Достапни линкови

logo-print

Федерализација - измислена тема за избори


Избори 2016 - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ги посети општините Могила и Новаци

Избори 2016 - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ги посети општините Могила и Новаци

Тврдењата дека СДСМ сака да ја федерализира Македонија се најлесен начин за напад со што се одбегнува одговорност, оценуваат аналитичарите. Иако темите за меѓуетничките односи беа заборавени, ВМРО-ДПМНЕ инсистира на тоа дека тие ја бранат унитарноста, иако според аналитичарите никој не ја загрозува.

Зоран Заев ќе воведе двојазичност на целата територија. Ќе ја федерализира Македонија. Ќе ја наруши нејзината унитарност. Врз овие тези ВМРО-ДПМНЕ ја основа својата изборна кампања во која аналитичарите препознаваат национализам. Но, разликата од претходните избори, кога исто така се поттикнуваа вакви прашања, е што овој пат не се напаѓаат Албанците или партиите од тој блок, туку директно претседателот на опозициската партија Заев.

Полесно е да напаѓаш, отколку да се браниш, а таа тема за напад е оценето дека е најповолна, смета Алберт Муслиу од невладината организација Асоцијација за демократски иницијативи. Тој вели дека опозицијата инсистира на одговорност за дел на содржината на така наречените бомби и наместо власта да се брани полесно и е да напаѓа и како што додава, да се спинува целата приказна.

„Јас на пример никаде не сум слушнал, ниту од партиите на Албанците, ниту од опозицијата, прашањето за федерализација да се споменува, а гледаме дека владејачката партија сите тенденции за намалување на меѓуетничките тензии ги именува со терминот-федерализација. Јас ова повеќе го сметам како тенденција на владејачката партија да ги поткрене тие меѓуетнички тензии и врз основа на тоа да го намали бројот на гласачи на опозицијата и да ги згусне своите редови“, вели Муслиу.

Темата е чувствителна и тензична и доста е опасно што се игра со неа во предизборниот период, предупредува Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки. ВМРО-ДПМНЕ ја користи оваа тема само за политички маркетинг и етикетирање на политичкиот противник, тврди тој.

„Веројатно се употребува во недостиг на некои контра-аргументи на оние со кои опозицијата се обидува да добие глас повеќе, со тоа што ќе ги отвори овие теми ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го неутрализираат Социјалдемократскиот сојуз во освојување на етничките гласови од другите етнички заедници“, вели Гаџовски.

Инаку покрај СДСМ темата за употребата на албанскиот јазик високо на својата агенда ја турка и владиниот коалициски партнер ДУИ. Во изборната платформа што ја промовираа тие најавуваат и формирање специјална институција која ќе се занимава со употребата на албанскиот јазик, а на митинзи извикуваат УЧК. Но партијата на Али Ахмети засега не е во фокусот на нападите дека ќе ја федерализира Македонија. На претходните предвремени парламентарни и редовни претседателски избори во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беа во јавен конфликт поради инсистирањето на Ахмети за консензуален кандидат за шеф на државата. Груевски исто така бараше над 60 пратеници за да ја заштителе државата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG