Достапни линкови

Што треба да каже новиот мандатар?


Премиерот Зоран Заев и заменикот министер за финансии Димитар Ковачевски, единствениот кој досега јавно најави кандидатура за лидер на СДСМ

Јасна позиција која би ја имал следниот лидер за клучни прашања треба да биде споделена со јавноста, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија, додека во владејачката партија е отворен повикот за пријавување на нов лидер на СДСМ, за кој се инсистира да биде и мандатар.

Во централното седиште на владејачката партија се чекаат официјалните кандидатури за претседател на СДСМ, кој премиерот и партиски лидер во оставка Зоран Заев инсистира да биде и мандатар за состав на владата. Таа, пак, ако остане да функционира во регуларниот мандат, без предвремени избори, би и владеела до летото 2024 година. На брз рок владата ќе треба да ги решава енергетската криза и пандемијата со ковид 19, а пред неа би било и отвореното прашање со Бугарија од кое зависи македонската европска интеграција.

Засега единствениот кој излезе со најава дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ е заменик- министерот за финансии Димитар Ковачевски. За дел од темите тој се повикува дека ќе формира експертски тим од дома и странство, a некои пак воопшто не ги споменува. На пример, тој во јавноста досега не се изјаснил како треба да се постави државата во однос на пандемијата, или пак вакцинацијата.

За споредба, кандидатот за мандатар на бугарската влада Кирил Петков во моментот на преговори за владина коалиција се изјасни дека пандемијата треба да се стави под контрола со вакцини и имунитет, а дека дури потоа ќе форсираат отворање на бизнисот.

Сепак Ковачевски без да даде детали најавува дека владата ќе се насочи кон справувањето со два предизвика.

„Тоа се пандемијата и енергетската криза која е низ цела Европа и мора да се активираат сите ресурси и експерти за да излеземе од кризата“, вели тој.

За спорот со Бугарија, пак, тој досега не е многу ескплицитен. Единствениот коментар кој досега го има дадено од позиција заменик министер за финансии е лани како коментар на контроверзното интервју на актуелниот премиер Заев за агенцијата БГНЕС во кое тој кажа ставови кои беа неприфатливи за поголемиот дел од македонската јавност. Тогаш, прашан за став Ковачевски рече дека мисли оти Договорот со Бугарија е добра основа за решавање на споровите, а со оглед дека во многу делови се работи за историски прашања треба да ги решат самите историчари.

„Македонскиот идентитет и македонскиот јазик веќе се зацртани и тоа се нашите црвени линии. Северна Македонија е втемелена со борбата на Македонската револуционерна организација, како и на Народно- ослбодителната борба“, рече лани Ковачевски.

Ставот на премиерот е важен

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија без разлика дали ќе биде лидер или мандатар на влада, кој и да е нов лидер мора да ја запознае јавноста со своите ставови за клучните прашања.

„Од една страна владата има коалициски договор но од друга страна во владината програма сите финеси во деликатната политичка ситуација во која сме не се разработени и затоа некоја јасна позиција која би ја имал следниот лидер треба да биде споделена со јавноста“, вели Трошановски.

Засега само Ковачевски, подржан од сегашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, јавно ја потврди кандидатурата за лидер на СДСМ, партија која досега имаше четворица лидери. Со партијата од 1990 до 2004 година раководеше Бранко Црвенковски. Потоа на неговото столче седна Владо Бучковски кој по две години го замени Радмила Шекеринска. Потоа, во 2008 година Заев беше избран за в.д. претседател на СДСМ а во 2009 Црвенковски се врати на партиската раководна позиција и ја водеше СДСМ се до 2013 година по што, Заев стана лидер. Пред скоро време, годинава во мај тој на партиските избори повторно беше избран за претседател на СДСМ но овојпат немаше противкандидати за разлика од 2013 година кога ги победи Зоран Јовановски и Кире Наумов кои исто така претендираа за ја водат партијата.

Но, ниту еден од партиските лидери досега во СДСМ не се дефинираше како технократ, епитет кој веќе во јавноста го добива Ковачевски.

Искуството со технократите во ВМРО-ДПМНЕ

Речиси исто колку и Црвенковски, со ВМРО-ДПМНЕ раководеше Љубчо Георгиевски. Тој беше на чело на партијата од 1990 година до 2003 година. Начинот на кој дојде на позицијата Никола Груевски не течеше мазно. Противкандидат му беше Марјан Ѓорчев кој по поразот рече дека Георгиевски јавно се определил за Груевски, со што фактички имало фаворизиран и нефаворизиран кандидат.

Следните избори во партијата беа во 2017 година, со еден кандидат, актуелниот лидер Христијан Мицкоски, избор во Валандово кој го бојкотираа актуелниот пратеник Антонио Милошоски и поранешниот пратеник Илија Димовски обвинувајќи дека изборот не е деморкратски. Мицкоски и тогаш и сега се дефинира како технократ.

Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири досегашните избори на Груевски, Мицкоски, па можеби и сега на Ковачевски во прво време покажале дека не се бараат технократи туку лојални на лидерот.

„Јас сметам дека терминот технократ е само покритие за изборот на лојален човек кој би можел да ги наследи лидерите во партијата и државата“, вели Незири.

Инаку вонредниот конгрес на СДСМ на кој треба да се избере нов лидер ќе се одржи на 12 декември. Претходно, и опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлучи да одржи изборен конгрес исто така на 12 декември.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG