Достапни линкови

Вести

Амбасадорката на САД Брнс се сретна со независните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

Американската амбасадорка во Македонија, Кејт Брнс
Американската амбасадорка во Македонија, Кејт Брнс

Амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнс денеска се сретна со членови од групата од осумте независни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Таа на Твитер соопшти дека имале продуктивна средба со пратениците за важноста на поддршката на континуираните реформи, вклучително и законот за Јавно обвинителство кој, како што наведува, „ги унапредува целите за владеење на правото, транспарентност, одговорност и добро владеење“, напиша Брнс на Твитер.

За донесувањето на Законот за јавното обвинитество подолго време има несогласувања меѓу власта и опозицијата. Законот е на дневен ред на 108. седница во Собранието, а за предлогот беа доставени десетици амандмани, од кои дел беа усогласени.

Минатата недела претседателот на Собранието Талат Џафери по брифинг со новинарите изјави дека има најави за нов предлог закон, но посочи дека Собранието не работи по најави, туку по конкретен предлог и дека јавноста ќе биде информирана докoлку добие конкретен предлог.

„Процедурално или може да се продолжи седницата 108. по таа точка или да се оди со нов текст на закон. Во редовна постапка не може да се стигнат процедурите за да се донесе нов текст на закон, во скратена постапка да, може. По претпоставка ако е усогласен текстот од сите политички партии тоа значи дека сите се согласни да обезбедат соодветно мнозинство кое што е потребно, т.е. двотретинско мнозинство, минимум 80 гласа „за“, рече Џафери.

Албанија одобри отворање македонски КИЦ во Тирана

Парламентот во Албанија.
Парламентот во Албанија.

Албанскиот парламент на денешна седница ја ратификуваше Спогодбата за отворање на Македонски културно – информативен центар во Тирана, пренесува МИА. На седницата за значењето на центрите кои се отвораат во Тирана и во Скопје, зборуваше пратеникот од партијата Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски.

„Отворањето на овие културно-информативни центри во Тирана и Скопје ќе ги интензивираат културните односи меѓу двете земји, ќе го зајакне понатамошниот развој на односите меѓу Албанија и Македонија, ќе се развие и зајакне меѓукултурната соработка и ќе се создадат услови за уметници од двете држави да ја претстават својата работа во двете држави“, рече Стерјовски.

Тој додаде дека овие културно-информативни центри ќе ја шират и презентираат албанската култура во Македонија и македонската култура во Албанија преку организирање разни настани, изложби, литературни и научни предавања, филмски проекции, промоција во медиумите
и обезбедување информативни услуги за заинтересираните граѓани на двете страни.

Додик не даде согласност Ѓукановиќ да дојде во посета на БиХ

Милорад Додик.
Милорад Додик.

Претседателството на БиХ на редовна седница денеска, не постигна потполна согласност за повик на претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ да дојде на службена посета во Босна и Херцеговина. Против беше членот на Претседателството од редот на српскиот народ Милорад Додиќ.

„Не се согласив со доаѓањето на претседателот на Црна Гора Мило Ѓуконовиќ во посета на Босна и Херцеговина“, изјави Додик за новинарите по редовната седница на Претседателството и објасни дека тоа го направил поради актуелните случувања во Црна Гора.

Претседателството на БиХ на осмата редовна седница донесе одлука дека ќе го повика претседателот на Република Франција Емануел Макрон во службена посета на БиХ, се вели во соопштението на Претседателството.

Прифатен е и повик кон генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш да учествува на втората Глобална конференција за одржлив транспорт и повик за учество на Самитот на лидерите за одбележување на 20-годишнината од основањето на Глобалниот пакт на ОН.

Турција погодила 54 цели во Сирија и неутрализирала 76 војници

Турски воен конвој од вооружени возила се движи кон сириската провинција Идлиб. 02.02.2020.
Турски воен конвој од вооружени возила се движи кон сириската провинција Идлиб. 02.02.2020.

Турските сили погодија 54 цели во северозападниот дел на сириската провинција Идлиб и „неутрализираа“ 76 сириски владини војници, изјави денеска турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, пренесува турската новинска агенција Анадолија, јавува Ројтерс.

Анкара претходно соопшти дека во сириското гранатирање убиени се пет турски војници во Идлиб. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе се освети.

Акар исто така е цитиран како вели дека турските вооружени сили ги преземале „сите мерки“ во Идлиб, додавајќи дека Анкара за тоа ја известила Москва, која го поддржува сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Сириската невладина опсерваторија за човекови права соопшти дека се убиени шест сириски војници во одмазда на турските сили на нивниот напад во Идлиб.

„Турските сили испукаа десетици ракети во знак на одмазда на нападот кој траеше до зори против силите на режимот, јужно од градот Саракеб“, наведе Опсерваторијата.

Турција распореди свои војници на 12 набљудувачки пунктови во регионот Идлиб во рамки на договорот постигнат со Русија наменет за спречување на насилствата во областа, која е последно упориште на милитантите и бунтовниците во Сирија.

Меѓутоа, силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад, помогнати од Москва, минатата недела ја засилија офанзивата во Идлиб и извршија повеќе артилериски напади.

Половина од провинцијата Идлиб, како и соседните територии Алепо, Хама и Латакија, главно се под контрола на милитантите поврзани со Ал-Каеда, како и со ослабнатите групи на бунтовниците.

Средба на Зеленски и Ердоган за зајакнување на трговијата

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на средба во Киев.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на средба во Киев.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски се сретна со неговиот турски колега во Киев, на разговори кои се очекува да бидат фокусирани на трговијата.

На состанокот во претседателската палата Марински, Зеленски и Реџеп Таип Ердоган треба да разговараат за начините за „зајакнување на стратешкото партнерство и соработката во сите области на интеракција“ според соопштението на украинското претседателство.

Двајцата лидери кои последен пат се сретнаа во август во Анкара, исто така треба да претседаваат и со осмиот состанок на Стратешкиот совет на високо ниво и да присуствуваат на бизнис форумот меѓу Украина и Турција.

Зеленски, кој е поранешен комичар, победи на претседателските избори во април 2019 година на ветувања дека ќе ја искорени корупцијата и дека ќе ја подобри економијата во Украина.

Тој исто така се обврза дека ќе стави крај на долгогодишниот конфликт со сепаратистите поддржани од Москва во источна Украина, во кој загинаа повеќе од 13.000 луѓе од април 2014 година.

Ердоган, кој во последните години ги зајакнува односите со Русија, решително се спротивстави на руското анектирање на Крим во март 2014 година, особено зборувајќи за кримските Татари кои се етничко турско малцинство.

Данска уапси тројца Иранци за шпионирање

Илустрација: знамињата на Иран и Саудиска Арабија.
Илустрација: знамињата на Иран и Саудиска Арабија.

Данската служба за разузнавање (ПЕТ) соопшти дека уапсила и обвинила тројца членови на иранското сецесионистичко движење, поради сомненија за шпионирање за Саудиска Арабија во Данска.

Тројца членови на Арапското борбено движење за ослободување на Ахваз (АСМЛА), група која бара посебна држава за етничките Арапи во иранската југозападна провинција Хузестан, спроведувале шпионски активности од 2012 до 2018 година, се вели во соопштениото на ПЕТ на 3 февруари.

Во него се вели дека трите лица „собирале информации за поединци во Данска и во странство и меѓу другите работи, ги пренеле овие информации до саудиските разузнавачки служби.“

Расправата за притворот се очекува да се одржи на 4 февруари.

„Ова е многу сериозен случај, каде Саудиска Арабија и Иран го донесоа своето ривалство во Данска“, изјави шефот на ПЕТ Фин Борх Андерсен.

Случајот е поврзан со полициска операција во 2018 година за наводен ирански заговор да се убијат еден или повеќе противници на иранската влада, рече Андерсен.

Џонсон: Британија нема да ги подрива европските стандарди

Архива - Британскиот премиер Борис Џонсон.
Архива - Британскиот премиер Борис Џонсон.

Велика Британија нема да спроведува никаква „нелојална конкуренција“ кон Европската унија, за што има стравувња во Европа после Брегзитот, изјави денеска британскиот премиер Борис Џонсон зборувајќи за идните односи со 27-те земји членки на Унијата.

„Нема да се впуштаме во никаков дампинг, трговски, економски или еколошки“, како што стравува Брисел, рече Џонсон обврзувајќи се дека нема да ги подрива европските стандарди, во говор во кој ги изложи клучните точки од ставот на неговата земја во преговорите со ЕУ за идните односи после Брегзитот.

Исто така тој рече дека Британија нема да се усогласува со европските регулативи како цена за слободна трговија.

„Дали ќе инсистираме да тоа ЕУ да прави исто како и ние како цена за слободна трговија, секако дека нема. Не гледам причина на тоа да се обврзуваме со договорот со ЕУ. Ќе го вратиме полниот суверенитет над нашите граници, имиграцијата, конкуренцијата, прописите за субвенциите, заштита на податоците“, рече Џонсон.

Тој додаде и дека соработката со Европа за прашањата за одбраната и надворешнта политика, не мора нужно да бидат ставени во договорот.

ЕУ денеска објави дека е подготвена да договори со Велика Британија „многу амбициозен трговски договор“, но го предупреди Лондон дека е против секаков обид за нелојална конкуренција.

Со тој договор, како што предлага ЕУ, би се отстраниле сите царини и квоти на стоката разменета со земјите на Унијата, што ЕУ досега тоа никогаш не го предложила на своите партнери, изјави главниот европски преговарач за Брегзит Мишел Барни.

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен сепак предупреди дека нивото на британскиот пристап на европскиот единствен пазар ќе зависи од британското усогласување со прописите на ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ: Заев се обидува да ги одложи изборите

Архивска фотографија- Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски
Архивска фотографија- Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска наведе дека изјавата на претседателот на СДСМ Зоран Заев е “повторен обид за одлагање на изборите и уште еден доказ дека знае дека народот не го сака и ќе биде убедливо поразен“.

„Кога Заев виде дека не може да му помине закон за јавно обвинителство за да се спаси од одговорност сега се обидува да одложи избори. Со една реченица власта на Заев му треба за да избегне одговорност за криминалот и корупцијата“, наведе Николоски.

Заев денеска, по рочиштето за случајот „Монструм“ каде што беше повикан како сведок, рече дека Законот за јавно обвинителство, протоколот за НАТО и Законот за одбраната, се дел од агендата што е договорена од сите партии да се заврши до распуштањето на Собранието на 12 февруари и дека ако некој го прекрши тоа, дотогаш распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите нема да се случи.

Боки 13 останува во притвор, Апелација ја одби жалбата

Архивска фотографија- Oбвинитиот Бојан Јовановски и адвокатот Сашко Дукоски на судењето за случајот Рекет.
Архивска фотографија- Oбвинитиот Бојан Јовановски и адвокатот Сашко Дукоски на судењето за случајот Рекет.

Апелацискиот суд ја одби како неоснована жалбата на Бојан Јовановски, обвинет во случајот „Рекет“ и го потврди првостепеното решение, со кое тој останува во притвор.

„Апелацискиот суд по одржана јавна седница, донесе одлука со која жалбата на обвинетиот Б.Ј од изјавена преку неговиот бранител ја одби како неоснована, а првостепеното решение, со кое е продолжена мерката притвор, против обвинетиот го потврди“, се вели во соопштението до Апелација.

На јавна седница во Апелација одржана на 22 јануари, адвокатот на Бојан Јовановски, рече дека обвинетиот се наоѓа во притвор шест месеци, а е однесен на преглед 60 пати, што ја претвора мерката притвор во казна. Адвокатот посочи и нов медицински извештај од 14 јануари 2020 година од субспецијалист, во која абдоменалниот хирург предлага операција веднаш и обвинетиот да се стави на строг хигиено-диететски режим со оглед на честите улкусни лезии.

Кремљ најави можен разговор на Путин и Ердоган за Сирија

Архивска фотографија- Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков
Архивска фотографија- Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков

Официјален Кремљ соопшти дека, ако се неопходни, можно е да се организираат разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган откако двете сили се судрија по турската воена акција во која турските сили убија десетици сириски владини војници кои се поддржани од Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков ова го соопшти денеска, неколку часа откако Ердоган пред новинарите во Истанбул рече дека Москва не треба да се инволвира во ситуацијата во која турските сили извршија напад во последното упориште на сириските бунтовници Идлиб. Ердоган рече дека според првичните информации 30-35 сириски војници биле „неутрализирани“, додека турските власти соопштија дека шест нивни војници загинале во интензивните напади од сириските бунтовници кои биле повод за нападот.

Турција и Русија, кои поддржуваат спротивни страни во Сирија, се согласија да работат на намалување на борбите во Идлиб и да создадат демилитаризирана зона. Како и да е, силите на сириската влада поддржани од Русија, преземаа офанзива во Идлиб последниве недели. Минатиот месец Ердоган рече дека тие го губат трпението со воениот напад во сириската провинција Идлиб, последното упориште на опозицијата. Тој ја обвини Русија дека не ги почитува договорите со кои треба да се заврши насилството таму.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG