Достапни линкови

Камчев сценарист и глумец во „Рекет“, Јанева и Јовановски режисери на „Империја“


Орце Камчев во судница како сведок во случајот „Рекет“
Орце Камчев во судница како сведок во случајот „Рекет“

Судењето за случајот „Рекет“ денеска продолжи со сведочењето на бизнисменот Орце Камчев. Тој обвини дека бил жртва на конструиран и смислен случај за од него да бидат изнудени пари.

Во двојна улога како сценарист и глумец се нашол, како што рече, бизнисменот Орце Камчев во денешното сведочење пред Кривичниот суд за случајот „Рекет“, а обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева ги нарече режисери кои случајот „Империја“ го искористиле за од него да изнудат пари. Според него, на обвинителната клупа треба да се најде и обвинителката Лиле Стефанова која ја води истрагата за „Империја“ која се однесува на перење пари во износ од речиси 11 милиони евра, а осомничен е Камчев.

„Бев жртва на директен притисок од конструиран и смислен случај од Јовановски, реализиран преку Стефанова, а по наредба на Јанева. Трио кое функционираше за од мене да извлече пари“, рече Камчев.

Најпрвин, како што сведочеше, од него биле изнудени 170 илјади евра преку Зоран Милески кој призна вина во „Рекет“ и беше осуден на три години затвор за закуп на реклама во телевизијата на Јовановски 1ТВ. Потоа Јовановски му предложил два проекти, едниот за отворање на трговски центри, а другиот за отворање на старечки домови. Откако Камчев ги одбил двата проекти и како што посочи не ги задоволил желбите на Јовановски и неговите соработници, тој завршил во притвор. На Камчев, како што истакна, му станало јасно што се случува кога СЈО не ја прифатило гаранцијата од 14 милиони евра која ја понудил за притворот за „Империја“ да му биде заменет со куќен притвор. Тогаш Камчев почнал да го смислува планот за обелоденување на рекетот додека Јовановски ја смислувал шемата за изнуда на пари од него.

„Јанева лично ми вика на мене тоа со Боки 13 што го правиш да го завршиш додека бев во собата за испитување на СЈО“, вели Камчев.


Неговата сопруга Ана додека Камчев е во притвор му исплаќа 350 илјади евра на Јовановски, а 150 илјади евра и позајмува Милески, кои подоцна Камчев му ги враќа. Неколку пати Камчев порача дека немало каде да го пријави планот за изнуда.

„Правдата беше на нејзина страна. Сите беа восхитени од СЈО. Чарлиевите ангели. Ние сме криминалците во јавноста. Не можевме да се испереме од ова, беше класична кланица и јас дадов насоки да се дадат пари колку што треба“, рече Камчев.

По излегувањето од притвор и во консултации со негови бугарски пријатели, кои, како што рече Камчев, имале слично искуство, започнува да го документира случајот, а единствено за рекетот му кажува на поранешниот шеф на УБК, Горан Николовски во кој единствено имал доверба.

„Се осеќате затворен во кафез со хиени околу вас“, рече Камчев.

Тој потоа преговарал со Јовановски и му понудил да му даде помала сума на пари. Но, Јовановски го информирал дека Јанева барала најмалку милион евра кои завршуваат спакувани во Луј Витон ташната во банкноти од 50 евра.

„Ташната заврши кај Боки сигурно, а кој ги земал парите не знам“, рече Камчев.

За целосно да биде ослободен од прогон Камчев требало да исплати осум милиони евра или пет милиони ако случајот „Империја“ заврши кај друг обвинител поради измените во законот за Основно јавно обвинителство.

Откако ги исплатил парите, Камчев имал средба со премиерот Зоран Заев и го информирал за рекетот. Според Камчев, Заев бил запрепастен. Имало и втора средба, на која Камчев му ги презентирал и доказите. После некој ден Заев му рекол случајот да го пријави кај обвинителката Вилма Русковска. На наредното рочиште треба да сведочи неговата сопруга.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG