Достапни линкови

logo-print

ВМРО-ДПМНЕ дала 1,6 милиони долари само за промоција во САД


Архивска фотографија - средба на Груевски со потпретседателот на САД, Џо Бајден.

Архивска фотографија - средба на Груевски со потпретседателот на САД, Џо Бајден.

За помалку од една година ВМРО-ДПМНЕ дале околу 1,6 милиони долари на американски консултантски компании за промоција на партијата во САД. Тоа е речиси колку цел буџет за 2014 на СДСМ. Трошат многу и несразмерно со економската состојба во државата, оценуваат антикорупционерите.

Од декември 2015 година досега ВМРО-ДПМНЕ дала повеќе од милион и 600 илјади долари само на американски консултантски и ПР компании. Оваа сума се добива ако се соберат парите што партијата ги дава на три различни американски компании главно со цел промовирање на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Никола Груевски пред официјални лица во Соединетите Американски Држави.

Договорот со Њу партнерс консултинг за месечна сума од 53 илјади долари беше во сила од први декември до 30 април, што значи дека партијата на таа компанија и исплатила околу 265 илјади долари. Со „Глобал секјурити иноватив“ ВМРО-ДПМНЕ имаше склучено два договора, исто така во времетраење од декември до април. Едниот договор беше во вредност од 35 илјади долари месечно, а другиот од 140 илјади долари месечно. Осумстотини седумдесет и пет илјади долари вкупно е сумата што се добива ако се соберат овие два договора за пет месеци. Со Дашл груп, пак, се уште договорот е во сила, а партијата плаќа по 49.500 илјади долари месечно. Досега ова значи дека на оваа компанија, ВМРО-ДПМНЕ и исплатила околу 500 илјади долари. Транспаренси Интернешнл и Центарот за економски анализи за изборите закажани во април годинава правеа мониторинг на трошењата на партиите од буџетот во перидот пред избори.

„Во тоа време она што утврдивме дека најмногу се прави од страна на политички партии, односно од страна на ВМРО-ДПМНЕ поконкретно беше на отворањето на канцелариите, на одржување на одредени собири и исто така и исто така многу беа застапени на електонските медиуми, најмногу на Фејсбук преку платени политички програми“, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл.

Вкупната сума што ја дава ВМРО-ДПМНЕ на маркетинг и промоција во САД е речиси слична со целосниот буџет на нивниот политички опонент СДСМ во 2014 година, и поголема од буџетот на опозициската партија во 2015 година.

На интернет страниците на партиите, ВМРО-ДПМНЕ ја има објавено завршната пресметка за 2014 година. Според неа тие имале приходи од 3,9 милиони евра и расходи од 3,6 милиони евра. Истата година СДСМ според објавената завршна пресметка имала приходи од 1,6 милиони евра, а следната 2015 година и помалку од еден милион евра.

„Фактот дека трошат многу, што е несразмерно со економската состојба на државата фактички говори дека од партијата што пред да стане партија на власт имаше проблеми со финансиското работење наеднаш стана партија што троши многу пари е прашање што е сосема легитимно и што треба да се провери од страна на надлежните органи“ вели Тасева.

Инаку ДУИ и ДПА на своите интернет страници воопшто и ги немаат објавено завршните пресметки. Партиите ги доставуваат извештаите до државните органи, но антикорупционерите имаат забелешка дека од нив многу и не може да се види и да се заклучи колкави се донациите, од кого, какви се трошењата, каков тип и други детали.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG