Достапни линкови

Проглас на Груевски: ВМРО-ДПМНЕ не учествува во прегласување


Никола Груевски
Никола Груевски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска пред ДИК прочита проглас на партијата составен од 5 точки. Тој порача дека ДИК донела незаконски одлуки. Го повика судот да не ги прифати истите, а порача и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласување на изборите и нема да му дозволи на Заев да формира влада.

Ако Управниот суд, под притисок од странство, ги потврди незаконските одлуки на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласувањето, нема да ги признае резултатите и нема да му дозволи на „аболицираниот криминалец“ Зоран Заев да формира влада со фалсификување на волјата на граѓаните. Мора да запре мешањето на дел од странските амбасадори во внатрешните работи во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ нема да одржува состаноци со други партии во кои учествуваат претставници на други држави и нема да прифаќа нестандардни решенија кои ги нема во другите европски земји. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи кантонизација и редефинирање на државата и ќе се бори за „десоросоизација“ на Република Македонија. Ова е дел од прогласот што го усвоил Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а кој пред демонстрантите собрани пред ДИК вечерва го прочита партискиот лидер Никола Груевски.

Груевски – Амбасадори, престанете да ни се мешате во внатрешната политика!
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:34 0:00

Груевски беше пречекан со громогласен аплауз, а толпата го извикуваше неговото име и името на партијата.

„Работата на ДИК се претвори во пародија имаме информации за вмешување на странски претставници со цел влијание врз членовите на ДИК, а во правец на пост-изборен инжинеринг и фалсификување на изборната волја на граѓаните. Некој од независните претставници на ДИК не се независни“, рече Груевски.

Тој порача дека незаконски одлуки на ДИК ќе може да ги корегира Управниот суд и повика да не се врши притисок врз судот.

„Доколку и Управниот суд подлегне на влијание од страна и ги потврди незаконските одлуки на ДИК и се фалсификува слободна изразена волја на граѓаните ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласување и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување. Нема да дозволиме аболицираниот криминалец Зоран Заев да формира влада со фалсификувана волја на граѓаните на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи функционирање на институции со фаласификување на волјата на граѓаните“, рече Груевски.

Тој порача дека државата мора суверено да ги носи одлуките и обвини дека некои амбасадори почнале премногу да се мешаат во внатрешната политика во Македонија. Мора да престанат да го прават тоа, рече Груевски.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешно-политичките прашања во земјата и бараме да останат во рамки на своите мандати и овластувања како дипломати. ВМРО-ДПМНЕ го напушта формат на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или претставници на други држави, а на кои се преговара или се носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот“, рече Груевски.

Според него, партијата нема да прифаќа хибридни решенија доколку истите ги нема во други земји-членки на ЕУ. Груевски уште еднаш порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати кантонизација и реформирање на државата под било кои услови.

На крајот тој истакна дека ќе се борат за „десоросоизација“ и јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Тој посочи и дека ВМРО-ДПМНЕ историски, во сегашноста и во иднина била и ќе биде прозападно ориентирана партија, а нивната ориентација е членство во ЕУ и НАТО и стратешко пријателство со САД. Темелна нивна вредност, како што рече Груевски, е демократијата и оти овој проглас на партијата со цел заштита на истата.

Заев – Повикувам на трпение и воздржаност, доаѓа слободата

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вечерва ги повика граѓаните да не дозволат никакви провокации од никого „вклучително и од оној што 10 години ја упропастуваше Македонија“.

„Неговото време заврши“, порача Заев во соопштение што го објави на социјалните мрежи веднаш откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го прочита прогласот на партијата во кој се вели дека нема да учествуваат во евентуално прегласување и нема да му дозволат на Заев да формира влада.

Заев пишува дека институциите мора да си ја завршат својата работа согласно Уставот и законот.

„Од одлуките на ДИК и Управниот суд не зависи кој ќе формира Влада но тие се важни заради вистината и фактите. Граѓаните со огромно мнозинство гласови, повеќе од 600.000 гласаа за промени. Промените ќе се случат и тие незапирливо доаѓаат без разлика што на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ и е тешко тоа да го прифати. Промените се здрави за секоја држава така и за Македонија. Повикувам на достоинствено и трезвено однесување. Повикувам на трпение и воздржаност. Повикувам на одговорност кон државата и граѓаните. Доаѓа слобода за сите граѓани, за сите кои гласаа за промени и за сите кои беа уценети и притиснати од Груевски“, пишува Заев.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG