Достапни линкови

Триесет и шестиот Скопски џез фестивал во потрага по „нова музика“


Dee Alexander
Dee Alexander

Ди Александер, една од најдобрите џез пејачки на денешнината, легендарните Марк Рибо со проектот Young Philadephians и Стив Колмен со неговите Five Elements, Крег Тејборн – пијанистичкиот херој со своето трио, двата големи норвешки ансамбли – Trohdheim Jazz Orchestra со Оле Мортен Ваган и Пал Нилсен Лав зад Large Unit, афро-бит легендите Орландо Џулиус и Ентони Џозеф се срцевината на нагласено прогресивната програма на 36 Скопски џез фестивал, што од 19 до 22 октомври, ќе се одржи во Македонската опера и балет и Младински културен центар.

Во атмосфера на политичка презаситеност условена од локалните избори во земјава, на урбано Скопје ќе му се случи 36 издание на неговиот џез фестивал. На манифестацијата која во нешто повеќе од три денеции своето битисање го потпира на заложбата да информира и едуцира. Да креира програми кои не се потпираат на комерцијалното и извиканото, туку на современоста и уште поважно на потребата да се исчекори во непознатото, неусловеното, колку тоа понекогаш и да значи одење по острицата на сечилото.

Од таму, разбирливо и годинешниот одбир е резултат на таквата определба со додавка дека веројатно од лани се разликува по шареноликоста на понудата, зголемениот број на учесници и разработената идеја за дополнителните случувања. Згора на тоа вечерните перформанси наново се враќаат во Македонската опера и балет, а не случајно пополноќните концерти ќе се случуваат во Младински културен центар. Но, да тргнеме со ред.

Отворањето на Фестивалот ќе биде со новото европско пијанистичко откритие Австриецот Давид Хелбок и неговото трио. За добитникот на тамошната „Награда за исклучителен уметник“, критиката ќе забележи дека е „доволно длабок мислител за да изрони од копањето по длабочините на срцето и умот, без притоа да звучи како да се напрега прекумерно, меѓу другото и затоа што поседува саркастична досетливост и субверзивен шарм“. Тој настапувал по САД, Австралија, Мексико, Индија, Бразил...а лани за престижната германска етикета ACT го објави албумот „Into the Mystic“.

Веднаш потоа на истата сцена ќе се искачи еден од најважните и најкреативни џез состави во Европа Trohdheim Jazz Orchestra, во кој членуваат бележити норвешки музичари и кој овојпат под водство на уметничкиот директор – басистот Оле Мортен Ваган ќе посегне по проектот премиерно изведен на Jazzahead во Бремен во 2016 година.

Погледот на австрискиот современ џез ќе биде заокружен со првиот концерт од втората вечер кога ќе настапат MARIO ROM'S INTERZONE, за кој познавачите ќе забележат дека претставуваат „апсолутно светско откритие кое свири џез во кој се* е дозволено и за банда со изненадувачки, ненадминлив темперамент кој никако нема да ве остави рамнодушни“.

И, по еден таков фуриозен печаток, за само еден концерт во регионот од Чикаго во Скопје доаѓа Ди Александер – вистински бисер во недолгата листа на денес најдобрите џез-пејачки во светот. За неа, израсната на музиката на Дајна Вашингтон и под силно влијание на легендарните Сара Вон и Ела Фицџералд, се вели дека пее „со импресивна вокална длабочина и експлозивна драматичност“. Згора на тоа нејзиниот албум „Wild is the Wind“, објавен во 2009 година и посветен на Вашингтон, Нина Симон и Хенри Хаф, се смета за едно од најдобрите изданија на џезот во првата декада на новиот милениум, а на одличен прием кај критиката наиде и последниот стуридски проект на Ди - „Songs My Mother Loves“ од 2014 година.

Третата вечер на 36 Скопски џез фестивал ќе понуди двојна американска програма. Најнапред ќе го чуеме неуморниот саксофонист „кој постојано учи, студира и набљудува“ Стив Колмен со неговите Five Elements, а потем и уште еден стар познаник – гитаристот Марк Рибо, кој патем овојпат доаѓа да ја претстави својата нова смела авантура насловена Young Philadephians која е сочинета од „оддавањето почит на двојното наследство – зашеметувачкиот хармолодичен панк-фанк на легендарниот PRIME TIME бенд на Орнет Колмен и слаткиот, оптимистички пулс на стариот звук на соулот од Филаделфија“. Од таму не случајно со Рибо во бендот се басистот Џамаладин Такума и басистот Келвин Вестон, та и уште еден соработни на Орнет Ал МекДауел.

Во недела, пак, на 22 октомври, во МОБ најнапред ќе го видиме и чуеме еден од најдобрите американски и светски пијанисти на својата генерација Крег Тејборн. Тој по неколку годишна пауза, во која патем стана „столб на реномираната издавачка куќа ECM, на Скопски џез фестивал доаѓа со својот квартет за да го претстави актуелниот албум „Daylight Ghosts“ објавен во февруари годинава.

И, конечно за фуриозен крај на истата сцена е оставен Пал Нилсен Лав, еден од творечки најпродуктивните и најактивните норвешки музичари во последниве две декади. Тапанарот познат по делувањето во бендови како THE THING, OFFONOFF, BALLISTER, HAIRY BONES, CHICAGO TENTET и соработки со музичари како Арто Линдзи, Кен Вандермарк, Акира Саката, Џим О Рурк, Турстон Мур, овојпат со себе ги носи LARGE UNIT во кој во 2013 влегоа главно помлади норвешки музичари и со кои тогаш „манифестирајќи звуковна моќ навлегоа и во посуптилни и текстурални пасажи“.

Кон ова уште и информацијата дека во МКЦ е предвидено да се одржат два полноќни концерти на кои ќе настапат афро-бит легендата Орландо Џулиус од Нигерија со забревтаните лондончани HELIOCENTRICS и поетот, писател, музичар и предавач Ентони Џозеф од Тринидад, кој е познат по потрагата по корените и умешното спојување на соулот, фанкот и карипските мелодии.

Со свој соло настап ќе се претстави и големото име на италијанскиот џез – саксафонистот Роберто Отавиано в недела од 17 часот.

Оваа година на Скопски џез фестивал има и посебна дополнителна програма составена од проекции на два документарни филма и една мултимедијална презентација. Презентацијата на Ичо Видмар „New music in New York” и проекцијата на документарниот филм – „The Jazz Loft according to W. Eugene Smith“, ќе се одржат во кино Фросина (МКЦ), на 21 октомври со почеток во 15:00 и 16:00 часот, а еден ден претходно, во петок, ќе се случи и проекцијата на филмот „Dixieland“ (програма за млади) заеднички проект на Фестивалот со Џифони и МакеДокс.

Оливер Белопета, првиот човек на СЏФ, во пресрет на 36-то издание на манифестацијата, знае да каже дека „иако можеби тоа ќе звучи дрско, програмата на Фестивалот не се прави за да ги задоволи вкусовите на овдешните љубители на џезот“. Тој дополнува дека, за жал, кај нас многу тешко се градат „љубители на џезот“ од проста причина што сем Џез ФМ радио него практично и го нема во македонските медиуми. Што е уште пострашно во текот на годината имаме и многу мал број на џез концерти. Тоа, според него значи дека нашата публика е оневозможена да го следи она што се случува на современата џез сцена, а „на неа денес се случуваат големи промени“.

„Практично оној џез што ние го знаеме и го слушаме од минатите децении и од минатиот век си останува како трајна вредност, но на некој начин тој како таков е мртов. На сцената настануваат нови форми, нова музика и нешто сосема различно за што ние мораме да бидеме отворени. Од тој аспект Скопскиот џез фестивал останува програмски да комуницира со неколкуте најрелевантни џез фестивали во Европа кој се свртени кон промените и новите визии на џезот кој ги носат состави како FIRE ORCHESTRA, Trohdheim Jazz Orchestra, LARGE UNIT, французите SUPERSONIC... Битно ни е да бидеме во тоа друштво на фестивали кои важат за најхрабрите и од тој аспект најдобрите во Европа како Jazz em Agosto во Лисабон и уште неколку други. Таквиот концепт последниве години се покажа за исправен затоа што, без оглед на се што се случува околу нас, на тоа што новите генерации се доста задоени со турбо-фолкот од секаква природа, реакцијата на таа млада публика покажува дека сме на вистинскиот пат. Дека треба да продолжиме со тој избор и дека имаме доволно отворена публика за таа т.н „нова музика“ и дека не треба да се плашиме за иднината на оваа публика“, вели Белопета.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG