Достапни линкови

Деркоски - Гласачите од Пустец сè уште се на избирачкиот список


Деркоски – Изборите ќе чинат над 8 милиони евра
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:46 0:00

Деркоски – Изборите ќе чинат над 8 милиони евра

Во избирачкиот список веројатно е дека сè уште се наоѓаат гласачите од Пустец, сè додека ја имаат личната карта и пасош, вели Оливер Деркоски, претседател на Државна изборна комисија (ДИК) во неделното интервју на Радио Слободна Европа. тој зборува и за подготовките за изборите, за активностите на партиите пред избори и за тоа колку ќе чинат претстојните предвремени избори.

Господине Деркоски, до каде е Државната изборна комисија со подготовките за предвремените парламентарни избори?

Државната изборна комисија со оглед на тоа што треба да го дочека моментот на распишување на изборите, се подготвува, но ги прави оние неопходни подготовки за претстојниот изборен процес, меѓутоа сепак ќе мораме да почекаме да се распишат изборите за да почнеме да ги спроведуваме тие дејствија, претежно од организациски карактер се со цел да се превенираат одредени настани во идниот период кои ќе следат.

Изборната кампања официјално се уште е започната, но на терен веќе се гледаат партиските активности во однос на кампања. Зошто досега ДИК не иницираше некакви измени на законот со кои би можела да има надлежност и да влијае и да реагира на предвремено почнување на кампања?

Согласно сегашните законски одредби од моментот на распишување на изборите, ние имаме надлежност и одговорност да реагираме во такви ситуации, инаку во меѓуизборниот период нема таква надлежност и не можете да оквалификувате настани дали се или не се изборни настани, затоа што се уште не се распишани избори. Не можете да им забраните на политичките партии и субјекти во нашата држава да функционираат и да комуницираат со своите гласачи, со граѓаните.

Имате ли направено одредена пресметка за тоа колку ќе чинат овие предвремени парламентарни избори?

Согласно она што го видовме со предлог буџетот кој што е во собраниска процедура, пресметките се дека се предвидени нешто над 6,7 милиони евра за претстојните избори. Имам информација дека тука ќе има амандманска интервенција со некаде уште милион и пол евра што значи некаде над 8 милиони евра ќе чинат овие избори. Тука морам да напоменам дека се вклучени и парите што ќе потрошат и медиумите. Затоа што сега согласно најновите законски измени од изборниот законик од минатата година медиумска кампања што се води за време на изборната кампања ја плаќа државата, и се претпоставува дека најголем дел од тие пари ќе одат кај медиумите. Додека организацискиот дел односно спроведувањето на изборите и така натаму, она што е основна надлежност на Државната изборна комисија ќе чини нешто помалку од 3 милиони евра.

Во изминатиов период во судница се слушаат сведочеа од вработени во МВР за издавање на лични карти на гласачи од Пустец. Можете ли да гарантирате сега дека избирачкиот список сега е чист, без избирачите од Пустец, без таканаречените фантомски гласачи?

За Државната изборна комисија списокот е чист во проценти колку што дозволува ситуацијата, затоа што тоа е континуиран процес. На избирачкиот список се наоѓаат сите граѓани кои што имаат државјанство на државата и се полнолетни постари од 18 години. Што значи дека секој што добил пасош и лична карта се наоѓа на избирачкиот список. Ние не навлегуваме во причините зошто, кој и како добил лична карта. Во моментот кога ќе го добие тој документ тој веднаш влегува во избирачкиот список. Управните постапки кои што се водат во Министерството за внатрешна работа за добивање на лични документи не се наша надлежност. Доколку има такви граѓани кои се наоѓаат на избирачкиот список треба во иста таква постапка за одземање на правото на поседување на личен документ, лична карта да се спроведе и да им се одземе и тогаш ќе бидат тргнати од избирачкиот список. Се додека не е така, тие се на избирачкиот список. Исто така на избирачкиот список може да најдете граѓани кои одамна се починати, а се уште стојат на избирачкиот список. Зошто е тоа така? Тоа е така затоа што граѓанин кој што починал може да биде избришан само со лекарска потврда, со документ пријавен од негови роднини и блиски за да можеме да го избришеме од списокот. Тоа се моментите кои го оптоваруваат избирачкиот список, но не се во драстични размени кои можат да го оштетат избирачкиот процес. Ние во меѓувреме и тие работи ги прочистуваме, ги добиваме податоците ги собираме и се обидуваме колку што можеме да ги сведеме во некоја разумна мерка. Но не секогаш зависат работите од нас и од нашата надлежност затоа што лични документи издаваат други органи.

Дали тоа значи дека жителите на Пустец кои имаат македонска лична карта се уште се на избирачкиот список?

Можно е да се сè уште, односно веројатно е дека се сè уште, сè додека ја имаат личната карта и пасош.

Во тој контекст дали МВР или Обвинителство до вас поднеле некаква претставка или барање?

Не, не ни можат и не треба да поднесат, затоа што тие треба во своите постапки доколку утврдат вина при издавањето на таквите лични документи, во тој случај треба да му наредат на органот што издал такви документи да ги поништат. Во ниедна друга ситуација не може да бараат од нас или од било кој друг да се спроведе било каква постапка. Да се разбереме тие граѓани имаат наше државјанство, и тие како и сите други граѓани кои имаат наше државјанство имаат право на глас.

Целото интервју со претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG