Достапни линкови

Политичката сцена веќе не е иста


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по соопштувањето на првичните резултати.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по соопштувањето на првичните резултати.

Со куса разлика во бројот на пратеници не постои добра постизборна позиција за Груевски, пишува Глобус. Фокус се прашува која е иднината на Груевски, а Република го обвинува Заев дека ја довел Македонија до раб на граѓанска војна.

Глобус - Веќе ништо навистина не е исто

„Корумпираните си ги трошат илјадарките, а партиите чекаат во ДИК да стигне решителноста“ – гласи насловот на изборната и постизборната анализа во Глобус, во која авторот наведува повеќе елементи карактеристични за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот прв човек, Груевски, за врeме на предизборната кампања и по вонредните парламентарни во неделата: за постојаното исчезнување на стравот од нив, за злосторството и казната, за забелешките на странците... На крај, Глобус пишува за променетата политичка сцена при што вели дека и со куса разлика во бројот на пратеници не постои добра постизборна позиција за Груевски, дури и да му биде даден мандат и тој да успее да најде партнер (ДУИ на пример) за владеење. Неделникот констатира дека политичката сцена, благодарение на политичката програма и тактика на Заев е драматично и неповратно сменета!

„Затоа што продолжи трендот на бинарна поделеност во македонскиот блок, но затоа СДСМ не е веќе само формално граѓанска партија, туку партија која со граѓанскиот концепт опфаќа поширок етнички простор. Во исто време, албанскиот политички блок се подели на четири политички групации со разбиен бинарен концепт. Три партии кои не беа на власт едноставно ја сомлеа екипата на Ахмети... Што и да се случува понатаму, веќе ништо навистина не е исто“, завршува Глобус.

Фокус - Иднината на Груевски – шота или Шутка!?

„Иднината на Груевски – шота или Шутка!?“ – извикува и прашува во исто време авторката на уводникот во Фокус. „А сè почна од 2008-та, кога Груевски ја претвори ВМРО во ДПМНЕ-хејтерска. Тогаш вшприцаа огромни дози омраза кон Грција. Секој нов изборен циклус, своите поданици ги хранеше со омраза кон нов субјект“ – пишува неделникот и продолжува да ги објаснува дејанијата на Груевски: Штанцаа ТВ-фабриките за лаги и халуцинации домашни предавници и надворешни непријатели 24/7.

„Оваа изборна дешаванка, пак, ја изигра со антиалбанството, палејќи ги најниските страсти на својата клиентела. Папагалски го плашеа граѓанството со Заев, кој ѓоа има план за федерализација, кантонизација и двојазичност“ – потсетува Фокус и завршува: „Арно ама, ДПМНЕ се соочува со бумеранг-ефект од своите хејтерски бљувотки. Ахмети и Тачи што му беа „верни до смрт“ сега се казнети „до смрт“ од гласачите, преполовени де“.

Република - Заев ја доведе Македонија до раб на граѓанска војна

За Република, Заев ја довел Македонија до раб на граѓанска војна и не било за изненадување што тој и раководството на СДСМ одбивале чесно да признаат пораз и да му ја честитаат победата на противникот. Република потоа ги обвинува СДСМ и Беса дека „сакаат со прегласување меѓусебно да си ги поделат гласовите на штета на двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ... и СДСМ на тој начин повторно би дошол во ситуација да ја погази народната волја и да го украде мандатот за формирање влада“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG