Достапни линкови

Вести

Полската конзервативна опозиција со најмногу гласови на локалните избори

Конзервативната националистичка партија Право и правда (ПиС), освои најмногу гласови на локалните избори во Полска
Конзервативната националистичка партија Право и правда (ПиС), освои најмногу гласови на локалните избори во Полска

Главната опозициска сила во Полска, конзервативната националистичка партија Право и правда (ПиС), освои најмногу гласови на локалните избори што се одржаа во неделата. Од друга страна, владејачката либерална Граѓанска коалиција (КО) обезбеди контрола врз повеќето регионални совети, јавуваат британските медиуми.

Конечните резултати, објавени од Националната изборна комисија, покажуваат дека ПиС е прв со 34,27 отсто од гласовите, а КО е втора со 30,59 отсто.

Од друга страна, владејачката партија доби контрола над девет регионални совети, додека главната опозициска сила врз седум.

Истовремено, градоначалникот на Варшава, Рафал Цашковски, од КО, е реизбран уште во првиот круг од изборите со 57,41 отсто од гласовите. Неговиот главен ривал - Тобијас Боченски, поддржан од ПиС, беше далеку зад него со 23,10 отсто, објави полската агенција ПАП.

Владејачката Либерална партија победи и на изборите за градоначалник во Гдањск и Лоџ. КО е генерално првата сила во големите градови.

Либералната коалиција дојде на власт во Полска по парламентарните избори во октомври, на кои ја победи конзервативната националистичка партија, која со земјата владееше осум години.

види ги сите денешни вести

Прва средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, работни групи ќе преговараат за евентуална коалиција

Северна Македонија - прва средба меѓи претставници на ВМРО-ДПМНЕ и претставници на коалицијата „Вреди“ за формирање на новата Влада на Северна Македонија, Скопје, 11 мај 2024 година
Северна Македонија - прва средба меѓи претставници на ВМРО-ДПМНЕ и претставници на коалицијата „Вреди“ за формирање на новата Влада на Северна Македонија, Скопје, 11 мај 2024 година

Претставници на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од партискиот претседател и мандатар Христијан Мицкоски и лидерите на коалицијата „Вреди“ на денешната средба ги договориле општите начела за соработка во идната влада.

Од ВМРО - ДПМНЕ соопштија дека соработката ќе се темели на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.

„Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање“, се вели во соопштението од ВМРО - ДПМНЕ.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ на средбата покрај Мицкоски биле присутни потпретседателите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Кочоска Димитриеска, како и шефот на кабинет на претседателот Владимир Нелоски.

Од страна на „Вреди“ биле Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.

Претходно, од „Вреди“ изјавија дека според нив, првичната средба и разговори оделе во позитивна насока.

Според Мицкоски, коалицијата „Вреди“ со резултатот од 107.000 гласови на парламентарните избори на 8 мај е кредибилиен партнер во идната Влада.

Но, Мицкоски има и друга математика - тој очекува до 28 мај(до кога треба да се конститурира Собранието) да консолидираат 61 пратеник. Некои избрани пратеници во Собранието, поединци од други коалиции, веќе пратиле „сигнали“ дека сакаат да се приклонат кон ВМРО-ДПМНЕ.

На тој начин, коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на „Вреди“ заедно би имале 74 или 75 пратеници во Собранието.

Според роковите во Уставот, Владата би требало да биде предложена најдоцна до крајот на јуни. Таа треба да биде изгласана со мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120 пратеници во Собранието.

Ахмети тврди дека е потпишана заедничка декларација со челниците на „Вреди“ за уставни измени

Северна Македонија - Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на средба со лидерите на партиите во коалицијата „Европски фронт“, Скопје, 11 мај 2024 година
Северна Македонија - Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на средба со лидерите на партиите во коалицијата „Европски фронт“, Скопје, 11 мај 2024 година

Лидерот на коалицијата „Европски фронт“ и претседател на ДУИ, Али Ахмети на денешниот собир на претставниците и членството на коалицијата објави, како што рече, заедничка политичка декларација што, според него, заедно со лидерите на „Вреди“ ја потпишале на 13 јануари годинава, а во којатврди дека се обврзале да соработуваат само со политички чинители кои се согласни да ги спроведат уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот.

Според документот што го прочита Ахмети, потписници на декларацијата заедно со него, како што рече тој, се Арбен Таравари, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити, лидери на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Вреди“.

„Имајќи ја во предвид состобата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ“,
стои во документот што го презентираше Ахмети.

„На 13 јануари заедно со господинот Таравари го потпишав овој договор. Ние сме многу рационални и сме убедени дека повеќе од било кога треба стабилност, мир, добри односи меѓу заедниците, потребни се нула проблеми со соседите и целосно членство во Европската унија“, рече Ахмети.

Во декларацијата меѓудругото се вели дека предложените уставни измени имаат создадени ситуација која бара внимателно разгледување, отворен дијалог и заедничка посветеност за изнаоѓање на трајно и сеопфатно решение.

– Во овој дух на единство и колективна одговорност jа претставуваме оваа заедничка политичка изјава, согледувајќи ја итноста и тежината на предизвиците со кои се соочува Северна Македонија, стои во договорот.

Ахмети го објави документот во ист дека кога мандатарот Христијан Мицкоски се сретна со лидерите на „Вреди“, со кои разговара за нивно учество во новата Влада на Северна Македонија.

Во предизборните програми и настапи, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ имаат различни ставови за уставните измени.

„Одложената примена на уставните измени претставува валидна алтернатива која е целосно во согласност со досегашната практика на сите држави, кои пред самиот чин на нивно пристапување во полноправно членство вообичаено ги прават неопходните или условени уставни измени, или во таа фаза истите влегуваат во сила“, пишува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Ставот на „Вреди“ беше дека Северна Македонија нема друга алтернатива за европскиот пат на Северна Македонија и дека измените во Уставот мора да се направат.

Северна Македонија ја одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, но за одржување на втората односно за отворање на кластерите во процесот на преговори, потребно е да се направат уставни измени со кои бугарската и други заедници ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.

На 8 мај во Северна Макенија имаше парламентарни избори и втор круг избори за претседател на државата. По парламентарните избори, течат роковите да се формира новата Влада, чиј мандатар е Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО - ДПМНЕ.

Повеќе од 150 лица загинаа во поплавите во северен Авганистан

Поплава во покраината Баглан во северен Авганистан, 11 мај 2024 година
Поплава во покраината Баглан во северен Авганистан, 11 мај 2024 година

Поплавите во северен Авганистан предизвикани од обилните сезонски дождови, оставија десетици мртви и повредени, соопштија претставници на владата предводена од Талибанците на 11 мај.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави дека бројот на загинати се искачи на 151, што е речиси три пати повеќе од цифрата дадена од провинциски функционер еден ден претходно.

Портпаролот на Министерството, Абдул Матин Кани, изјави за „Ројтерс“ дека најмалку 135 лица се повредени.

Провинцијата Баглан е една од најтешко погодените области, но авганистанските власти на листата ги додадоа провинциите Бадакшан, Гор и Херат.

Портпаролот на талибанската влада Забихула Муџахид потврди дека покрај жртвите се забележани и големо пустошења и финансиски загуби.

Министерството за одбрана на Талибанците на 11 мај објави дека воздухопловните сили ги евакуираат заглавените жители во Баглан и дека некои од нив ги пренеле во воени болници.

Израел нареди нова евакуација во јужниот дел на Газа

Населението се подготвува за евакуација откако израелските сили започнаа копнена и воздушна операција во источниот дел на Рафа, 11 мај 2024 година
Населението се подготвува за евакуација откако израелските сили започнаа копнена и воздушна операција во источниот дел на Рафа, 11 мај 2024 година

Израел нареди нова евакуација во Рафа, јужна Газа, принудувајќи десетици илјади луѓе да се иселат додека се подготвува да ја прошири својата операција.

Израел најави дека се движи кон областите во северниот дел на Газа каде што Хамас, група која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка, се прегрупирала.

Наредбата за евакуација доаѓа и покрај силното меѓународно противење и критики.

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека нема да му дава оружје на Израел за Рафа, а во петокот Соединетите Американски Држави(САД) објавија дека Израел во Газа можеби го прекршил меѓународното право за заштита на цивилите.

Обединетите нации(ОН) и другите агенции со недели предупредуваат дека израелскиот напад на Рафа, кој граничи со Египет, ќе им наштети на хуманитарните напори и ќе предизвика катастрофално зголемување на цивилните жртви.

Повеќе од 1,4 милиони Палестинци, или половина од населението на Газа, побараа засолниште во Рафа бегајќи од израелската офанзива.

Рафа се смета за последно прибежиште во Појасот Газа, а новите евакуации го принудуваат населението да се врати на север, кој беше уништен од претходните израелски напади. Хуманитарните агенции проценуваат дека 110.000 луѓе биле евакуирани пред саботната наредба.

Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за Газа соопшти дека околу 300.000 луѓе се погодени од наредбите за евакуација, но бројките би можеле да бидат поголеми бидејќи станува збор за густо населени области, пренесе „Асошиејтед Прес“.

Израелските војници окупираа и дел од граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет, принудувајќи го да се затвори, а тој беше главната влезна точка за гориво.

Хуманитарните организации предупредија дека горивото исто така наскоро ќе се потроши, што ќе ги принуди болниците да престанат со работа.

Борбите не престануваат и во северниот дел на Газа, каде што се чини дека Хамас уште еднаш се прегрупира.

Северна Газа беше првата цел на копнената офанзива, а Израел на крајот на минатата година објави дека во голема мера го уништил Хамас во таа област.

Војната во Појасот Газа почна откако милитантите од Хамас, група која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка група, го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе.

Во таа прилика милитантите киднапирале 252 лица, од кои 128 се заложници во Газа, а 36 се прогласени за мртви, според последните израелски податоци.

Сиљановска-Давкова го доби Уверението од ДИК за нова претседателка

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија, Скопје, 8 мај 2024 година
Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија, Скопје, 8 мај 2024 година

Гордана Сиљановска-Давкова до добивањето на Уверението за избор на претседател на државата од Државната изборна комисија, во изјава за МИА кажа дека до членовите на ДИК ги пренела заклучоците од набљудувачката мисија и Парламентарното Собрание на ОБСЕ.

„Уверението секогаш претходи на прогласувањето што ќе се случи утре во Собранието за изборот за претседател на државата. Формална круна или формално финале на изборите. Јас со должно внимание им се заблагодарив на членовите на Државната изборна комисија, им го кажав она што го чув и од набљудувачката мисија и на Парламентарното Собрание на ОБСЕ, дека се задоволни од нивната работа, дека имало инциденти, меѓутоа и во поглед на роковите и во поглед на постапувањето дека Државната изборна комисија ја спровела работата согласно законот“, изјави Сиљановска-Давкова.

Таа потенцираше дека досега не сме чуле формулацијата „фер и демократски“ е израз долгоочекуван да се чуе од ОБСЕ и ОДИХР.

Уверението на Сиљановска - Давкова ѝ го врачи претседателот на ДИК, Александар Даштевски откако претходно ДИК на седница објави конечност на изборните резултати и констатираше дека таа е избрана за претседател со мнозинство гласови од избирачите кои гласале. Сиљановска - Давкова освои 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски за кого гласале 251.899 избирачи.

ДИК треба да достави извештај за резултатите до Собранието за да биде закажана седница за инаугурација на новата претседателка која ќе се одржи утре напладне.

Универзитетската професорка Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде шестиот претседател на Северна Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.

Туск: Полска нема да штеди на зајакнување на источната граница

Доналд Туск, премиер на Полска, на прес-конференција во Варшава, 11 април 2024 година
Доналд Туск, премиер на Полска, на прес-конференција во Варшава, 11 април 2024 година

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека зајакнувањето на полската граница е започнато, нагласувајќи дека неговата земја нема да штеди пари за тоа, како и дека самата Европска унија ќе мора да инвестира во безбедноста на својата источна граница.

„Нема сомнеж за се поагресивните намери на Белорусија кон Полска. Преземаме чекори за зајакнување на границата поради зголемениот притисок на режимот на Александар Лукашенко и зголемените закани од војната поради руската агресија во Украина“ рече Туск на 11 мај.

По разговорот со претставниците на граничната стража, армијата и полицијата, во градот Каракула на границата со Белорусија, полскиот премиер рече дека Европа ќе мора да инвестира во својата надворешна граница во Полска, бидејќи тоа е „инвестиција и во европската безбедност“.

„Како што рековме дека нема да штедиме на оружје и армиска опрема, нема да штедиме на обезбедување на границата, не само кога станува збор за инфраструктурата, туку и за опремата за секој војник“, рече Туск.

Полскиот премиер предупреди дека се засилува притисокот на илегалната миграција од Белорусија, која како дел од хибридната војна против Полска ја организира режимот на таа соседна земја.

„Се зголемуваат обидите за илегално преминување на границата, како што очекувавме“, рече Туск.


Туск вети дека неговата влада ќе подготви измени на законот со цел граничарите, војниците и полицајците да имаат чувство на правна сигурност.

Полскиот министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш претходно оваа недела рече дека земјата треба да има план за изградба на систем на „ровови и бункери“ на источната граница.

Белорусија, најблискиот сојузник на Русија, забележа влошување на односите со нејзините западни соседи и Украина во последниве години, особено откако Москва ја искористи белоруската територија како база за нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Белорускиот лидер Лукашенко ја поддржа руската инвазија на Украина и им дозволи на руските вооружени сили да користат воена инфраструктура и воздушен простор за време на инвазијата.

САД најавија пакет помош за Украина вреден 400 милиони долари

Илустрација
Илустрација

Соединетите Американски Држави(САД) најавија нов пакет воена помош од 400 милиони долари за Украина, додека Киев се бори да го запре напредувањето на руските трупи во североисточниот регион Харков.

Ова е трета транша од помошта за Украина откако американскиот Конгрес одобри дополнително финансирање на крајот на април, што вклучува 61 милијарда долари помош за Украина, по неколку месеци застој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди еден ден претходно дека неговата земја се соочува со тешка ситуација во источните региони, но рече дека пристигнува ново снабдување со американско оружје и дека руските напади може да се запрат.

По повеќе од две години инвазија, Москва зема замав на бојното поле, а Украина се соочува со недостиг од работна сила и резерви на артилериски гранати и противвоздушни ракети.

На 10 мај, руските сили започнаа копнен напад со оклопни возила на североисточниот регион Харков во Украина, напредувајќи еден километар во близина на пограничниот град Вовчанск.

Украина ги истера руските војници од поголемиот дел од регионот Харков во 2022 година, првата година од војната, но откако издржаа контраофанзива од Киев минатата година, руските сили се вратија во офанзива и полека напредуваат во регионот на Доњецк.

Стравувањата се зголемија во март во врска со намерите на Кремљ кон регионот Харков, кога рускиот претседател Владимир Путин повика на создавање тампон зона внатре во украинската територија, за која рече дека е потребна за заштита на Русија.

Оттогаш, Харков, кој е особено ранлив поради неговата близина до Русија, е цел на воздушни напади кои предизвикаа голема штета на енергетската инфраструктура во регионот.

ДИК ги објави конечните резултати од претседателските избори

Северна Македонија - Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска - Давкова
Северна Македонија - Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска - Давкова

За претседател на Република Северна Македонија е избрана Гордана Сиљановска-Давкова, со мнозинство гласови од избирачите кои гласале, односно 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски со 251.899 гласови.

Ова го констатираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски на денешната седница на ДИК, објавувајќи ги конечните резултатите од гласањето за претседателските избори од 8 мај.

Потоа тој на Сиљановска-Давкова ѝ го врачи Уверението за претседателка.

Записникот за конечност на резултатите од гласањето беше усвоен едногласно на седницата.

За постапката за сумирање на резултатите за претседателските избори до ДИК немаше приговори. За парламентарните што исто се одржаа на 8 мај, доставени се девет приговори од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од „Левица“.

Даштевски посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.

По објавувањето на конечноста на изборните резулатати за претседателските избори, ДИК треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за инаугурација на новата претседателка која според најавите ќе одржи утре напладне(12 мај).

Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која започнува да тече нејзиниот мандат. Мандатот на актулениот претседател Пендаровски истекува утре.

Универзитетската професорка Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде шестиот претседател на Северна Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.

Денеска променливо облачно и потопло време

Илустрација
Илустрација

Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Попладне ќе има локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 11, а максималната ќе достигне од 20 до 26 целзиусови степени, соопшти Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

Во Скопје ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 целзиусови степени.

Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник.

ДИК: Досега 17 приговори за парламентарните избори, за претседателски нема

На 8 мај се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори.
На 8 мај се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори.

Досега до Државната изборна комисија (ДИК) пристигнале 17 приговори за парламентарните избори кои се однесуваат на постапката за сумирање на резултатите, а за претседателските ниту еден.

„Приговори за постапката за сумирање на резултатите за парламентарните избори има поднесено од коалицијата ВЛЕН – 9 и од коалицијата ’Твоја Македонија‘ – 8. Приговори за постапката за сумирање на резултатите за претседателските избори досега нема“, изјави за МИА портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска.

Роковите за поднесување приговори за сумирањето резултати за претседателски е до 22:30 часот, а до 23:30 часот е за парламентарните избори.

Претходно, во 19 часот истекоа роковите за остварување на избирачкото право, но за тоа не се пристигнати приговори.

Во меѓувреме, ДИК за утре (11 мај) закажа седница за објавување на конечните резултати од претседателските избори.

Ако не се поднесат приговори за сумирањето резултати, што не се очекува да се случи, Државната изборна комисија ќе го достави извештајот од утрешната седница до Собранието.

Од кабинетот на претседателот на парламентот, Јован Митрески, најавија дека откако ќе го добијат извештајот, за в недела (12 мај) ќе се закаже собраниската седница за инаугурација на новата претседателка Гордана Сиљновска Давкова.

Сиљановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори на 8 мај освои 561.000 гласа со што го победи противкандидатот и актуелен претседател Стево Пендаровски за кого гласаа 251.899 граѓани.

На парламентарните избори, пак, победи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ и освои 58 пратенички места во 120-члениот парламент, покажаа првичните резултати од ДИК.

СДСМ и Коалицијата за европска иднина освоија 18 мандати, а Европскиот фронт предводен од ДУИ 19.

Албанската опозиција обединета во коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН), пак, доби 13 пратенички места, а по шест добија Левица и ЗНАМ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG