Достапни линкови

Бомбите на Милошоски индиции или средство за политички поени?


Пратеникот Антонијо Милошоски
Пратеникот Антонијо Милошоски

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски објави два нелегално снимени разговори, тн „бомби“, кои според него, се однесуваат на разговори на експремиерот Заев. Дали е целта дискредитација на Заев или борба против корпупција и криминал?

ВМРО-ДПМНЕ пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, политичката битка со СДСМ ја води на начин добро познат на владејачката партија. Таканаречените бомби по скандалот со прислушувањето кои ги објави СДСМ во 2015 година, станаа секојдневие. На социјалните мрежи и на Јутјуб се објавуваат нелегално снимени аудио и видео разговори на политичари и бизнисмени. Најмногу во јавноста одекнаа оние кои беа поврзани со случајот „Рекет“, како и аудио снимките кои ги објавуваше „Ел Чека“ за наводни коруптивни дејства на високи челници од ДУИ.

Пратеникот на опозицијата Антонијо Милошоски на прес-конференција вчера објави и втора аудио снимка во која, како што рече се слуша гласот на порaнешниот премиер Зоран Заев како тој носел одлуки во име на Врховниот суд и на СЈО и оти бил во дослух со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за сите нејзини одлуки.

Првата бомба Милошоски ја пушти во Собранието за време на комисиска расправа за законот за Јавно обвинителство, а на неа, според него, се слуша Заев како со непознато лице разговара за финансирањето на телевизијата на првоосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски. Освен Јовановски во случајот изнудување пари од бизнисмен за да не биде гонет од СЈО, е обвинета и Катица Јанева, а според опозицијата биле вмешани и високи функцинери од СДСМ, како и Заев.

Членот 110 од Законот за Јавно обвинителство сега предвидува дека Јавното обвинителство не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали. Материјалите и транскриптите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции за покренување постапка.

„Така го скроија тој закон сега нормално дека се наметнува заклучок оти веројатно знаеле или се осигурале со такви решенија дека ќе бидат заштитени од ваква работа, меѓутоа, судската пракса на Стразбур е поинаква и ако јавниот интерес е загрозен и битен тогаш може да се користат“, вели адвокатот Александар Тортевски.


Тој додава дека според Законот за кривична постапка аудио снимките може да се користат како индиции а има и одлука од Апелациониот суд за претходни случаи дека тие може да се користат како докази. Но, според него, одлуката е на обвинителот дали ќе покрене или не постапка.

„Ќе видиме како ќе се однесува обвинителот. Но, јас мислам дека нема да покрене ништо“, смета Торетевски.

Да беше докажување на криминал и корупција требаше прво да бидат информирани надлежните институции пред јавноста да биде запознаена со аудио снимките, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

„Јас сум против користење на таканаречени бомби во политичката битка за добивање на дневно политички поени. За жал таа пракса се воведе и политичарите се повеќе ги користат тие материјали за да ги оцрнат противниците или пак да ги обвинуваат за нешта за кои што не се знае дали се вистини или не. Тие може да бидат индиции, но не значи дека се конечни во однос на вината којашто треба да ја сносат апострофираните личности во тие бомби“, посочува Незири.

Според него, културата со препукување на бомби на политичката сцена треба да престане, а клучна улога има обвинителството. Но, очекува кампањата и понатаму да биде валкана.

„Кога имате валкана кампања гласачите, граѓаните немаат толку можност да слушаат за понудите од политичките партии. Тоа што треба да биде работа на институциите за жал станува материјал, станува опсервација од страна на политичките центри на моќ. Не се бираат методи за да се обвинува противникот и тоа мислам дека нема да придонесе за мирна, нормална, демократска кампања на која ќе се спротивставуваат аргументи и визии, а не да се вадат бомби, материјали и нелегални прислушкувања кои може да придонесат за губење на надежта кај граѓаните дека и после овие избори може да се случи нешто во позитивна смисла во државата“, порачува тој.

Против „Ел Чека“ обвинителството во Кичево поднесе обвинение за неовластено прислушкување и тонско снимање. Кривичниот законик предвидува парична казна или затвор до една година за тој што неовластено снима и го пренесува разговорот. Но, според Тортевски законот за укажувачи или свиркачи им нуди заштита.

„Сега Антонијо Милошоски ќе се претставува дека е свиркач и сега во краен случај Заев треба да научи дека не треба да влијае на судовите и не само да се научи, туку и да се утврди дали навистина влијаел и вршел притисок на функционери да носат вакви или такви одлуки“, додава Тортевски.

Првата бомба Милошоски ја достави до обвинителката Вилма Русковска.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG