Достапни линкови

Вести

Борел: Украина може да користи европско оружје за напади на руска територија

Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел
Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел

Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел ги повика членките на Унијата да најдат рамнотежа меѓу стравот од ескалација и потребата Украинците да се бранат, оценувајќи дека Киев треба да може да гаѓа на руска територија со западно оружје.

„Според правилата на војувањето тоа е сосема можно, нема противречност, можам да одговорам или да се борам против оној што ме напаѓа од моја територија, изјави Борел пред состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел.

Тој додаде дека е потребна рамнотежа меѓу ризикот од ескалација и потребата Украинците да се бранат.

Во европските градови се води расправа за тоа дали на Украина треба да и се дозволи или не да го користи оружјето што и го дадоа западните земји за да гаѓа цели на руска територија.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека го поддржува тоа, но неколку земји кои се сојузници на Украина, вклучително и Германија и САД, се воздржуваат и стравуваат од директен конфликт со Москва.

Германската државна секретарка за одбрана Сиемтје Молер денеска (28 мај) го повтори категоричното противење на Берлин.

„Германија донесе суверена одлука“, рече таа.

Украина редовно врши притисок врз своите западни партнери, особено Вашингтон, кој е нејзин главен снабдувач со оружје, да одобри употреба на западно оружје со поголем дострел против цели во Русија.

Столтенберг вчера изјави дека Киев „има право да се брани“ и затоа „има право да гаѓа легитимни воени цели надвор од Украина“.

Неколку европски земји, вклучувајќи ги Естонија и Холандија, поддржуваат таква опција.

„Никогаш не сум ја исклучила и се надевам дека другите земји кои имаат поинаков став ќе го променат“, изјави холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен по пристигнувањето на средбата во Брисел.

Грузискиот парламент одлучува дали ќе го отфрли ветото на претседателката на законот за „странски агенти“

Илустрација од протестите во Тбилиси против законот за странски агенти
Илустрација од протестите во Тбилиси против законот за странски агенти

Грузискиот парламент одржува седница за да го разгледа отфрлањето на ветото на претседателката Саломе Зурабишвили на таканаречениот закон за странски агенти, што предизвика неколкунеделни протести и критики дека е направен по моделот на репресивниот руски закон.

Седницата треба да се одржи и покрај апелот на Европската Унија и неколку нејзини членки до пратениците да не го поништуваат ветото на претседателката, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Владејачката партија Грузиски сон, основана од промосковскиот тајкун Бидзина Иванишвили, има солидно мнозинство во парламентот, така што гласовите за отфрлање на ветото се сметаат за обична формалност, бидејќи клучната парламентарна комисија го испрати нацрт-законот на пленарна седница во понеделникот (27 мај).

Тој закон ќе бара од граѓанското општество и медиумските организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори да подлежат на надзор што може да вклучи санкции за сè уште недефинирани кривични дела.

Често се нарекува „руски закон“ поради неговата сличност со законите што ги воведе Кремљ за да ја задушат опозицијата и слободата на говорот.

Граѓанското општество во Грузија со години се обидува да ја оддалечи земјата од влијанието на Русија, која сè уште има илјадници војници во Јужна Осетија и Абхазија, два отцепени грузиски региони кои Москва ги призна како независни држави по петдневната војна со Тбилиси во 2008 година.

САД и Европската Унија го предупредија Грузиски сон дека игнорирањето на критиките и насилното справување со демонстрантите кои протестираат против законот ќе има негативни последици.

Грузија доби статус на кандидат за членство во ЕУ во декември, но допрва треба да ги започне пристапните преговори кои би можеле да траат со години. Имаше надеж дека таквите разговори би можеле да започнат подоцна оваа година, но Брисел предупреди дека законот за „странски агенти“ може да го загрози патот на Грузија кон Европа.

Денот на независноста на Грузија одбележан со масовен протест
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:03 0:00

На 27 мај, претседателите на парламентите на седум земји-членки на ЕУ - Чешка, Естонија, Латвија, Литванија, Франција, Холандија и Полска, објавија заедничка изјава во која ги повикаа грузиските пратеници да го укинат законот.

Во изјавата упатена до претседателот на грузискиот парламент, Шалва Папуашвили, се вели дека неодамнешните настани во Грузија се „вознемирувачки“ и дека дејствијата на грузиската влада се спротивни на вредностите и принципите што Грузија се обврза да ги поддржува.

„Ве повикуваме да го повлечете овој закон и да влезете во значаен и инклузивен дијалог со организираното граѓанско општество и граѓаните против мирните демонстранти“, се вели во соопштението.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во понеделникот рече дека ЕУ почнала да ги разгледува опциите доколку Грузија го усвои законот. Тој рече дека ќе биде донесена одлука следниот месец.

Грузискиот омбудсман Леван Хоселиани предупреди дека на законот му се потребни измени за да се ограничи штетата што ќе ја предизвика на граѓанското општество.

Илјадници претежно млади луѓе маршираа во Тбилиси во неделата на Денот на независноста на Грузија, повикувајќи го Грузиски сон да го укине законот.

Соединетите Држави во соопштението по повод грузискиот празник истакнаа дека „ќе продолжат силно да ги поддржуваат аспирациите на грузискиот народ за евроатлантска иднина“.

„Ги повикуваме грузиските лидери да ги преземат неопходните чекори за да ја придвижат Грузија напред во вистинската насока“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Блинкен минатата недела најави визни ограничувања за грузиските владини претставници и сеопфатен преглед на билатералните односи со Тбилиси поради законот за „странски агенти“.

Санчез: Признавањето на палестинската држава е суштинско за мир

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез денеска одржа прес-конференција на која го официјализираше шпанското признавање на палестинската држава.

Во обраќањето до нацијата, Санчез рече дека ова е историска одлука.

„Владата на Шпанија на денешниот состанок ќе го одобри признавањето на државата Палестина. Така Шпанија ќе им се приклучи на повеќе од 140 земји во светот кои веќе ја признаваат Палестина како држава. Ова е историска одлука која има една цел. Да помогне Израелците и Палестинците да постигнат мир. Тоа не е одлука насочена против никого“, рече Санчез.

Тој информира дека ваквата одлука е донесена поради три причини.

„Ова го правиме за мир, правда и кохерентност“, рече Санчез.

Санчез, меѓу другото, рече дека палестинската држава мора да биде одржлива со Западниот Брег и Газа и коридор поврзан со источен Ерусалим како главен град.

„Двете територии би биле обединети под легитимна влада на палестинската национална управа“, истакна премиерот на Шпанија.

Исто така, Санчез нагласи дека одлуката за признавање на Палестина е заснована на меѓународна почит и порача дека не се признаваат никакви промени на границите од 1967 година.

УНРВА: Околу милион луѓе избегале од Рафа во последните три недели

Појас Газа
Појас Газа

Околу еден милион луѓе го напуштија градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа во последните три недели, соопшти во вторник (28 мај) Агенцијата за палестински бегалци на Обединетите Нации (УНРВА).

Во мал град на јужниот дел од Појасот Газа, повеќе од милион Палестинци кои побегнаа од другите делови на крајбрежната енклава најдоа засолниште пред израелските напади.

Од почетокот на мај, израелската војска спроведува, како што вели, ограничена операција во Рафа за да ги убие борците на Хамас и да ја уништи инфраструктурата што ја користи палестинската група, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Израел им порача на цивилите да одат во „проширена хуманитарна зона“ оддалечена околу 20 километри.

Многу Палестинци се пожалија дека биле подложени на израелски напади каде и да одат и горе-долу по Појасот Газа во последните месеци.

УНРВА соопшти дека бегството од Рафа „се случило без безбедно место за одење и среде бомбардирање, недостаток на храна и вода, купишта отпад и несоодветни услови за живот“.

Обезбедувањето помош и заштита станува речиси „невозможно“, наведува Aгенцијата.

Зеленски и де Кроа потпишаа договор за безбедност, Украина доби 30 авиони Ф-16

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и белгискиот премиер Александар де Кроа
Украинскиот претседател Володомир Зеленски и белгискиот премиер Александар де Кроа

Украина и Белгија потпишаа билатерален безбедносен договор кој вклучува испорака на 30 борбени авиони Ф-16 на Киев. Договорот беше потпишан за време на средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и белгискиот премиер Александар Де Кроа во Брисел.

„Документот вклучува најмалку 977 милиони евра белгиска воена помош за Украина оваа година, како и посветеноста на Белгија за поддршка во текот на десетгодишното времетраење на договорот“, напиша Зеленски во објавата на социјалните мрежи.

Де Кроа рече дека 30 авиони Ф-16 ќе бидат испорачани на Украина до 2028 година.

Белгискиот министер за надворешни работи Хаџа Лахбиб претходно изјави дека се надева дека испораките ќе започнат до крајот на оваа година.

Зеленски и Де Кроа треба да ја посетат белгиската воздухопловна база каде што украинските пилоти се обучуваат да управуваат со борбени авиони Ф-16, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Во понеделникот, Зеленски потпиша безбедносен договор со Шпанија, кој вети воена помош за Украина во износ од една милијарда евра. На почетокот на мај Зеленски најави подготовка на седум нови билатерални безбедносни договори, вклучително и со САД.

Девет безбедносни договори како дел од декларацијата за поддршка на Украина усвоена во Вилнус во јули 2023 година од земјите од „Групата седум“ веќе се потпишани со Велика Британија, Германија, Франција, Данска, Канада, Италија, Холандија, Финска и Латвија.

Исто така во вторник, украинскиот премиер Денис Шмихал ќе се состане во Прага со група водачи на Европската Унија за да разговараат за воената помош за Киев во борбата против руската инвазија, рече чешкиот премиер Петр Фиала.

Фиала повтори дека првите пратки со муниција набавени во рамките на иницијативата предводена од Чешка, кои ќе бидат финансирани надвор од ЕУ, ќе пристигнат во Украина во јуни.

Зеленски по Брисел патува за Лисабон каде ќе се сретне со португалскиот премиер Луис Монтенегро и претседателот Марсело Ребело де Соуса.

Остануваат помалку од три недели до самитот за мир во Украина, кој треба да се одржи во Швајцарија. Зеленски го отфрли предлогот на Кина и Бразил да ја поканат Русија, велејќи дека Русија „ќе блокира сè“.

Советот за безбедност на ОН ќе одржи итен состанок по нападот во Рафа

илустрација
илустрација

Советот за безбедност на Обединетите Нации денеска ќе одржи итен состанок по смртоносниот воздушен напад на Израел во близина на Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

Итниот состанок беше побаран од Алжир, а поддржан од Словенија, соопштија дипломати, пренесува ДПА.

И генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги осуди смртоносните воздушни напади на Израел во близина на Рафа во Појасот Газа.

„Ги осудувам акциите на Израел во кои загинаа голем број невини цивили кои само бараа засолниште од овој смртоносен конфликт“, напиша Гутереш на платформата Х.

Здравствените власти на Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, соопштија дека 45 лица загинале, а десетици биле повредени во воздушниот напад во неделата во кој беа погодени шатори во кои се сместени раселените луѓе во Газа.

Повеќето од жртвите на воздушниот напад се жени и деца, соопштија здравствените власти, опишувајќи го инцидентот како „масакр“.

Во Брисел средба на министрите за одбрана на ЕУ, во фокус помошта за Украина

Брисел, Белгија
Брисел, Белгија

Министрите за одбрана на Европската Унија денеска ќе се сретнат во Брисел да разговараат за воената помош за Украина, како и за напорите за зајакнување на европската одбранбена индустрија.

ЕУ вети пет милијарди евра (5,4 милијарди долари) воена помош за Украина преку вонбуџетскиот фонд наречен Европски мировен фонд. Но, Унгарија ги задржува плаќањата. Секоја земја-членка на ЕУ има право на вето, јави ДПА.

„Се договоривме дека унгарскиот придонес во европскиот мировен објект нема да се користи за воена поддршка на Украина, изјави синоќа шефот за надворешна политика на ЕУ“, Жозеп Борел.

Министрите ќе разговараат за ситуацијата на бојното поле во Украина. На разговорите ќе учествуваат и украинскиот министер за одбрана, Рустем Умеров и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На дневен ред е и планот од 1,5 милијарди евра што Европската Комисија го постави во март за зајакнување на индустријата за вооружување на ЕУ, со цел таа да биде подобро опремена да се брани и да ја вооружува Украина.

Во Норвешка стапува на сила признавањето на Палестина како држава

Знамето на Норвешка
Знамето на Норвешка

Во Норвешка денеска(28 мај) официјално стапува на сила признавањето на независната палестинска држава, а Шпанија и Ирска треба да го следат примерот подоцна во текот на денот, и покрај жестокото противење од Израел, јави ДПА.

„Формалното норвешко признавање на Палестина како држава ќе стапи на сила денеска, на 28 мај 2024 година. Голем број други европски земји, исто така, формално ќе ја признаат Палестина на истиот датум“, се вели во соопштението на норвешкото Министерство за надворешни работи.

Трите европски земји го најавија потегот истовремено минатата недела, а нивните лидери рекоа дека се надеваат оти другите земји ќе се приклучат на иницијативата, верувајќи дека тоа ќе ги унапреди изгледите за мир по повеќе од седум месеци борби меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас.

Мнозинството земји-членки на Обединетите Нации ја признаваат државата Палестина.

Сепак, влијателните западни нации како што се Соединетите Држави, Велика Британија и повеќето држави на ЕУ не признаваат независна палестинска држава, забележува ДПА.

Жозеп Борел со осуда за последните израелски воздушни напади во Газа

Палестина/Израел/конфликт
Палестина/Израел/конфликт

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, ги осуди последните израелски воздушни напади врз градот Рафа во јужна Газа, во кои загинаа најмалку 45 Палестинци, вклучително и деца и луѓе кои живееја во шатори, откако беа принудени да ги напуштат своите домови.

Говорејќи по состанокот на министрите за надворешни работи на блокот на 27 мај, Борел рече дека го осудува нападот „најостро“.

„Тоа докажува дека нема безбедно место во Газа. Можете да замислите колку сите сме ужаснати од овие напади“, рече тој.

Нападите се случија доцна на 26 мај, кога израелските сили ја погодија инсталацијата на Хамас, прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ, при што беа убиени двајца високи членови на групата.

Министерството за здравство на Хамас во Газа соопшти дека околу половина од загинатите се жени, деца и постари возрасни лица.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека нападите се „трагична грешка“, што доаѓа во време на зголемени критики на Израел за неговата војна против Хамас, која беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили.

Министрите за надворешни работи на ЕУ се состанаа во Брисел и начелно се согласија да продолжат со повторното отворање на граничната мисија на ЕУ во Рафа, која не е оперативна од 2007 година, кога Хамас ја презеде целосната контрола на територијата.

Репортери без граници со жалба за воени злосторства врз новинари во Газа

Kрвавиот елек на палестинскиот новинар Мохамед Собох, убиен со уште двајца новинари на 10 октомври 2023
Kрвавиот елек на палестинскиот новинар Мохамед Собох, убиен со уште двајца новинари на 10 октомври 2023

Во понеделникот, Репортери без граници (РСФ) поднесе нова жалба до Меѓународниот кривичен суд во Хаг за „воени злосторства извршени од Израел против новинари“.

Тие бараат од обвинителот да ги истражи злосторствата извршени врз најмалку девет палестински известувачи меѓу 15 декември и 20 мај, како и убиството на повеќе од 100 новинари во Газа на 7 октомври, се вели во соопштението на РСФ.

Исто така, го повторува барањето до обвинителот да го почитува членот 15 од Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и да и даде приоритет на истрагата за злосторствата на израелската армија врз новинарите во Газа од почетокот на војната.

„РСФ поднесе трета жалба до Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг, бидејќи бројот на новинари убиени од страна на израелската армија во Газа продолжува да расте откако ја премина границата од 100, бришејќи ги палестинските медиуми“, се вели во соопштението.

Претходните две тужби беа поднесени на 31 октомври и 22 декември.
Сите новинари споменати во тужбите се убиени додека биле на должност.

„РСФ има разумна основа да верува дека некои од овие новинари биле намерно убиени, а останатите биле жртви на намерни напади врз цивили од страна на израелската армија“, се додава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG