Достапни линкови

Не претерувајте со антибиотици, се повеќе бактерии се отпорни


илустрација
илустрација

Прекумерната употреба на антибиотици предизвикува отпорност на голем дел од нив, предупредува стручната фела. На нерационално користење на антибиотици се подложени и животните чии продукти на крај, пак ги консумираат граѓаните. Но и покрај тоа, пациентите инсистираат да добијат антибиотик, а во аптеките се забележува зголемена потрошувачка.

Полни амбуланти, полупразни училници. Овие денови сѐ поголем број деца се на удар на вирусни или бактериски инфекции, велат лекарите. Нервозни пациенти, збунети родители, бараат од нив да им препишат антибиотик, со надеж дека побрзо ќе оздрават.

Наташа е мајка на осумгодишно девојче. Иако и нејзиното дете не било имуно на болестите периодов, таа вели дека го послушала лекарот и болеста ја поминале без антибиотска терапија. Но, таа раскажува дека на терен, ситуацијата е поинаква.

„Во чекална кај нашиот матичниот доктор сме се изнаслушале родители како велат: „Дојдовме по антибиотик, четврти ден како кашла детето“ или „Ќе му речам на докторот антибиотик да ни даде, џабе ќе прскаме во нос солени раствори, од водичка не поминува“. И кога матичниот нема да им даде, одат по аптеки и молат да купат некој амоксиклав или зинат, онака под рака, без рецепт, па на секое следно поткашлување да имаат веднаш да му дадат на детето, за да не отсуствува од школо, оти нема кој да го чува. Можам да ги разбирам исплашените родители чие дете не оздравува и по 2 недели, па мислат антибиотик треба да земат, ама тоа не е оправдување“, вели Наташа.

И вработена во аптека вели дека во овие денови се бара антибиотик повеќе. Иако не смеат да ги продаваат без лекарски рецепт, вработената вели дека граѓани доаѓаат и бараат лек и без рецепт, да си го платат приватно.

„Дневно продаваме 15, 20 кутии само во една смена, значи во две смени и повеќе од 30 кутии продаваме. Пациентите бараат приватно да купат, но ние ги враќаме ако немаат рецепт препишан од лекар. Има секакви ситуации, дури и тензични. Ние се обидуваме да објасниме дека не можеме да им дадеме антибиотик без рецепт, но, не секој прифаќа дека треба да работиме според правила,“ вели Весна, вработена во аптека.

И во ординацијата на доктор Бојан Трајковски деновиве е тензично. Тој вели дека антибиотици препишува само кога е неопходно и е еден од оние кои во никој случај не попушта под притисокот на пациенти кои бараат антибиотик.

„Притисоци имам, апсолутно многу. Константно имам возрасни пациенти кои доаѓаат и бараат антибиотик. Со помладите веќе почнуваме да се разбираме, но со повозрасните имаме често проблеми. Еве пред некој ден ми се случи еден мој пациент кој инсистираше да добие антибиотик, а јас не му препишав, демонстративно да излезе од ординација“, вели доктор Трајковски.

Тој признава дека и негови колеги прават грешки во лекувањето на вирусни инфекции со антибиотици, иако тоа е медицински неоправдано и доведува до натамошни последици.

„Ова борба треба да е заедничка, меѓу сите нас колеги, бидејќи глобалниот имунитет се нарушува со сѐ почестата употреба на антибиотици и се повеќе гледаме во пракса, бактерии кои се со сериозна отпорност кон повеќето атибиотици“, вели доктор Трајковски.

И животните „на удар“ на антибиотици

Но, не само луѓето, туку и животните се изложени на прекумерна употреба на антибиотици. Кога едно животно ќе прими антибиотик, негов продукт не смее да се користи во исхраната на човекот, додека не помине дејството на лекот. Во спротивно, со неговата консумација и човекот внесува антибиотик, а не е ни свесен за тоа.

„Секој ветеринар е должен да се придржува до препораките на упатството под кој е регистриран секој лек, односно да води евиденција за апликацијата на антибиотикот и за времето кое треба да помине доколку сакаме да користиме производ од тоа животно. Со тоа ние директно го заштитуваме здравјето на луѓето“, објаснува професор Ромел Велев, од Катедрата за фармакологија и токсикологија на Ветеринарниот факултет при УКИМ.

Тој додава дека таканаречената „златна ера“ на антибиотици заврши и дека, за жал, денеска живееме во нова ера на голема отпорност на микроорганизмите на нив. Велев објаснува дека над 60 проценти од инфективните болести се предизвикани од животинско потекло и затоа советува употребата на антибиотиците треба да биде само кога е потребно.

Точни податоци за последиците врз хуманата медицина од прекумерната употреба на антибиотици во ветеринарната медицина нема, но Велев предупредува дека голем број смртни случаи се резултат на резистентноста на антибиотици.

Според Светската здравствена организација на годишно ниво во светот умираат милион до милион и двесте илјади луѓе како последица на резистентноста на микроорганизмите на антибиотици.

ФЗО: Цефиксин и Азитромицин најпродавани антибиотици изминатите 2 години

Од Фондот за здравствено осигурување пак велат дека вкупната потрошувачка на антибиотици на рецепт од позитивната листа бележи тренд на намалување и тоа од 1,744 милиони рецепти во 2018 година, оваа бројка во 2021 е намалена на 1,561 милиони рецепти.

Но, и покрај тоа, оттаму забележуваат дека на два антибиотика потрошувачката им е значително зголемена. Се работи за Azithromycin и Cefixime, кои се антибиотици со широк спектар. Токму затоа велат од ФЗО, овие антибиотици мора да се пропишуваат повнимателно и рационално, за да не се дојде во ситуација тие да го изгубат своето дејство врз бактериите.

„Проценката на СЗО е дека најмалку 50% од лековите не се употребени рационално, односно не се пропишани соодветно на реалните потреби на пациентите (биле пропишани без медицинска индикација), не биле употребени правилно (во вистински потребната доза, на правилен начин и во право време). Затоа апелираме до сите чинители на нашиот здравствен систем, и лекарите кои ги пропишуваат лековите на рецепт и фармацевтите кои ги издаваат лековите и ги даваат насоките за правилна примена на лековите, како и пациентите, да се придржуваат кон рационално користење на лековите,“ велат од ФЗО.

Фондот во 2021 година потрошил 305 милиони денари за антибиотици или 5 милиони евра или 11% од буџетот на ФЗО за лекови на рецепт.

Она што граѓанинот може да го направи за да се спречат лошите последици од прекумерната употреба на антибиотици е да се промени свеста за рационална употреба на антибиотиците. За да се допре до свеста на луѓето потребно е време, вели професорот Велев, но важно е да се подигне свеста и кај лекарите и ветеринарите кои ги употребуваат антибиотиците и кои треба да дејствуваат заедно во насока на намалување на нивната употреба.

Стручната фела апелира дека многу е важно да се разбере дека од некои болести кои се предизвикани од вируси човекот може да се заштити само со вакцинација и одржување хигиена и дека голем дел од вирусите кои ги нема се искоренети само поради имунизацијата.

Последниот извештај на Светската здравствена организација открива високи нивоа на отпорност (над 50 проценти) кај бактериите, кои предизвикуваат инфекции на крвотокот опасни по живот, како и зголемена отпорност на третман кај неколку бактерии кои предизвикуваат вообичаени инфекции.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG