Достапни линкови

Димитров- Договорот со Бугарија е за пријателство, навреди не помагаат


Македонско - бугарска комисија за историја
Македонско - бугарска комисија за историја

Македонското МНР тврди дека државата е целосно посветена на спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, ден откако бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачов се закани со блокада на македонскиот пат кон ЕУ. Од комисијата за историски прашања најавуваат средба месецов.

Во 21 век во Европа, правото на самоопределување и самоизјаснување не може да биде спорно, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Ден по изјавата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачов, кој се закани дека Софија ќе го блокира македонскиот пат кон Европската унија ако заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања не почне со работа, вицепремиерот Димитров за Радио Слободна Европа вели дека договорот за пријателство со соседна Бугарија зборува за заедничка историја што ги поврзува двата народа.

„Прифаќањето на минатото, но и на сегашноста, еден благороден процес што го почнавме со Бугарија, мора да се темели токму на ова право, како за хероите од минатото кои се од големо значење за двете страни, така и за денешните генерации. Договорот зборува за заемно почитување и пријателство. Зборува за помош од страна на Софија на патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ“, вели вицепремиерот.

Тој нагласува дека имајќи ја предвид визијата за заедничка европска иднина како блиски народи и соседи, убеден е дека со заеднички сили треба да се работи на решенија кои ќе обезбедуваат почит и достоинство за двете страни.

„Тоа е одговорна и зрела политика, тоа се европските вредности. Изјави што може да предизвикаат навреда или вознемиреност кај соседите не помагаат“, наведува Димитров.

Од министерството за надворешни работи пак реагираа наведувајќи дека „Северна Македонија ќе продолжи со засилена комуникација и консултација на политичко ниво со Република Бугарија и со сите релевантни чинители во ЕУ контекст, при што клучната порака ќе биде дека беше започнат исклучително важен и сложен процес на дијалог кој претполага зближување и градење пријателство, низ заемно почитување, како две соседни европски држави“.

„Во оваа смисла, почитувањето на идентитетот и достоинството, европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси", наведуваат од МНР.

Од таму додаваат дека за сите евентуални разлики по одредени прашања, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е рамката за решавање на долготрајните билатерални разлики во толкувањето на историски прашања кои ги оптоваруваат односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија децении наназад.

„На неговата имплементација, која е двострана обврска за двете држави, остануваме и натаму целосно посветени во добра волја“, наведуваат од МНР.

Каракачанов во интервју за ТВ 24 рече дека или ќе продолжат преговорите на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија, или, ќе следува блокада од Бугарија на првата меѓувладина конференција со Брисел, кога се очекува почнување на преговорите за пристап на Македонија во Европската Унија.

„Минатата година во ноември месец, пред десет месеци ја стопиравте работата на Комисијата за разгледување на историските проблеми. Ние сме го кажале тоа сто пати во последните десет месеци, дека ако не се постигне согласност по тие прашања Бугарија ќе возврати на првата меѓувладина конференција, додека прашањата не бидат исчистени. Тоа е позицијата на Бугарија. И тоа е многу јасно во Скопје.“ рече Каракачанов.

Дека Бугарија нема да го остави мазен македонскиот пат кон ЕУ беше навестено и на последниот состанок неделава на кој дипломатите од земјите членки на Европската унија разговараа за нацрт-преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија. На него, како што јави дописничката на МИА, Бугарија имала забелешки за прашањата, како јазикот, на пример, кој во предлог рамката за преговори е именуван како македонски јазик.

Состанок на комисијата месецов

И додека Каракачанов тврди дека комисијата не се состанала од ноември, историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, за Радио Слободна Европа вели дека последната средба се одржала онлјан во јуни годинава и дека на неа со колегите од Бугарија се договориле да имаат средба во септември.

„Таа средба ќе се одржи, апсолутно, ние ќе продолжиме со работа, ниту ние, ниту од бугарска страна, верувам, нема никаква намера да се прекине работата на комисијата. Кога ќе биде средбата е веќе прашање на финеси и треба да ги усогласиме тие термини, со нив, со нас, ама работата на комисијата, апсолутно ќе продолжи“, вели Ѓоргиев.

Последната средба со физичко присуство комисијата ја одржа кон крајот на ноември лани во Софија. Потоа, по барање на македонскиот дел од комисијата, поради најавените избори во земјава, а со цел, како што објаснија историчарите, нивната работа да не се користи во предизборни цели, комисијата запре со работа.

Од Бугарија и претходно стигнуваа пораки дека мора да работи и дури и да испорача конкретни резултати поврзани со револуционерот Гоце Делчев, прашање кое досега е најспорно меѓу историчарите. Официјална Софија неколкупати навестуваше дека работата на комисијата и конкретните резултати директно ќе ги поврзе со напредокот на земјава во Европската унија.

Софија имаше и своја, одвоена изјава прикачена кон записникот на седницата на Советот за општи работи на Европската унија што се одржа на 25 март годинава и на која лидерите на земјите членки се согласија на Северна Македонија и Албанија да им се даде зелено светло за почеток на преговорите за зачленување. Во изјавата Бугарија бара од својот сосед да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско во Бугарија, во меѓународни организации да декларира дека нема каква било основа да бара малцински статус за која било група, бараше конкретни работи и политичка вклученост во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија.

Ѓоргиев- притисокот е контрапродуктивен

Инаку, комисијата досега одржа девет состаноци, а работата не ја заврши во мирен дух со колегите од Бугарија. Најголемите несогласувања беа околу револуционерот Делчев. Членовите на македонскиот тим тврдат дека на првите неколку средби се постигнале резултати, но потоа се вмешала политиката во нивната работа па дошло до тензии во јавноста наместо релаксирање на односите.

Ѓорѓиев и сега, поврзано со изјавата на Каракачов, вели дека вообичаено не сака да коментира изјави на политичарите, оти коментарите треба да дојдат од соодветна институција и ниво, но додава дека „каков било притисок врз работата на комисијата во однос на наоѓање решение и во однос на роковите за наоѓање на решенија е контрапродуктивно и не може поинаку да се сфати освен како еден вид создавање тензија во работата на комисијата“.

Нејзиното формирање и работа, пак, произглегува од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји кој на први август 2017 година го потпишаа премиерите на Македонија и Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов. Во членот 8 од тој договор се наведува дека Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ќе се формира најдоцна три месеци од влегувањето во сила на договорот ќе биде на паритетна основа и ќе придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани.

„Двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“, се наведува во Договорот меѓу Македонија и Бугарија.

Инаку и лани во октомври бугарската влада, а потоа и Собранието усвоија декларација со која поддржаа почеток на преговорите за земјава за зачленување во Европската унија, но поставија и низа услови меѓу кои на пример промена на учебниците по историја и географија и тоа во краток рок, тргање на спомен плочите на кои пишува бугарски фашистички окупатор и други. Два месеца подоцна и Бугарската академија на науки усвои став дека македонскиот јазик не постои, туку дека е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик..

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG