Достапни линкови

Можна ли е влада без Зоран Заев?


Архивска фотографија- лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети на прослава за Денот на албанската азбука

Шест дена по конституирање на Собранието партиите праќаат скромни соопштенија за разговорите преку кои треба да обезбедат мнозинство, а роковите за собирање потребното мнозинство од 61 пратеник течат.

Претседателот Стево Пендаровски врз основа на обезбеденото мнозинство треба до петок да го додели мандатот за составување на новата влада која мандаторот, пак, треба да ја состави за 20 дена. Но, додека течат меѓупартиските преговори една од тезите кои се пласира во јавноста е дека ДУИ е спремна да се откаже од своето предизборно ветување за прв премиер Албанец, ако мандатар за состав на новата влада не е лидерот на СДСМ Зоран Заев. Извори од СДСМ децидно ја отфрлаат оваа можност.

„Заев е мандатар и тој ќе ја предводи идната влада“, тврдат од партијата.

И од ДУИ, за РСЕ на прашањето дали е точно дека се разговара за можноста Заев да не биде мандатар и премир одговараат - „бараме Насер Зибери да биде премиер“.

Имено, деновиве агенцијата Илирија Њус повикувајќи се на извори во ДУИ објави дека СДСМ може да излезе со друг мандатар кој ќе ја формира Владата што би можело да биде компромис меѓу СДСМ и ДУИ, кој ќе се откаже од својот предлог за прв Албанец премиер.

Инаку, двете партии заедно имаат 61 пратеник и можат да формираат мнозинство.

СДСМ и коалицијата „Можеме“ освои 46 мандати, а ДУИ доби 15 пратенички места. Претходно ДПА, која има еден пратеник, се согласи на коалиција со СДСМ што би значело дека при ваков договор владиното мнозинство би имало 62 пратеника. Но, од каде потекнува идејата и гласините за влада на СДСМ без партискиот лидер Заев?

Првите луѓе на двете партии кои сега разговараат за владино мнозинство, иако беа партнери три и пол години, во предизборниот период често се напаѓаа меѓусебно. Едно од ветувањата на Ахмети на предизборниот митинг во Гостивар до своите гласачи, покрај тоа дека нивниот премиерски кандидат Насер Зибери ќе ја води владата, беше и дека Заев нема да биде премиер.

Опција која не треба да се исклучи

Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, сепак, и покрај партиските негирања не ја исклучува можноста за влада на СДСМ и ДУИ без Заев.

Тој ваквото мислење го поткрепува со големиот анимозитет особено меѓу Ахмети и Заев, кој беше видлив и во изборната кампања, додавајќи дека политичката борба меѓу двајцата наликувала и на лична борба па поради тоа очекувано било и во разговорите сега да се оди на лични решенија.

„Тоа би било излезната варијанта на ДУИ, која можеби ќе се вади на тоа дека да, вистина е дека ние не успеавме нашиот кандидат за премиер да го реализираме како ветување, но не успеа ниту Заев. Мислам дека еден таков исход е можен како алтернатива на неможноста да се добие позицијата на премиер“, вели Незири.

Голтање кнедли за формирање владино мнозинство

Заев дојде на чело на СДСМ во 2013 година, а една година подоцна на предвремените парламентарни избори што се одржаа во 2014 година, партијата која ја предводеше загуби. Тој не ги призна резултатите и следната 2015 година почна со објавувањето на таканаречените аудио бомби со кои се обидуваше да укаже на лошото владеење на тогашната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. И тогаш Заев изјавуваше дека со аудио материјалите кои ги објавуваа го откриваат вистинското лице на тесната владејачка група во ДУИ која тврдеше дека била иста со онаа на поранешниот премиер, а сега азилант во Унгарија Никола Груевски.

Стара нетрпеливост

Пред изборите што се одржаа во декември 2016 година лидерот на СДСМ во интервју за РСЕ ја отфрли можноста да коалицира со ДУИ, но постизборните резултати, според кои ВМРО-ДПМНЕ имаше два пратеника повеќе, го упатија на коалиција со ДУИ кои, пак, не се договорија за идна влада со нивниот дотогашен партнер.

И пред сегашните избори лидерот на СДСМ сметаше дека изборните резултати нема да го упатат на опцијата за коалиција со ДУИ, споменувајќи ја Беса која е дел од коалицијата „Можеме“ и опозиционите Алијанса за Албанците и Алтернатива. Но, по изборите, повторно опцијата без ДУИ се чини невозможна, ако се земе предвид дека Алијанса за Албанците и Алтернатива освоија 12 пратеници, кои не се доволни за потребното владино мнозинство, а Левица која има двајца, според досегашните ставови на челниците на таа партија, невозможно е да коалицираат со СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ пак освои два пратеника помалку од СДСМ, односно 44, а и од таа партија велат дека се обидуваат да состават мнозинство.

Предвремените избори беа закажани поради тоа што државата не доби датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, по што лидерите на најголемите партии првично на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски се договорија изборите да бидат на 12 април оваа година, но тие беа одложени за 15 јули поради избувнувањето на епидемијата на Ковид -19.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG