Достапни линкови

logo-print

Осма „бомба“ на СДСМ - Во Македонија немало избори, имало изборни кражби


Трибина на опозициската СДСМ во Универзална сала во Скопје. Владимир Лазовски.

Трибина на опозициската СДСМ во Универзална сала во Скопје. Владимир Лазовски.

Во неколку сетови на телефонски разговори може да се слушнат муабети за печатење на лични карти пред изборите, злоупотреби на изборен материјал, притисоци, поништување на гласање, организирање на гласање од страна на починати лица итн.

Во Македнија повеќе години наназад не се случувале избори туку имало изборна кражба, изборите се сведени на злоупотреби и криминал, се правеле манипулации, се газел изборниот процес, но се газело и врз луѓе и фирми, рече актерот Владимир Лазовски на вечерашната трибина на опозицискиот СДСМ што се одржува во Универзалната сала.

Во неколку сетови на телефонски разговори може да се слушнат муабети за печатење на лични карти пред изборите, злоупотреби на изборен материјал, притисоци, поништување на гласање, организирање на гласање од страна на починати лица и што ли уште не.

Како што велат од опозицијата, телефонските разговори се меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, заменик министерот за образование Спиро Ристовски, вицепремиерот Зоран Ставрески, директорот на УБК Сашо Мијалков, генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, како и други соговорници кои зборуваат за изборни манипулации.

Во првиот сет на разговори, како што велат од СДСМ, министерот Јанакиески прашува до каде се 300-те лични карти кои треба да се изготват за изборите во Ресен и во Струмица. Потоа гласовите, за кои од СДСМ тврдат дека се на Јанкулоска и Ристовски, разговараат за тоа дека не е до крај спроведена работата за личните карти и како некој не си ја сфатил сериозно обврската, на што женскиот глас вели дека тоа требало да се заврши брзо, а не „да не разберат до Шпанија“. Потоа соговорник му се јавува на, како што велат од СДСМ, министерот Јанакиеска, за да му пренесе дека некој дознал дека се прават лични карти, па министерот прашува од каде му е информацијата.

Во вториот блок на разговори се зборува за кражба на изборен материјал меѓу два круга на избори. Како што велат од СДСМ, министерот Јанакиески дошол од клуч од депо каде има црни вреќи со списоци и, тврдат од СДСМ, потоа се договара со директорот на УБК дали може да се ангажираат вешти луѓе да ги украдат тие списоци од вреќите кои веќе биле се запечатени од ДИК. По што гласот за кој од СДСМ велат дека е на Милајков, прашува за што ќе се тие списоци, на што другиот глас, за кој од СДСМ, велат дека е на Јанакиески вели „па да видиме кој излегол, а кој не и да им одиме од врата на врата, да вршиме притисок“.

Во следниот блок разговори станува збор за организирање на гласачи по општини, гласање на починати лица, како ВМРО-ДПМНЕ одлукува каде да се поништат избори, како и за математики како да се победи во една општина. Во еден од разговори, за кој од СДСМ, велат дека е меѓу Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, се слуша како тие зборуваат дека Амди Бајрам организирал да гласаат и луѓе починати во 2012. Се зборува и за гласањето во Куманово, дека без Албанците не може да победат, дури да се пишуваат приговори и да се поништуваат избори. Зборуваат и за луѓе од провинција кои гласаат во Скопје.

Во четвртиот блок од пуштените снимки, министрите, како што велат од СДСМ, и самите се згрозуваат од тоа што го прават и признаваат дека тоа не е во ред. Во еден од разговорите гласовите за кои од СДСМ тврдат дека се на Ставрески и на Јанкулоска се согласуваат дека тоа што се прави во Центар и на нив ни се смачило што се од ВМРО, а не пак на другите.

„И после Цацко ќе не е крив кога ќе излезе по извештаи, колкав и да е влогот не е за оправдување, дај да ја изгубиме и да се тргнеме, има граници“, заклучува машкиот глас за кој од СДСМ тврдат дека е на Ставрески.

Пендаровски - Режимот е на колена, но не е победен

По објавувањето на првичните снимки зборуваше и кандидатот на СДСМ на последните претседателски избори Стево Пендаровски. Тој рече дека „режимот е на колена, но не е победен“ и оти може да биде победен само со сплотеност на сите слободарски граѓани. Врхушката на власт ги држи киднапирани целокупната држава и народ, рече Пендаровски, кој додаде дека Македонија пред неколку години беше лидер во регионот, а сега е на опашката.

„Единствениот начин да му се спротивставиме е општонароден фронт од сите граѓани без оглед на вера и нација“, рече Пендаровски, кој нагласи дека треба да се направи слободарска коалиција и за најмногу еден до два месеци „да му кажеме збогум на режимот“.

Пендаровски рече дека Македонија не може да излезе од оваа ситуација без лузни и оти луѓе без хипотеки може да ја водат државата напред, а не оваа „банда криминалци која нè малтретира девет години“.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG