Достапни линкови

Вести

Мета повика на протест „За Републиката, Уставот, нацијата, единство на народот“

Албанскиот премиер Илир Мета
Албанскиот премиер Илир Мета

Албанскиот претсдател Илир Мета ги повика Албанците на протест на 2 март, против актуелната влада под мотото „За Републиката, Уставот, нацијата, единството на народот“. Од кабинетот на Мета објаснуваат дека целта на овој мирен протест е да се подигне свеста на Албанците за одбрана на нивниот суверенитет.

И така заладените односи на релација претседател – влада уште повеќе се влошија по одземањето на уставната надлежност на претседателот за именување судии во Уставниот суд и давањето заклетва пред него на уставните судии.

Од кабинетот испратен е допис до генералниот директор на полицијата Арди Велиу, со кој го информираат за денот, времето и местото на протестот и се бара преземање соодветни мерки за да се обезбеди јавен ред и безбедност.

Претседателот Мета овој протест го најави на 19 февруари, кога на вонредна прес-конференција ги повика граѓаните да протестираат поради, како што го нарече, „државниот удар“ кој сака да го финализира владејачкото мнозинството со преземање на контролата врз Уставниот суд.

Обединетата албанска опозиција најави дека ќе го поддржи протестот.

ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за Заев, реформи и ревизија на врховните судии

Протест на ВМРО-ДПМНЕ против неправда.
Протест на ВМРО-ДПМНЕ против неправда.

На протестот во организација на ВМРО-ДПМНЕ против неправдата, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски испрати три барања. Тој побара истрага за доскорешниот премиер, лидерот на СДСМ, Зоран Заев за злоупотреба на службена положба, итна реформа на Советот за реформи во правосудството и ревизија на работата на врховните судии и нивните одлуки.

Протестот започна од пред зградата на Јавното обвинителство вечерва во 18:15 часот, по што поддржувачите на оваа партија и присутните граѓани се движеа по кејот на реката Вардар, се до Врховниот суд. На протестот присутните граѓани извикуваа „Сакаме правда“, „Никогаш Северна, само Македонија“, пееја патриотски песни, вееја македонски знамиња, а главниот транспарент беше „Заев е виновен“.

Мицкоски пред Судот во обраќањето пред насобраните граѓани рече дека протестираат оти неправдата станала неподнослива. Тој вели дека аудио материјалот, кој пред некој ден беше објавен на прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ, покажува дека мафија владее со секоја власт која треба да биде независна.

Пратеникот на опозицијата Антонијо Милошоски на прес-конференција објави снимка, на која, како што рече се слуша гласот на порaнешниот премиер Зоран Заев како тој носел одлуки во име на Врховниот суд и на СЈО и оти бил во дослух со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за сите нејзини одлуки.

Мицкоски побара тим од обвинители да состават обвинение против Заев, по кое тој ќе одговора за попречување на правдата. Но обвинители, кои ќе бидат прифатени од експертската јавност. Што се однесува до реформите на Советот Мицкоски вели дека додека да се направат тие, работата на Советот треба да биде суспендирана, а побара и меѓународна експертска помош во реализирање на реформите. Доколку ревизијата на работата на врховниот судии покаже неправилности кај некого, Мицкоски рече дека од нив очекува оставки.

„Очекуваме брза реакција, а доколку ја нема, народот е тука и знае што треба да направи и каков одговор следи на 12 април“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека има неколку виновни за тоа што неправдата ја победува правдата, но дека Заев е највиновен.

„Зоран Заев е виновен, затоа што во исто време е премиер, обвинител и судија. Виновен е затоа што е главен рекетар, главен забавувач кога се во прашање гафовите и трговец со виталните органи на нашата Македонија. Не му е тешко да украде, да изгуби, да се осрамоти, но не му барајте да биде чесен, затоа што е нечесен, а и најлесно му е да не ја говори вистината да излаже. Тој и пука право во чело на правдата со умисла и без каење“, рече Мицкоски.

Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ беше казнето на локалните избори, но дека ја научиле лекцијата и дека сега на ред е да биде казнет и СДСМ, оти како што вели убивањето на правдата и отсуството на резултати, донеле апатија.

„Ја разбирам апатијата, тоа апатија ја посакува СДСМ. Но оваа енергија значи победа и обнова, шанса народот да си ја врати земјата во свои раце. По следните избори нема да биде исто како сега, ние го ветуваме тоа, а нашиот збор вреди повеќе од зборот на Заев“, рече Мицкоски.

Пред една недела за правда маршираше и СДСМ.

САД ги критикува Кина и Иран за справувањето со коронавирусот

Заболен со коронавирус во Иран.
Заболен со коронавирус во Иран.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ги критикуваше Кина и Иран поради нивниот одговор на епидемијата од коронавирусот, обвинувајќи ги двете влади за цензура и за обид за прикривање на сериозноста од ширењето на заразата.

Тој го нападна Пекинг поради протерувањето на тројца новинари од Вол Стрит Џурнал и рече дека слободата на медиумите е потребна за точните информации за вирусот да стигнат до јавноста. Тој исто така рече дека иранските власти мора да ја кажат вистината за вирусот, назначувајќи дека епидемијата во таа земја може да биде многу пораширена отколку што официјално се признава.

На прес-конференцијата во Стејт-департментот, Помпео рече дека кинеските власти и другите земји би биле многу поподготвени да се соочат со предизвикот кога Кина би им дозволила на своите и на странските новинари и на медицинскиот персонал да зборуваат и истражуваат слободно. Тој рече и дека САД се загрижено поради тоа што владата во Техеран можеби прикрила витални детали за епидемијата. Иран е втор по бројот на заболени од коронавирусот по Кина. Властите денеска соопштија дека шефот на државниот штаб за борба против вирусот заболел од коронавирус. Од вирусот кој се појави во Кина досега се заразени над 80 илјади луѓе во светот, а повеќе од 2500 починаа, главно во Кина.

Деркоски - Нема гласање без важечки лични документи

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски апелираше до изборите сите гласачи да ги искористат сите можности на институциите и да извадат лични документи, да се запишат или да променат одреден податок во Избирачкиот список.

„Ниту еден избирач нема да може да гласа без важечки личен документ на предвремените парламентарни избори на 12 април“, вели Деркоски.

Тој повика околу 38.000 лица кои не ги подигнале своите лични документи во МВР да го сторат тоа, бидејќи без нив нема да можат да гласаат на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Според Роковникот за изборите утре почнува увидот во Избирачкиот список и собирањето потписи за кандидати за пратеници. Деркоски вели дека од Државниот завод за статистика го добиле преработениот Избирачки список и оти од утре сите граѓани кои се заинтересирани да учествуваат на изборите ќе можат да си ги проверат податоците преку веб-страната на ДИК и во подрачни канцеларии. Во моментот во Избирачкиот список се запишани еден милион осумстотини седумнаесет илјади и 28 запишани во Избирачкиот список.

Доколку има заинтересирана група граѓани кои сакаат да соберат илјада потписи може да поднесат своја кандидатска листа. Измени има освен што во канцелариите на ДИК, потписите ќе можат да ги собираат и пред овластени нотари, рече Деркоски. Во ДИК во тек е и пријавување државјаните од дијаспората во Дипломатско-конзуларните претставништва и преку онлајн апликација на веб – страната на ДИК.

Грција ќе гради затворени центри за мигранти и бегалци

Протест на локално население во Лезбос против изградба на центар за мигранти.
Протест на локално население во Лезбос против изградба на центар за мигранти.

Грчката влада ќе започне со изградба на затворените центри за бегалците и мигрантите кои се сместени на грчките острови. Портпарол на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека веќе се одржал исцрпен дијалог со локалните власти, но дијалогот не може да трае вечно, ниту да биде алиби за неактивност. Тој вели дека во случај да има нов обид од локалното население да ја спречи изградбата ќе сторат сè што е потребно за да се спроведе владиниот план”.

Пецас вели дека овој план е во корист на земјата.

„Особено сега кога се во пораст прашањата поврзани со јавното здравје, сите сфаќаат дека прашањата како што е коронавирусот, можат брзо и ефикасно да третираат во еден затворен центар, отколку во нерегулиран отворен центар што е санитарна бомба. Ги повикуваме граѓаните и локалните власти да имаат доверба во нас“, рече Пецас.

Меѓународните организации ги критикуваат условите во камповите на островите и апелираат Грција да ја олесни работата на пренатрупаните бегалски центри.

Скоро 75.000 луѓе дојдоа во Грција од Турција во текот на 2019 година, според агенцијата за бегалци на ОН, што е околу 50 проценти повеќе во однос на претходните години.

Помпео - Авганистан има историска можност за мир

Американскиот државен секретар Мајк Помпео со авганистанскиот претседател Ашраф Гани.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео со авганистанскиот претседател Ашраф Гани.

Авганистан има историска можност за мир, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео, откако Вашингтон постигна привремено примирје со талибанците.

Помпео денеска изјави дека ако примирјето се покаже како успешно, американскиот претседател Доналд Трамп може да потпише мировен договор со талибанците некаде околу 29 февруари, со што треба да се стави крај на најдолгата војна во која учествува САД.

На почетокот од овој месец, двете страни најавија еднонеделно „намалување на насилството“, што стапи на сила од почетокот на 22 февруари.

Во Авганистан има 12 илјади американски војници.

Патникот од Дубаи нема коронавирус, има грип

Архивска фотографија- министерот за здравство Венко Филипче
Архивска фотографија- министерот за здравство Венко Филипче

Патникот што допатувал од Дубаи и кој имаше симптоми слични на грип, а беше хоспитализиран на Инфективната клиника нема коронавирус. Тестирањето на пациентот покажало дека тој бил позитивен на Инфлуенца тип Б.

Тој допатувал пред неколку дена во земјава по шестдневен престој во Дубаи. Имал симптоми слични на грип. Направени биле тестовите и кон ова лице се постапувало со целото внимание како за сомнителен случај заболен од коронавирус, велат од Министерството за здравство.

Од таму апелираа сите кои доаѓаат од критичните региони да се придржуваат до препораките во упатството и доколку почувствуваат некои од симптомите да не се шетаат низ здравствените установи, туку да се јават на телефоните за Институтот за јавно здравје. Од Министерството потенцираа дека здравствениот систем е подготвен и оти располага со доволен број на кревети, маски, мантили и скафандери.

На Инфективна клиника синоќа беше хоспитализиран и патник кој вчера пристигнал од Милано во Скопје со попладневниот лет на „Визер“. Лицето е тестирано и нема коронавирус, потврдија од Министерството за здравство. Пациентот имал лесна клиничка слика, нема покачена телесна температура и неговата состојба е стабилна.

Рускиот дипломат во Женева бил воен разузнавач

Илустрација
Илустрација

Русинот, кој во швајцарскиот град Женева, бил акредитиран како дипломат всушност бил воен разузнавач поврзан со таен тим кој вршел труења низ Европа, се наведува во новиот извештај на истражувачката организација Белигкат. Денешниот извештај е последниот за операциите на тајните руски агенции и во него се изнесуваат мислењата на експертите според кои Москва презема агресивни методи за разузнавање, саботажи, па дури и атентати низ светот.

Во март 2018 година поранешниот руски агент Сергеј Скрипал, заедно со неговата ќерка за малку не ги загубија животите откако беа нападнати, според британските експерти со нервен гас. Белигкат подоцна соопшти дека има докази кои покажуваат дека зад инцидентот стоеле руски воени разузнавачи.

Истата истражувачка организација објави и извештај во кој ја обвинува руската разузнавачка служба дека е одговорна за труењето на бугарскиот трговец со оружје во Софија во 2015 година. Во декември бугарските власти отворија своја истрага, а минатиот месец обвинителството обвини тројца Руси, а ИНТЕРПОЛ објави и потерници по нив.

Влада: Да се одложат патувањата и екскурзиите во Италија

Архивска фотографија- седница на Владата на Република Северна Македонија
Архивска фотографија- седница на Владата на Република Северна Македонија

Владата денеска на седница донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје. На граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот.

Ова се дел од повеќето заклучоци кои Владата денеска на 11. седница ги донесе од интерес за заштитата на јавното здравје и здравјето на граѓаните, а врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со коронавирусот на Министерството за здравство и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Владата, како што соопшти владината прес-служба, му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот, како и соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.

На седницата утврден е заклучок Министерството за здравство да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.

Владата донесе заклучок да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир. Меѓу заклучоците од 11-тата седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките, стои во соопштението.

Мета: во „државниот удар“ во Албанија се вмешани и странски амбасадори

Архивска фотографија- Албанскиот претседател Илир Мета
Архивска фотографија- Албанскиот претседател Илир Мета

Албанскиот претседател Илир Мета, зборувајќи за, како што го нарече, „државен удар“, обвини меѓународни претставнци дека се вмешани во него, додавајќи дека „амбасадорите излегле од нивниот дипломатски статус во Албанија“.

„Зошто тие излегоа од нивниот дипломатски статус во Република Албанија? Замислете исто како албанската амбасадорка во Рим да ја доведе во прашање уредбата на Претседателот на Италија! Тие ќе ја спакуваа и за 24 часа ќе беше на аеродромот во Тирана. Сепак, тие го сторија тоа, иако им реков дека ова не е барање за Венецијанската комисија, бидејќи е смешно. Некои соработници веќе се познати, но има и други. Се сомневам дека за жал ќе се појават и меѓународни соработници во овој чист чин и обид за државен удар“,рече Мета.

На прашањето дали доколку граѓаните на протестот на 2 март побараат да го распушти парламентот, тој ќе го стои тоа, Мета не даде директен одговор. Сепак, рече дека претседателот на републиката ќе биде во целосна хармонија со граѓаните „вршејќи ја должноста за враќање на уставниот поредок“.

Инаку Мета го организира протестот што треба да се одржи на плоштадот Народни Херои во Тирана. Обединетата албанска опозиција, предводена од Демократската партија најави дека ќе го поддржи протестот.

Односите на релација претседател – влада во Албанија се влошени одамна, ауште повеќе се влошија по одземањето на уставната надлежност на претседателот за именување судии во Уставниот суд и давањето заклетва пред него на уставните судии.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG