Достапни линкови

Заев не ја исклучи можноста за одложување на изборите


Архивска фотографија- претседателот на СДСМ Зоран Заев

Законот за јавно обвинителство, протоколот за НАТО и Законот за одбраната, се дел од агендата што е договорена од сите партии да се заврши до распуштањето на Собранието на 12 февруари. Ако некој го прекрши тоа, дотогаш распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите нема да се случи, изјави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев по сведочењето во кривичниот суд за предметот „Монструм“.

Прашан дали е можно одложување на изборите доколку не се донесе Законот за јавно обвинителство, Заев рече не, но истакна дека е многу важно договреното да се изгласа во Парламентот.

„Кога ќе се гласа во Парламентот може да се донесе или да не се донесе. Друга опција нема, но на 12 февруари треба да се распушти. Ако се обидува опозицијата да го минира, да го блокира или на кој било начин неговото донесување, односно гласање, тогаш нормално дека Парламентот нема да се распушти се додека не заврши процесот на изјаснување за Законот за јавно обвинителство, како и за протоколот за НАТО или Законот за одбраната или сличните закони“, рече Заев.

Посочи дека дел од агендата за која што се договориле сите е дека овие законски решенија до распишување на изборите и распуштање на парламенот ќе се изгласаат.

„Ако некој го прекрши тоа, тогаш нормално дека распишувањето на изборите и распуштање на изборите нема да се случи. На 12 април се изборите. Убаво е на 12 февруари, како што објави Талат Џафери тоа да се случи. Изборите се распишуваат и Парламентот се распушта од 45 до 60 дена. Значи имаме 15 дена за распуштање на Парламентот и распишување на изборите, како што законот и Уставот тоа го дава, но јас верувам дека се ќе биде завршено на 12 февруари“, изјави Заев.

Инаку деновиве се интензивираа средбите меѓу политичките партии за усогласувањето на Законот за ЈО, а се одржа и јавна расправа на која мислењето го кажаа и експертите.

Носењето на Законот за јавно обвинителство, пак, се актуализира последниве недели откако еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји рече дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.

XS
SM
MD
LG