа на ВМРО ДПМНЕ“, порача актерката и директор на Театарот комедија, Јелена Жугиќ пред присутните.

Членовите на ДИК уште од вчера расправаа по приговорот, кој беше усвоен, а спорно беше, според БЕСА тоа што на Фатиме Сулејмани и било оневозможено правото да гласа бидејќи некој претходно гласал во нејзино име. Во ДИК беа повикани на сослушување претседателот и членовите на изборната комисија, како и самата Сулејмани, по што беше донесена одлука да се изврши графолошко вештачење на потписот. Графологот денеска утврди дека нејзиниот потпис бил фалисфикуван.

Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ претходно на прес конференција уште еднаш повтори дека одлуката на ДИК за графолошко вештачење на потписот на Сулејмани е незаконска и е со цел да се фалсификува победата на неговата партија, при што во затвор ќе завршат невини луѓе со цел да се задоволат политичките амбиции на СДСМ.

„Ова е изборниот инженеринг за којшто предупредувавме како ВМРО-ДПМНЕ. Ова е сценариото на постизборен инженеринг што треба да биде реализиран по нечија наредба“, рече Тодоров.

СДСМ денеска ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации и ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека врши притисок врз ДИК.

„Граѓаните да останат спокојни зашто режимот заминува, а државата и институциите ќе бидат целосно ослободени. Му порачуваме на поразениот Никола Груевски веднаш да престане да ја носи Македонија кон граѓански судир“, е наведено во соопштението на СДСМ.

Јавното обвинителство соопшти денеска дека Основното јавно обвинителство – Гостивар по допрен глас оформило предмет за наводите изнесени на ДИК за тоа што се случило со гласот на Сулејмани.

Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG