Достапни линкови

Разговорите за преговарачката рамка за С.Македонија продолжуваат во петок


Илустрација- знамето на ЕУ

Дипломатите од земјите членки на Европската унија се состанаа утрово во рамките на телото за проширување во Советот на ЕУ, за да разговараат за нацрт-преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија како главна тема на дневен ред, јави дописничката на МИА од Брисел. Ова е првпат земјите-членки да се состанат за да разговараат темелно за преговарачките рамки за двете земји, но и за новата преговарачка методологија на ЕУ, предложена и усвоена во март оваа година.

МИА, повикувајќи се на свои извори, од како што пишува „една од најголемите земји членки на Унијата“ наведува дека Бугарија била “гласна“ на денешниот состанок за прашањата, како јазикот, на пример, кој во предлог рамката е јасно именуван како македонски јазик.

Официјална Софија и досега навести дека има забелешки и преку изјавата прикачена кон записникот на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март на која лидерите на земјите членки се согласија на Северна Македонија и Албанија да им се даде зелено светло за почеток на преговорите за зачленување. Во таа изјава Софија бара Скопје да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско во Бугарија, во меѓународни организации земјава да декларира дека нема каква било основа да бара малцински статус за која било група, бара конкретни работи и политичка вклученост во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија.

Инаку МИА јавува дека во петок продолжуваат дискусиите на техничко ниво во ЕУ, а земјите членки во наредниот период планираат темелно да ги разгледуваат и предлог рамките и методологијата, со надеж дека до ноември ќе постигнат компромис.

XS
SM
MD
LG