Достапни линкови

Бучковски- не го измислив јас поимот заедничка историја


Средна на специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија Владо Бучковски и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов во Софија, 10 декември 2020
Средна на специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија Владо Бучковски и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов во Софија, 10 декември 2020

Поранешниот премиер Владо Бучковски повеќе од една година е специјален претставник на македонската Влада за Бугарија. Во разговорот за РСЕ тој вели дека во Договорот за пријателства го има поимот заедничка историја, но не и тоа дека таа е бугарска, како што тврдат дел од бугарските политичари.

РСЕ: Професоре Бучковски, како македонски преговарач со Бугарија, откако ги слушнавте позициите на новата влада во Софија, дека ќе се прошират преговорите и на други теми, но дека нема отстапка од нивните црвени линии, оптимист сте за решавање на прашањето?

Јас сум претставник на Владата, учествувам повеќе во улога на олеснувач на дијалогот, а преговара официјално нашето Министерство за надворешни работи. Јас во поглед на изјавите на новиот бугарски премиер Кирил Петков можам да кажам дека делуваат охрабрувачки, но би почекал до првата официјална средба на нашиот нов премиер Димитар Ковачевски и Петков. Најавена е таа посета по промовирањето на нашата нова влада. Се надевам дека можеме да очекуваме преку формирањето на работните групи и многу поеинтензивно да се среќаваат и верувам дека тоа ќе биде патот кој ќе доведе до заедничко прифатливо решение.

РСЕ: Споменавте и вие, двајцата нови премиери... двете земји сега влегуваат во разговорите со нови влади. Ќе помогне или одмогне тоа во смисол што се нови луѓе на позициите па да отвораат повторно теми кои што можеби претходните гарнитури во некаква форма ги затвориле досега?

Не. Јас мислам дека и бугарското Министерство за надворешни работи кое беше осум месеци предводено од службениот министер Светлан Стоев беше во целосна координација со нивниот претседател Румен Радев а и новата министерка многу добро знае до каде е стигнато во барањето на заеднички прифатливо решение. Ќе се продолжи таму каде што се стигна, а тоа е отворен дијалог за пакетот понуден од бугарска страна пет плус еден. Тоа што мене ме храбри е интервјуто на премиерот Петков во кое што споменува дека треба и мора да се почитуваат и македонските црвени линии кои се преточени во резолуцијата која беше усвоена во нашиот парламент.


РСЕ:Рековте со Бугарија дефинитивно имаме заедничка, а не споделена историја. Тоа е спротивно од ставот на македонскиот тим во историската комисија и од ставот на претседателот Стево Пендаровски. Што се подразбира под терминот заедничка историја?

Мислам дека доследното почитување на Договорот за пријателство и соработка е патот кој ќе не доведе до заеднички прифатливо решение. Значи, во договорот се употребува терминот заедничка историја, не го измислувам јас. Заедничката историска комисија треба токму од таа заедничка историја, преку потенцирање на личности и настани кои не поврзуваат, да го гради патот кон заедничката иднина.

Всушност и тоа досега што го работеше комисијата и успешно што го заврши за три историски периоди, или неспорно за петте историски личности за кои досега имаат постигнато договор, еден е наративот кој што ќе се користи за чествување од македонска и бугарска страна, а друго е на кој начин ќе бидат хармонизирани учебниците во Македонија и во Бугарија преку текстовите што ќе ги усогласат овие наши и бугарски експерти. Знаете, јас не гледам тука поголеми дилеми. Ќе бидат посилни нашите позиции ако се држиме до договорот.

Бучковски: не очекувам напредок во историската комисија за шест месеци
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:02 0:00
Директен линк

РСЕ:Да, но дилемата се наметна откако многу бугарски политичари тврдеа- да имаме заедничка историја и таа е бугарска...

Тоа не стои во договорот. Мислам дека ако правиме анализа што подразбира бугарската страна и што подразбираме ние под заедничка историја, тоа е и каменот на сопнување. Во овие изминати 12 месеци јас всушност се соочив во бројните формални и неформални контакти дека реално е дека еден од проблемите по потпишувањето на договорот во 2017 година е што почна различно од бугарска и од македонска страна да се толкува поимот заедничка историја. Второ, мислам дека нереални беа очекувањата од бугарска страна дека брзо и ефикасно ќе ја заврши својата работа оваа заедничка експертска комисија. Мислам дека ако на тоа се дополни од наша страна нашето стравување дека со инстистирањето акцентот во спроведувањето на договорот ќе биде работата на експертската комисија доаѓаме до позицијата во која се соочивме во последните 12-13 месеци по блокадата од бугарска страна.

Мислам дека треба нова методологија и затоа сум оптимист дека ова што го навестува бугарскиот премиер Петков ќе биде излезното решение како побрзо да ја вратиме меѓусебната доверба, да ја интензивираме соработката и како крајна цел да ставиме послободен простор за заедничката историско-образовна комисија без политички притисок да ја продолжи својата работа. Мислам дека на сите ни е јасно дека не може да заврши со работа во следните шест месеци како што даде време бугарскиот премиер Петков како рамка, што мислам од наша позиција гледано не прави дополнително оптимисти дека можеме работите што треба да ги работат комисиите да ги завршиме и пред тој рок од шест месеци.

РСЕ:А тој рок од шест месеци да важи и за историската комисија?

Очигледно е дека зад нас е една година на непродуктивна работа, без официјални заклучоци, заглави комисијата околу текстот кој требаше да биде усогласен поврзан со Цар Самоил, беа направени неколку обиди да се отвори темата за Гоце Делчев и тоа беше неуспешно, така што таму имаме и тоа мора да се констатира една изгубена година...

РСЕ: Нерално е да се очекува во комисијата напредок за шест месеци?

Јас не очекувам, дај боже да ме демантираат на следниот состанок во февруари. Затоа ми се допаѓа овој предлог на бугарскиот премиер Петков. Треба фокусот и на нашата и на бугарската јавност да биде насочен кон други области во кои објективно можеме многу побрзо и поефикасно дека сме за имплементација на Договорот за пријателство и соработка. Ако остане фокусот да биде само на комисијата за историски и образовни прашања, според мене и понатаму ќе имаме проблеми.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG