Достапни линкови

Нови предизборни „бомби“ за случајот Рекет


Нелегално снимани разговори на кои наводно се слуша адвокатот Васко Димишков како зборува за случајот Рекет објавени анонимно на Јутуб

Два нови нелегално снимени разговори, на кои наводно се слуша гласот на адвокатот Васко Димишков како зборува во врска со случајот Рекет беа објавени денеска на Јутуб. Снимките објавени од корисникот, кој се нарекол Алибаба Тредичи, го содржат гласот кој наводно е на Димишков, но се исечени деловите во кои зборува неговиот соговорник. Едната снимка трае 2:37, а другата 2:18 минути.

Гласот што се слуша на снимките зборува за милиони евра наводно за ослободување од притвор на бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во случајот Империја на СЈО за перење пари.

Шоуменот Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, вчера беа осудени на 9, односно 7 години затвор во случајот Рекет, затоа што изнудиле 1,5 милиони евра од Камчев за да излезе од притвор.

Одбраната на Јанева пред судот тврдеше дека Камчев од други лица дознавал дека против него се води истрага во случајот „Империја“, а не како што тврдеше во сведочењето дека информаците му доаѓале од СЈО.

„Адвокатот Димишков му кажал на Камчев дека е ставен под ПИ мерки, а не Катица Јанева. Нелогично е Јанева да се гони дека наводно му помогнала на Камчев да излезе од притвор кога биснисменот изјавувал друго. Камчев потврди дека излегол од притвор заедно со десетина други притвореници и оти не верува дека дека тоа е поради пари“, рече авокатот Дељо Кадиев пред Судот на 2 јуни.

Корисникот на Јутуб што ги објавил снимките пишува дека комплетните снимки во траење од 57 минути по изборите ќе му бидат предадени на јавниот обвинител Љубомир Јовески. На целосните снимки наводно се слушале гласовите на Вице Заев, брат на лидерот на СДСМ Зоран Заев, и други посредници, како наводно разговараат да изнудат 6 милиони евра од бизнисмените Орце Камчев и Дејан Панделевски, осомничени во случајот Империја на СЈО.

XS
SM
MD
LG