Достапни линкови

Уставни измени или предвремени избори?


Претседателот на Собранието, Талат Џафери очекува пратениците да се водат од интересот на државата, а не од дневната политика за донесување на уставните измени, односно внесување на Бугарите во Преамбулата со цел да се комплетира фазата за отворање на преговорите со ЕУ.

Потребата за уставни измени не е заради потребата на парламентарно мнозинството, туку е потреба на државата за да може да го преземе и да го изоди патот кој е определен пред три децении, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за РСЕ кое целосно ќе се емитува в недела на прашањето дали ќе ги стави во собраниска процедура уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Преамбулата кои се услов за почеток на преговорите со ЕУ доколку претходно не е обезбедено потребното дво-третинско мнозинство.

„И во тој контекст сметам дека сите треба да рефлектираат по однос на интерес на државата и на граѓаните, а на по интерес на политичките партии и во смислам на дневна политика, борба за гола власт да се менува власта, туку во секој случај која и власт да дојде ќе мора да го изоди тој пат“, вели Џафери.

Првата меѓувладина конференција на ЕУ и Македонија се одржа на 19 јули и по неа веднаш започна скринингот кој е предвидено да трае година и половина. По негово завршување треба да се одржи и втора Меѓувладина конференција на која треба да се комплетира фазата за отворање на преговорите, меѓутоа, нејзиното одржување е условено со донесување на уставните измени.

Без опозициски пратеници тешко до дво-третинско мнозинство

ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени и најави дека нема да гласа за нив, а Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците од опозициската партија.

„Јас не правам пресметки дали некој ќе може вака или онака да се однесува во однос на она што е општо добро за државата и за граѓаните“, додава Џафери на прашањето дали очекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатиот месец побара Владата по завршувањето на одморите да ги стави во собраниска процедура уставните измени. Тој притоа повтори дека ниту еден пратеник од опозициската партија нема да гласа за уставните измени и доколку тоа се случи ќе замине трајно од политиката.

„Доколку нема 80 пратеника тогаш да одиме на предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски.

Заменик претседателката на СДСМ, Соња Лукаревска претходно за РСЕ изјави дека е оптимист за донесување на уставните измени.

„Јас сметам дека во ова парламентарно мнозинство бидејќи секој пратеник ги претставува граѓаните и неговите гласачи и тие во него гледаат иднина, гледаат проекти, гледаат во него стандард за оваа држава, така што сметам дека има многу прогресивни сили коишто сакаат да одат напред и затоа сум оптимист дека може да поминат уставните измени“, рече Лукаревска.

И вицепремиерот Артан Груби порача дека опозициските пратеници им влеваат оптимизам и гледаат проевропско крило кај нив.

„Јас сум апсолутен оптимист затоа што имаме апсолутна поддршка од сите проевропски сили во земјава и надвор во однос на уставните измени и во однос на продолжување на европскиот пат на нашата држава“, изјави Груби.

Само претседателот Стево Пендаровски изрази скептицизам и изјави дека ставот на опозицијата е наметнат од внатрешнопартиска логика.

„Вие не можете со сила никого да натерате (да гласа), ако од сегашната опозиција мислат дека документиве се опасност за македонскиот народ. Јас не мислам така. Моја проценка е дека многу тешко ќе се дојде во овој парламентарен состав до 2/3, затоа што, колку што јас можам да проценам, опозицијата во македонскиот Парламент го чита договорот со Бугарија, односно преговарачката рамка со Европската Унија, низ партиска диоптрија,“ рече Пендаровски.

Ако не се донесат уставните измени, како што изјави евромабасадорот Дејвид Гир преговарачкиот процес ќе запре. Уставните измени беа поставени како услов по потпишувањето на билатералниот Протокол на земјава со Бугарија за откочување на македонскиот евроинтегративен пат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG