Достапни линкови

Отворањето на Уставот како одење по жица


Устав на Македонија.
Устав на Македонија.

Сега не е време да се бара во Уставот да биде променета формулацијата „јазикот што го зборуваат 20 проценти од населението“ во албански народ, албански јазик затоа што ќе ја искомплицира состојбата во општеството, сметаат дел уставни експерти. За други, оваа дефиниција во Уставот е несоодветна и спротивна на природното право.

Се зголемува бројот на албанските парламентарни партии кои бараат во Уставот да биде избришана формулацијата „20 проценти“ и да биде заменета со албански народ, албански јазик.

Тоа го поставуваат како услов во случај Уставот да биде отворен за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата, нешто кое треба да се случи за околу една и пол година и за што е потребно да гласаат најмалку 80 пратеници, откако власта во јули го прифати францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на интеграцијата кон ЕУ.

Партиите Беса и Алијанса за Албанците беа меѓу првите кои го изнесоа ова барање, но деновиве и лидерот на ДПА Мендух Тачи имаше средба со претседателот на ДУИ Али Ахмети за да му пренесе дека неговата партија донела резолуцијата која се однесува на промена на членот од Уставот каде што формулацијата 20 проценти во однос на Албанците требала да се замени со соодветна формулација како, албански народ, албански јазик.

Уставни експерти сметаат дека ваква промена нема многу да влијае на подобрување на Уставот, а посочуваат дека сега не е соодветен ниту моментот за да се изнесе ова барање.

Поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски не е уверен дека овие уставни измени ќе го унапредат или подобрат квалитетот на највисокиот правен акт на државата. Тој на ова барање повеќе гледа можност за уценување во моментот при можното внесување на Бугарите и другите народи во Уставот кои имаат интерес за тоа. Според него, ова барање повеќе ќе ја искомплицира состојбата во општеството.

„За да се добие на пример пограѓански Устав зависи од тоа колку ние ќе го применуваме и ќе ги сакаме решенијата кои се во сегашниот Устав. Ние имаме прашања кои се убаво демократски утврдени во Уставот, меѓутоа кои не се спроведуваат. Ако вие не го спроведувате Уставот, тоа значи дека не ја спроведувате уставноста“, вели Ивановски.

Политичките партии имаат демократско и легитимно право да го постават ова прашање, смета Ивановски, но за него спорен е моментот и периодот кога се дава ова барање и начинот на кои партиите приоѓаат кон тоа, што според него може да создаде повеќе компликации отколку дека ќе се постигне квалитет во Уставот.

Според него, албанскиот јазик е веќе доста инволвиран во практиката во многу области, како на пример во образованието, со што вели дека неговата употреба никаде не е спорна.

Може да се најде некакво решение за процентот, но според Ивановски ова прашање не треба да се употребува за уценување, бидејќи смета дека во иднина тоа можат да го прават и партиите на другите етнички заедници, не само за јазикот, туку и за други прашања, за кои нема да има можност да се најде демократско решение.

Таравари: Ако на следните избори не победиме, јас си заминувам од политиката
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:03 0:00

Други уставни експерти со кои разговаравме велат дека ова може да биде оправдување за некои партии да речат дека прифаќаат внесување на Бугарите во Уставот, но не ја прифаќаат оваа промена која произлегува со Рамковниот договор потпишан со посредство на меѓународната заедница. Тоа значи дека на овој начин се излегува од рамката, велат тие.

Професорот на правниот факултет на Тетовскиот универзитет Башким Селмани , вели дека анализирајќи ја праксата и ставовите на албански партии, не може со сигурност да се каже дека сите ќе се обединат околу ова барање.

Од правен аспект, тој пак смета дека формулацијата „20 проценти“ во Уставот е во спротивност на природното право.

„Од тој дел не се задоволни ниту Албанците, ниту во Македонија како политика никој не знае зошто тоа е така поставено, ниту кој е резултатот од тоа. Правно не се исполнуваат таквите услови, затоа е предвидено да има Бадентер и затоа самите Албанци сакаат да бидат дел од природното право и да не се третираат како 20 проценти. Од друга страна, македонските партии, како ВМРО-ДПМНЕ, тоа го условува да се повлече на пример Бадентер и тоа нема ништо да помогне, а многу ќе пречи во промените на Уставот доколку тоа се бара“, вели Селмани.

Алијанса за Албанците: Дефиницијата на албанскиот јазик во Уставот е навредлива

ДУИ во моментов е најголема парламентарна партија со 15 пратеници во Собранието. Алијанса за Албанците има осум пратеници, а Беса има двајца пратеници. ДПА има еден пратеник.

Формулацијата „20 проценти“ во Уставот во однос на Албанците беше додадена по потпишувањето на Рамковниот договор за ставање крај на конфликтот во 2001 година.

Тоа значеше дека низ цела Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот, но и било кој друг јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од населението.

Од Алијанса за Албаниците викендов рекоа дека сегашната дефиниција на албанскиот јазик мора итно да се отстрани бидејќи според нив е навредлива, но сметаат и дека промената на формулацијата ќе ја зголеми внатрешната социјална и меѓуетничка кохезија во државата.

Партијата реагираше на претходна изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека е подготвен да разговара за ова прашање но посочи дека „тоа е оној нов договор за Македонија“ и дека притоа треба да разговараат и за нормата Бадентер и за нормата Балансер.

Од Алијанса за Албанците рекоа дека Бадентер или таканареченото двојно гласање е европски стандард за одржување на мирот и стабилноста што бил воспоставен во републиките од поранешниот комунистички блок по големите трагедии како што се војните во поранешна Југославија.

Мицкоски рече дека се подготвени да разговараат за се, но дека нема да поддржат отворање и интервенции во Уставот се додека Европската Унија не даде гаранции дека земјата ќе влезе во Унијата и дека нема да биде предмет на дополнително вето од источниот сосед Бугарија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG