Достапни линкови

Бомба на СДСМ: Премиерот нарачувал шамари за Жерновски


Демолирање на изборни штабови, закани, крадење на избирачки списоци и нарачка на физички напад врз градоначалникот на Општина Центар од страна на премиерот Груевски, е објавено во полседната така наречена бомба на СДСМ.

Пред неколку стотици граѓани од Паркот во Капиштец во Скопје, СДСМ денска ја објави 23-тата така наречена бомба. Претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ, започна со објавување на сет нелегално прислушувани разговори, кои како што рече, ќе ги потсетеле граѓаните на Центар за уништени влезови, заглавени лифтови, скршени штабови и крадење на избирачки материјали.

Тука каде што бараш плацеви видовме дека ги донесе и ги злоупотреби твоите членови и вистински верници. Не за да ја браниш црквата, туку за да ги браниш твоите плацеви на Водно и да врзуваш шамари преку други луѓе. Но, треба едно да знаеш, дека тука во Центар каде што нарача демолирање, а исто така нарача и да ми врзат пет шамари, ти веќе доби пет шамари на локалните избори.

„Ќе слушнете еден пример на случај кој никогаш и никаде не би требало да се случи во ниедна слободна и демократска земја. Ќе слушнете само еден од многубројните примери на кршење на партиски штабови и демолирање на истите, кој стоел стоел позади нив“, вели Богдановиќ објавувајќи разговор меѓу Горгана Јанкулоска и Мартин Протогер, во кој според СДСМ го потврдувале кршењето на штабовите.

Богдановиќ со објавувањето на втоириот сет разговори истакна дека тие потврдуваат „кој е болниот ум“ што стои зад проектот Скопје 2014 и дека тоа бил премиерот Никола Груевски. Наместо како премиер на сите нормални држави да се занимавал со крупни државнички прашања, вели Богдановиќ, тој го бришел изгледот на Центар и Скопје.

„Ќе слушнете како самонаречениот голем патриот Никола Груевски, со грчкиот бизнисмен Кондоминас го усогласувал изгледот на Офицерскиот дом кој се наоѓа на Плоштадот Македонија. Ќе слушнете како ги нарекува своите криминогени другари и ќе сфатите дека наместо 43 илјади граѓани на Општина Центар, за се во Центар одлучувале Али Баба и 40- разбојници. Ќе слушнете како Груевски и Јанакиески признаваат дека цел плоштад е нивни и купен преку контроверзниот бизнисмен Алек-Теранова, кој пред некое време ја напушти државата“, рече Богдановиќ.

Тој продолжи со разговори, кои како што рече, потврдуваат дека премиерот Груевски е идејниот творец на барокниот ГТЦ, без консултира со граѓаните и архитектите.

„Освен што ги силувал граѓаните од Центар, ги притискал и им се заканувал, ќе видите како ги злоупотребувал и неговите сопартијци. Ќе видите дека бил подготвен на се. Дека ги наведувал на криминал и насилство, ќе видите како злоупотребува и црква и чувства на верници, само со една цел, за да ги заштите плацевите на Водно и милионите од Белизе, рече Богдановиќ.

При најавата на последниот прислушуван разговор, Богдановиќ рече дека веднаш потоа премиерот ќе треба да поднесе оставка, а државата да започне постапка против него. Разговорот, како што велат од СДСМ, бил меѓу премиерот Никола Груевски и министерот Миле Јанакиески, кои зборувале за физички напад врз градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

По објавувањето на разговорот. Жерновски му се обрати на премиерот, нарекувајќи го насилник којшто ја срами и сквернави функцијата претседател на Владата и оти наместо да работи во Владата, тој во комбе бараал плацеви во Центар и на Водно, за него и неговата фамилија.

„Тука каде што бараш плацеви видовме дека ги донесе и ги злоупотреби твоите членови и вистински верници. Не за да ја браниш црквата, туку за да ги браниш твоите плацеви на Водно и да врзуваш шамари преку други луѓе. Но, треба едно да знаеш, дека тука во Центар каде што нарача демолирање, а исто така нарача и да ми врзат пет шамари, ти веќе доби пет шамари на локалните избори“, рече Жерновски.

Владеачката партија поладнево излезе со реакција на тврдењата на СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со секоја нова прес-конференција, опозициската партија го покажувала очајот и немоќта во која е заглавена.

„Жално е и поразително што нивниот главен адут не се програма, идеи и проекти, туку сечени, монтирани, прилепувани и вадени од контекст материјали“, стои во реакцијата.

„Манипулацијата е видлива, СДСМ ќе извади разговори кои се однесуваат на сосема други ситуации и околности, ќе ги монтира и прилепи, и потоа ќе ги прикаже во неточен конктест кој само нив им одговара. Но дури ни тоа не им е доволно, па додаваат наратив и дообјаснување за лагата да биде потполна.“

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека вистината не е во сечените и прилепувани материјали, туку во она што навистина е направено и што е реално.

„Ниту шамар некому од опозицијата му бил удрен, ниту некој во ендек завршил, исто како што ниту некоја фирма била затворена поради политички мотиви или пак на било кого од опозицијата му е наштетено“, се вели во соопштението во кое се посочува дека плодот на работата на СДСМ во Општина Центар бил изградба на дивоградби, а на ВМРО- ДПМНЕ, реконструкција и проширување на булевари, мостови и паркови, нови автобуси, катни гаражи, плоштади, театри и државни институции, велат од владеачката партија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG