Достапни линкови

Пендаровски vs. Џафери - отворен е патот за доделување мандат за Влада


Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија
Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија

Претседателот се консултираше со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: за да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор, велат од кабинетот на Пендаровски коментирајќи ја изјавата на на претседавачот на конститутивната седница Џафери.

Собранието е конституирано и потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор, велат од кабинет на претседателот Стево Пендаровски, коментирајќи ја изјавата на претседавачот на конститутивната седница Талат Џафери. Од неговиот кабинет најавија дека Пендаровски утре на пладне на лидерот на СДСМ, Зоран Заев ќе му го додели мандатот за состав на Владата.

Собранието беше конституирано на 4 август, но не беше избран нов претседател, а Џафери за телевизијата 21 изјави дека Пендаровски доколку го додели мандатот за формирање на Влада, без притоа да биде избран новиот собраниски спикер, ќе го прекрши Уставот.

„Претседателот се консултираше со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: за да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор. Претседателот Пендаровски, иако ги разбира мотивите на претседавачот Џафери, останува на неговиот став кој впрочем го потврдува и политичката практика во сите изминати години кога на власт биле различни политички опции“, велат од кабинетот на шефот на државата.

Нема дилеми дека Уставот превидува во рок од 20 дена по изборите да се конституира Собранието, а Деловникот само го разработува начинот на конституирањето на Собранието кое подразбира и избор на претседател, вели поранешниот спикер Тито Петковски. Кај нас, според него, исклучоците стануваат правило и се се сведува на партиски калкулации и амбиции, а најмалку се внимава на потребата од кредибилни институции и така е сега со Собранието. Праксата во два наврати досега, како што наведува Петковски, го покажува тоа, кога седницата за конституирање на Собранието започнала, па потоа била прекината.

„Значи ако гледате од строго формално- правен аспект не може Уставот да биде дерогиран од Деловникот на Собранието, ниту било кој закон може да го дерогира Уставот. Ако Уставот предвидува дека во рок од 20 дена мора да се конституира Собранието, а Деловникот само кажува што е тоа конституирање на Собранието, политичките партии коишто учествуваа на изборите мора да најдат начин како во рок од тие 20 дена да се конституира Собранието, односно да ги почнат на време своите преговори. Меѓутоа, кај нас работата сега е сложена максимално, бидејќи нема чиста победа на политички партии кои можат сами да формираат Влада или нема коалиции кои може сами да формираат Влада и сега тоа максимално се злоупотребува од страна на партиите кои пред се играат на националистичка, популистичка карта за нешто да добијат“, вели Петковски.

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски вели дека Џафери честопати Уставот го употребува како освета, а не како што тој наложува.

„Во еден таков систем каде што не се почитуваат правилата, каде што Уставот и во крајна линија да не е дограден некаде, наместо да се почитува принципот на владеење на правото, тука се оди во секој поглед да се наруши тој принцип или пак да се користи за некои ситни партиски интереси. Јасно е во Уставот, кога, кој и како го дава мандатот. Јасна е улогата на претседателот на државата и деновите и роковите се определени. Е, сега сите овие математики и подметнувања што ги прават се од аспект на временската дистанци и притисок за да се обезбеди мнозинство. Меѓутоа, политичарите и политиката треба да биде во функција на владеење на правото и доследно да се почитува Уставот“, смета тој.

Ивановски смета дека претседател на Собранието може да се избере и кога ќе биде обезбедено парламентарното мнозинство од 61 пратеник.

Иако мандатите на новите пратеници беа верификувани, некои од нив се уште извршуваат функции во Владата во заминување. Таков е случајот со премиерот Оливер Спасовски и неколкумина министри. Како во меѓувреме може да функционира системот во кој исти луѓе се во извршната и во законодавната власт е прашање.

Според Петковски, Собранието во случајот не може да работи со полн капацитет.

„Да се носат закони сега е мисловна именка. Тоа не може додека не се формира Влада. Сами се ставаме во ситуација да емитуваме слика надвор дека сме држава која што не е способна сама да ги уредува своите институции како што треба“, додава тој.

Во 2016 по парламентарни избори на 30 декември беше конституирано Собранието исто така без избор на претседател. Мандатот за состав на Влада го доби тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, чија партија освои најмногу пратеници. Откако Груевски не успеа да обезбеди Влада, лидерот на СДСМ, Зоран Заев собра 67 потписи кои беа еден од условите тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов да му го додели мандатот за формирање Влада. Пред да го добие мандатот Заев во тензична атмосфера и со протести пред законодавниот дом за собраниски спикер на 27 април, 2017 година беше избран Талат Џафери што резултираше со таканаречениот крвав четврток.

По изборите во 2006 година на 26 јули се конституираше Собранието, а притоа не беше избран претседател на законодавниот дом. Откако Груевски по победата на изборите со коалицијата формираше Влада за собраниски спикер во август беше назначен Љубиша Георгиевски.

Предвремените избори беа закажани поради тоа што државата не доби датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, по што лидерите на најголемите партии првично на лидерска средба кај Пендаровски се договорија изборите да бидат на 12 април оваа година, но тие беа одложени за 15 јули поради избувнувањето на епидемијата на Ковид -19.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG