Достапни линкови

Ерик Геилс и Дамир Пух во Станица 26


Ерик Геилс.

Во само во два дена, двајца гитарски виртуози во Скопје. Најнапред празнично нашиот Дамир Пух ќе ја стори концертната промоција на својот албум, а веќе следната ноќ, на 12 октомври, со почеток од 22 часот, публиката ќе му посака топло добредојде на американскиот феномен Ерик Гејлс, кого светската критика симболично го бележа како „музичка реинкарнација на ненадминатиот Џими Хендрикс“. Организатор на случувањата е новоформираната агенција и продукција „3 Гонга“.

Урбано Скопје, на 11 и 12 октомври, ќе има ретка можност да ужива во мајсторството на двајца врвни инструменталисти во Станица 26. Најнапред македонскиот гитарист, текстописец и продуцент Дамир Пух, истиот оној што во конкуренција од 450 кандидати од целиот свет влезе во најтесниот избор ( беше седмопласиран) по што следеа и дузина други награди и признанија на бројни фестивали, ќе ја стори концертната промоција на својот штотуку објавен деби албум насловен како „Recollection“. На него се забележани девет инструментални композиции за кои Пух знае да каже дека се „плод на неговата идеја да покаже не колку добро знае да свири, туку да бидат сублимат на неговото издржано творештво и да го претстават силниот музички израз што тој несомнено го поседува“.

Дамир Пух, македонски гитарист, текстописец и продуцент.
Дамир Пух, македонски гитарист, текстописец и продуцент.

Нецели 24 часа потоа, на истата сцена, е предвидено да се искачи феноменалниот американски гитарист Ерик Гејлс, кого светската критика поодамна симболично го бележа како „музичка реинкарнација на ненадминатиот Џими Хендрикс“.

Роден на 29 октомври 1974 година во Мемфис, Ерик започнал да ги открива тајните на гитарата на четиригодишна возраст имитирајќи го она што го правеле неговите постари браќа Јуџин и Мануел, кои го прифатиле стилот на својот дедо Демси Герет кој, пак, бил познат по талкањата и свирките со блуз великаните Мади Вотерс и Хаулин Вулф.

Својата прва победа на еден позначаен фестивал ја имал на 11 годишна возраст, за да четири години подоцна чудото од дете го потпише својот прв професионален договор за моќната дискографска компанија „Електра“, по што во 1991 година излегува неговиот деби албум. По нецели две лета со Јуџин ќе го снимат и „Picture of a Thousand Faces“, за да некаде во средината на 1990-те кога во бендот ќе им се приклучи и Мануел, кој едно време настапувал како Литл Џими Кинг, ЛЕФТ ХЕНД БЕНД прераснат во ГЕИЛС БРАДЕРС БЕНД.

Затворен во дадениот формат, веќе созреаниот Ерик Геилс како солист на сцената се враќа во пролетта 2001 година за да го обелодени своето првенче за концернот MCA – албумот насловен како „That's What I Am“.

Често поврзуван со Хендрикс заради начинот на свирење на гитара ( свири со лева рака иако природно и не е тоа), на Ерик кој не е само динамичен гитарист туку и одличен пејач, му требало доста време да се ослободи од неумесните квалитативи. „Пресметката“ ја сторил објавувајќи ги моќните „Crystal Vision“ (2006) и „Psychedelic Undeground“ (2007), обата за Blues Bureau Records, со кои докажал дека реално е на трагата на уметноста што ја создавал ненадминатиот великан. И, кога веќе го сторил тоа, вртењето на страницата било со уште две објави за истиот издавач ( „The Story of My Life“ и „Layin' Down The Blues“) каде од влијанијата останале само траги а на површината избила неговата самосвојна потентност.

Растргнат од неколкуте проекти, на соло кариерата Геилс и се враќа во 2010 кога го објавува „Relentless“, една убава колекција составена од 13 авторски теми, по што следува и „Transformation“ една година подоцна, потем и инструменталистичкиот „Ghost Notes“ за да преминот во новата етикета ( Cleopatra ) го круниса со „Good for Sumthin'“ на кој како гости се јавуваат неговите пријатели и исклучителни гитаристи Ерик Џонсон и Зак Вајлд.

Конечно минатата година Ерик Геилс на своите почитувачи им го понуди концертниот „A Night on the Sunset Strip“, а годинава ги кутна на коленици критичарите со длабоко-личниот „Middle of the Road“, на кој мајсториите реши да ги сподели со собеседниците како Гери Кларк Џуниор, Ленс Лопез и тинејџерската гитарска ѕвезда – Кристоун „Кингфиш“ Ингрем.

И, токму тој Геилс, кој во меѓувреме знае да скокне на некој од експлозивните перформанси на извонредната пејачка Бет Харт и со неколку мајстории да ја запали публиката, еве го на почетокот од новата серија солистички клупски настапи во скопска Станица 26.

Инаку, зад овие два концерта, како и зад серијата во која за сега се вклучени промоциите на новите објави на КАБАДАЈАС и Давид Нешковски, концертите на легендарниот Јан Акерман, ДЕНИС ЧЕМБЕРС ТРИО, Лаки Питерсон, Стенли Џордан, второто доаѓање на големиот Скот Хендерсон, Жан Пол Бурели, Рамбо Амадеус, Дадо Топиќ...стои новосоздадената продукција „3 Гонга“ во која се Васја Ивановски ( до неодамна селектор на програмата на БЛУЗ И СОУЛ ФЕСТИВАЛ), Здравко Ситновски Ситна (промотер) и Александар Пејчиновски ( радиоводител на Антена 5).

Тој знае да каже дека нивна заложба е да ја издигнат на потребното ниво клупската сцена во Скопје, па и во Република Македонија. Да креираат атмосфера на подобра комуникација меѓу публиката и самите музичари. Всушност, да бидат презентирани домашни бендови и музичари кои на еден начин ќе бидат сплотени со овие големи музичари и вистински легенди што планираат да ги донесат во Станица 26. На тој начин поголемиот дел од нив би го добиле неопходното сценско искуство, а имаат намера да ги спојат и музичките катедри и со тоа би им овозможиме на сите млади таленти за прв пат да ја разбијат музичката трема пред публиката за која се убедени дека е дефинитивно добра и критична, особено онаа за џез благодарение на Скопскиот џез фестивал.

„Сакаме на тие бендови, заедно со нашите спонзори, да им помогнеме што побрзо да дојдат до своите објави преку нашата етикета. И не само тоа туку да бидат промовирани како во останатите градови во земјава така и во центрите во државите од регионот преку соработката што ја инициравме и планираната размена на музички имиња. Ние сме едноставно убедени дека имаме сцена, имаме сериозни музички имиња кои можат да бидат ипотенцијални извозни продукти од Македонија“, истакнува Пејчиновски.

Тој дополнува дека во тек се преговорите со актерот Брус Вилис кој не е непознат во светот на блузот, Лајонел Ричи, Фред Весли, носителот на новиот бран фанк музика Нилс Ландгрен...и мнозина други.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG