Достапни линкови

Власта прослави странска донација - за термин за преглед се чека со месеци


Отворање на дијагностичкиот центар во ГОБ „8-ми Септември“
Отворање на дијагностичкиот центар во ГОБ „8-ми Септември“

Донација на магнетни резонанци во болницата „8 Септември“ прославена со шампањ. Граѓаните 2 до 3 месеци чекаат термин за специјалистички прегледи. Пациенти за РСЕ раскажуваат дека од канцер се лечат приватно, оти немаат време да чекаат. Министерот за здравство прстот го впери во своите претходници.

Со шампањ и здравица, премиерот, министерот за здравство и директорот на Градската општа болница „Осми септември“ свечено го отворија новиот дијагностички центар со две томографски магнетни резонанци, кои болницата ги доби како донација од италијанската амбасада.

Министерот Беким Сали и премиерот Димитар Ковачевски пред медиумите се пофалија дека Владата инвестира во квалитетно здравство за пациентите.

„Станува збор за најнова технологија и единствен од ваков тип за снимање на пациентот во стоечка положба“, рече Сали.

„Ниту во време на најголемата здравствена и економска криза не запревме со вложување во квалитетна услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници“, изјави премиерот Ковачевски.

Премиерот не кажа колку и во што вложила Владата, а новите апарати се странска донација. Двете нови магнетни резонанци, како што рече министерот за здравство, чинат 754.168 евра и набавени се во рамки на Програмата за модернизација на биомедицинската технологија во здравството со помош на италијанската амбасада.

Долги листи за чекање термин за специјалистички преглед

За магнетна резонанца пациентите од речиси целата земја мора да доаѓаат во главниот град, а листите на чекање се долги. Очекувањата се дека со двата нови апарати двојно повеќе ќе се зголеми капацитетот за снимање пациенти на дневно ниво.

Сепак, додека Владата се фали со инвестиции во здравството, на терен пациентите и натаму се соочуваат со низа проблеми кога треба да отидат во болница.

Компјутерскиот томограф во Клиничкиот центар со месеци не работеше, па пациенти не можеа да ги извршат снимањата.

За термини за разни прегледи се чека по три месеца

Системот на Мој Термин, пак, покажува дека во наредните три месеци во сите шест јавни здравствени установи во Скопје каде има можност да се направи мамографија нема слободен термин.

Термини нема ниту за ехо на дојка, колоноскопија и спирометрија, за овие услуги треба да се чека три месеци.

Во недостиг на термини, единствена опција за пациентите кои немаат време да чекаат по три месеци за преглед е да си платат приватно.

Пациентка која се соочила со рак на дојка за РСЕ раскажува како била приморана да се лекува во приватните болници токму поради неможноста да добие навремена здравствена услуга.

„Во периодот на дијагностицирање немаше термини, не можев до радиолог да дојдам, па отидов на торакален хирург. На првата контрола пробав да најдам термин, но потоа одлучив дека ќе се лекувам приватно, бидејќи не можев да се нервирам дали имало или немало термин“, вели пациентката од Скопје.

Матичната докторка Македонка Попова - Спасеска потврдува дека и тие како лекари се соочуваат со проблеми кога треба да ги упатат пациентите за одредени специјалистички прегледи. Дополнително, нагласува дека голем дел од пациентите не можат да си дозволат да се лекуваат приватно.

Особено вели загрижувачки е што проблем има со термините за превентивните прегледи со кои може да се откријат тешките заболувања навреме како што се ехо на дојка и мамографија.

„Се пуштаат 5-6 термини за матичните лекари да закажат, а колкав е бројот на жени? За реума и гастро воопшто не може да дадеме упати, порано на пример можевме да дадеме за преглед на абдомен на ехо сега и тоа ни е скратено, а сето тоа удира по џебот на граѓаните“, вели докторката.

„Ги нема превентивните прегледи, исто е и за превентивен преглед на простата. Уролог тешко може да најдеме, но тоа не зависи од нас. Жално е што сите наоѓаат постојано оправдание, корона итн, но се заборавија другите прегледи, а доколку лекар проценил дека пациентот мора да го направи прегледот, утре може да биде доцна“, додава докторката која што потенцира дека револтот е голем и кај пациентите.

Сали најави нова опрема во болниците низ земјава

Министерот Сали, пак, за проблемите прстот го впери кон досегашните, како што ги нарече, погрешни здравствени политики и нерационално инвестирање во здравството.

Неговиот план е регионализација на здравствениот систем, а пациентите од внатрешноста да не мора да доаѓаат во Скопје за да добијат здравствена услуга.

Од следната година Сали најавува дека проблемот ќе биде решен со инсталирање медицинска опрема како мамографи, ангиографи и други апарати во болниците низ земјава преку како што рече - рамномерна распределба низ сите градови до земјава.

„Од јануари нема веќе да разговараме дали има термин за мамографија во другите градови“, рече министерот за здравство.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG