Достапни линкови

Балетот „Ла, ла, ла“ инспириран од музиката на Шпато


Постер за балетската претстава Лалала

Работен по класиците на големите македонски музички творци Драган Ѓаконовски-Шпато, Тодор Бојаџиев, Димитар Масевски и Дуке Бојаџиев, в петок, на 14 август, во 20.30 часот, на сцената Долни сарај, во рамките на актуелното Охридско лето, ќе се случи втората премиерна изведба на балетот „Ла, ла, ла!“ на Саша Евтимова.

Музиката предизвикува толку многу чувства во нас, спомени, копнежи, мечти, носталгија, работи поврзани со нашето минато. Сентиментален копнеж за среќа. Времињата во кои живееме, луѓето со кои сме ги делеле тие времиња - ништо не може да го оживее тоа време, тоа сеќавање, тој живот, освен една стара музичка миксана лента. Само таа музика може да ги врати спомените, да ги склопи како сложувалка и да напише една страница во книгата на нашиот живот. Секоја миксана лента раскажува една приказна од различно време. Музиката е таа која нè води на незаборавни патувања.

Прегрнете ги спомените. Чувајте ги блиску до срцето. До вчера бевме она што денес сакаме да го заборавиме. Направете свој мал свет и ништо повеќе не ви е потребно. Толку работи има во животот од кои сме се плашеле, а немало никаква потреба од тоа. Сè што ни било потребно е да живееме.

Ова во својата подолга екпликација ќе го забележи кореографката Саша Ефтимова во пресрет на првата премиера на балетската претстава „Ла, ла, ла!“ на Скопско лето. Две недели подоцна, в петок, на 14 јули, во 20.30 часот, на сцената Долни сарај во Охрид, на нашата најголема летна културна манифестација, е планирано да се обистини и новото премиерно претставување на проектот.

А, говорејќи за него, за инспирацијата за оваа „весела, летна...претстава“, Ефтимова вели дека коренот лежи во нејзината опседнатост со музиката на генијот Драган Ѓаконовски-Шпато во последниве две-три години. Таа добила идеја да потпише кореографија која пред се ќе се потпира на неговото генијално творештво, ама како што почнала да истражува и да се бави со неговата мемографија видела кој бил инволвиран во почетоците на она што подоцна ние ќе го именуваме како „џез култура во Македонија“.

Дополнува дека досега никој нема направено балет на музиката на тоа време кога „сите биле ентузијасти и кога живееле со идејата да направат силна промоција на македонската музичка култура надвор од границите на земјата“. Од Шпато, посегнала по творбите на неговиот соработник Димитар Масевски, па кон она што го создал Тодор Бојаџиев, за да кругот го затвори со еден од поновите автори во кој го препознала тој дух и чија музика и се видела мошне инспиративна – неговиот син Дуке Бојаџиев.

„Сакав да дадам дел од себе за убавините на градот, за Скопје. За убавата музика. Овде во Македонија, денес немаме такви луѓе коишто компонираат такви музики пред се. Нормално имаме млади композитори коишто прават некаква музика, но тој шлагер, тој шмек, таа убавина, таа леснотија...Да ја слушаш музиката и таа да ти се слева во срцето, да те освојува, да те инспирира да се движиш и да креираш покрети со телото ...таква музика барем јас овде одамна немам чуено“– вели Ефтимова.

Таа дополнува дека насловот на балетот не се „шлепува“ на славата на американскиот мјузикл „La, La Land“ на оскаровецот на Дамиен Чазел во кој настапуваат Рајан Гослинг и Ема Стоун. Напротив. Појаснува дека самата, според тврдењето на нејзиниот брат - режисерот Синиша Ефтимов, им припаѓа на луѓето кои „сонуваат на јаве“ и дека се решила за „Ла, ла, ла!“ токму поради тоа што тој тип потпевнување го има многу во шпатовите композиции и чисто од потребата да има ете „интернационален наслов“. Нешто што не ќе има потреба да се „губи во преводот“.

Сакав да направам една претстава со едно име кое што ќе биде интернационално и кое нема да треба да се преведува бидејќи „Ла, ла, ла!“ на било кој јазик е „Ла, ла, ла!“. Вака „Ла, ла, ла!“ е едно кратко име, една кратка и слатка претстава, летна претстава со соодветно име. Нема никаква врска со филмот „La, La Land“ иако неговата популарност може само да му користи на овој проект.

Саша Евтимова
Саша Евтимова

​Во проектот настапуваат солистите и танчерите на Македонската опера и балет како Мирјана Поп-Алексова, Марина Анастасовска, Медина Јусуфовиќ, Мила Ниновска, Христина Наќевска, Ангела Велевска, Романа Јуханесовичова, Илијана Данилов, Игор Веланоски, Јан Киселев, Миро Митрашиновиќ, Агим Бафтии, Андри Литвиненко, Кенто Терашита, Светлин Стојанов и Ендру Кук, а кореографката смета дека зад нив, благодарение пред се на преубавата музика и бројните македонски евергрини, е еден навистина „интересен и позитивен, полн со насмевки процес на работа“.

Ефтимова со проектот, кој патем е резултат на нејзината дипломска работа и со кој ја заокружи првата деценија од своето авторко присуство на македонската танцова сцена, какао што истакнува „има големи планови“. По двете премиерни изведби во Скопје и во Охрид, најнапред ќе се обиде да ја пропатува Македонија, за да некаде од април наредната 2018 година го одведе на некој од познатите регионални, а потем и на извиканите европски танцови фестивали.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG