Достапни линкови

Уставни измени се потребни, но со реална анализа и без притисоци


Илустрација - Собрание на Република Северна Македонија

Отворањето на Уставот за внесување на Бугарите во Преамбулата им даде повод и на дел од партиите да дадат барања за други уставни измени. Уставни експерти за РСЕ предупредуваат на злоупотреба на моментот, со што може дополнително да се искомплицира процесот. Потребна е темелна промена за модерен Устав, а не политички интервенции.

Партиите кои излегуваат со свои барања за уставни измени сакаат да го злоупотребат моментот со внесувањето на Бугарите во Уставот, што е услов за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, сметаат уставни експерти.

Барањата на дел од партиите на Албанците за промена на формулацијата за албанскиот јазик, доколку се отвори Уставот, дополнително може да го искомплицира процесот и затоа поранешни уставни судии на тоа гледаат како тврд однос во градењето на политиките, кој повторно нема да даде посакуван резултат.

Поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски смета дека доградувањето на Преамбулата во Уставот, со вметнување на Бугарите меѓу другите народи, е периферна и не многу голема уставна промена, но посочува дека тоа ќе покрене и други прашања.

„На овој начин дел од парламентарните партии го злоупотребуваат моментот со нивниот тврд однос и отсуство на градење на делотворни политики и тоа е катастрофално“, вели Ивановски за РСЕ.

Алијанса за Албанците минатиов месец го услови своето гласање за измените на Уставот со внесувањето на Бугарите во Преамбулата, со барање да биде избришан терминот „20 проценти“ наведен за употреба на јазикот на малцинствата во локалните средини.

„Нашите пратеници нема да гласаат за уставните измени доколку не се повлече „20 отсто“ во уставот во делот на остварувањата на паравата на една заедница“, изјави потпретседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.

Македонија за една и пол година треба да ги вметне Бугарите во Преамбулата и за тоа е потребно да гласаат најмалку 80 пратеници во Собранието, откако власта во јули го прифати францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на интеграцијата кон ЕУ.

Алијанса за Албанците е партија која има осум пратеници во Собранието, но со истото барање за промена на формулацијата за албанскиот јазик претходно излезе и партијата БЕСА која има двајца пратеници.

Не се тие единствените кои бараат промена во Уставот.

Здруженијата на Египќаните официјално побараа од Владата да бидат внесени во Преамбулата каде се споменати Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите и Бошњаците. Владата најави дека размислува и за барањата на Евреите, Хрватите, Торбешите и Црногорците.

Ивановски не гледа никаков проблем во исполнување на овие барања и потсетува дека за нив имало согласност и од Владата и од опозицијата. За него во оваа ситуација е проблематично што од Бугарија може да дојдат и други барања.

„Ова е една идеја која може да добие други димензии кои може да покренат други прашања, односно дека кој и како сака може да се однесува со Уставот“, вели Ивановски.

Џафери – Нема да ја избегнам процедурата за референдум за уставни измени
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:58 0:00

Сали Мурати, исто така, поранешен претседател на Уставниот суд, вели дека измени и дополнувања на македонскиот Устав се потребни, но кон тоа смета дека треба да се пристапи објективно и реално, без притисоци и наметнување.

Уставот има многу недостатоци, а неговите измени треба да се работат во нормална атмосфера, со реален општествен пристап и употреба на аналогијата во меѓународните достигнувања, вели Мурати.

„За жал сметам дека во моментов во државата не постојат објективни околности, почнувајќи од научната фела, јавноста со реален аналитички пристап во Собранието, за да извршат обиди за измени и дополнувања на Уставот“, вели Мурати.

Дури и во случај да бидат извршени измените на Уставот, тие во иднина нема да дадат позитивни резултати и Уставот повторно нема да биде какви што се другите модерни устави во 21 век, додава Мурати.

Македонија доцни со реалните уставни измени, бидејќи 30 години не успеа да изгради објективен и реален устав и затоа тој досега претрпе измени со над 30 амандмани, што е на врвот во светската пракса според измени и дополнувања, вели Мурати.

Тој додава дека одредени членови од Уставот се недоречени и нефункционални и одредени содржат празнини, а дека тоа го покажува примерот кога требаше да биде прогласена вонредна состојба за време на ковид пандемијата, како и нефункционалните одредби за уставната жалба, недоречености околу изборот на уставни судии, надлежностите на локалната власт, распуштањето на Собранието и други.

Последни устани измени во Македонија беа направени по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, кога меѓу другото државата се обврза да го промени името од Република Македонија во Република Северна Македонија. Исто така во 2001 година Уставот на земјата беше промент по потпишувањето на Охридскиот договор за ставање крај на вооружениот конфликт во Македонија.

Обиди за уставни измни имаше во 2015 година, откако тогаш пратениците утврдија предлог-амандмани кои се однесуваат на бракот, за меѓународните финансиски зони, за менување на називот на Народната банка за одредување на дефицитот на Буџетот и јавниот долг да не може да биде поголем од 60 проценти од БДП. Но, Уставот тогаш не претрпе измени.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG