Достапни линкови

Правни дилеми за владините повереници во општините пред повторените избори


Локални избори во Северна Македонија - архива
Локални избори во Северна Македонија - архива

Резиме

  • Валбон Лимани, доскорешниот в.д. градоначалник на Гостивар и кандидат на изборите кои пропаднаа поради неисполнет цензус ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд поради „правна колизија“ на Изборниот законик и Законот за локална самоуправа.
  • Според Изборниот законик, владата има дискреционо право во именувањето на повереници.
  • Според Законот за локална самоуправа, в.д. градоначалникот останува да ја врши должноста до изборот на нов градоначалник, избран на првите редовни избори.
  • Професорот Денис Прешова оценува дека ова е еден вид упад на Владата во локалната самопуправа

Владата на Северна Македонија именуваше повереници за четирите општини каде што на локалните избори не беа избрани градоначалници поради недоволната излезност.

Именуваните повереници се Аријан Ибраим за општина Центар Жупа, Буњамин Кадриу за општина Врапчиште, Фадил Џелили за Општина Гостивар и Онер Јакупоски за Маврово и Ростуше. Тие вршат работи од надлежност на градоначалници додека не се одржат новите избори закажани за 11 јануари.

Но, именувањето наиде на реакции на еден од кандидатите – Валбон Лимани, кој беше в.д. градоначалник на Гостивар по напуштањето на функцијата на Арбен Таравари и воедно кандидат за градоначалник на Гостивар на локалните избори кои завршија со неуспех.

Во изјава за РСЕ, Лимани вели дека назначените повереници се регулирани со Изборниот законик,кој пак, е во правна спротивност со Законот за локална самоуправа. За оваа, како што ја нарекува колизија меѓу двата закона најавува дека неделава ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд.

„Јас сум в.д. и назначен врз основа на тогаш сменетиот Закон за локална самоуправа, кој вели дека, во ситуации каква што беше во Гостивар, кога господинот Таравари замина и стана министер, еден од советниците се избира за вршител на должност градоначалник и ја извршува функцијата до избор на нов градоначалник на редовни избори. Законот по кој јас сум назначен и избран како в.д. не се совпаѓа со Изборниот законик на кој се повикуваат тие “, вели Лимани.

Притоа, посочува и на други, според него, проблематични аспекти. Вели дека во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и во Маврово и Ростуше се повторени избори и не гледа логика да се менуваат кандидати, туку треба да се повторат истите што биле за првиот круг од изборите, бидејќи не се нови избори.

Тој оценува дека пристапот на државата кон можните кандидати во четирите општини не е еднаков.

„Ако за мене важело во првиот круг дека требало да добијам плус 21 глас за да има цензус и со толку гласови не сум избран, хипотетички може да се случи на изборите на 11 јануари – каде што нема цензус – некој друг кандидат да биде избран со многу помалку гласови“, рече Лимани.

Тој не очекува дека Уставниот суд да донесе одлука по неговата иницијатива до одржувањето на изборите.

Што велат законите?

Членот 134 од Изборниот законик го утврдува правото на Владата да именува повереници. Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата. Потоа Владата во рок од 15 дена именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот и го известува претседателот на Собранието заради распишување на избори.

Според Изборниот законик, Владата има дискреционо право да именува повереници, без дополнителни услови или критериуми за избор.

Но, и Законот за локална самоуправа го уредува прашањето за избор на градоначалник.

„Во општина во која заради настапување на еден од случаите за престанок на мандатот на градоначалник по сила на закон Советот од редот на своите членови има избрано член, кој ќе ја врши должноста градоначалник на општината, со денот на влегување во сила на овој закон избраниот член останува да ја врши должноста градоначалник на општината до изборот на нов градоначалник, избран на првите редовни избори“, пишува во членот 4 од Законот за локална самоуправа, на кој се повикува и Лимани.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински за РСЕ изјави дека изборот на повереници е одлука на Владата донесена според Изборниот законик по кој се спроведуваат изборите, а не според Законот за локална самоуправа.

Сличен одговор добивме и од Владата.

„Во врска со тврдењата дека постои колизија меѓу Изборниот законик и Законот за локална самоуправа, потенцираме дека процедурата за овие конкретни ситуации е јасно утврдена во Изборниот законик и како Влада постапивме согласно законските надлежности“, одговорија од Владата.

РСЕ побара став и од Државната изборна комисија, која ги спроведува изборите. Членот на ДИК, Оливер Ристовски вели дека „ова прашање не е толку за институцијата, туку повеќе за Владата“.

Тој објаснува дека ,според Изборниот законик, овој аспект е полудефиниран, бидејќи пишува дека „доколку во вториот круг не се избере градоначалник“, а во пракса во овие општини немаше втор круг поради недостаток на цензус во првиот круг.

„Ние известивме, тие именуваа. Во меѓувреме, се додаде нов член. Наше е да кажеме дека немало цензус и тука завршува. Нашиот Изборен законик е стар, не е усогласен со измени во други закони, па има проблеми. Тоа е факт. ДИК не толкува, туку само ги извести Влада и Собрание“, изјави Ристовски.

Прешова: Се врши еден вид на упад во локалната самоуправа

Според професорот по Уставно право, Денис Прешова има колизија меѓу одредбите на двата закона.

„Конкретната одредба од Законот за локална самоуправа е во директна колизија со соодветната одредба од Изборниот законик бидејќи според Законот за лиокална имаме в.д. градоначалник кој треба да врши должноста до избор на нов градоначалник, а во исто време го имаме Изборниот законик кој регулира дека ако по вториот круг не се избере градоначалник тогаш Владата именува повереник“, објаснува професорот Прешова.

Тој оценува дека оваа конфузна состојба е резултат на ад хок интервенции во законите и поради тоа што не се обрнува внимание на релевантните одредби од другите закони.

„Во оваа смисла сметам дека решението во Изборниот законик со кое Владата треба да избере повереник претставува во одредена мера нарушување на принципот на супсидијарност, сфатен во поширока смисла, според која за локални прашања треба да одлучуваат локалните органи или институции. На овој начин се врши еден вид на упад во локалната самоуправа, која е уставно загарантирано право на граѓаните, со тоа што покрај новоизбран и постоечки Совет на општината се отстапува право на Владата да именува повереник“, вели Прешова.

Со оглед на тоа дека на претстојните избори во овие четири општини ќе се поднесуваат нови кандидатски листи, тоа значи дека на повторените избори може да се појават и нови лица.

Според роковите на ДИК, партиите и коалициите до 11 декември на полноќ треба да ги достават листите за кандидати за градоначалници. Кампањата, пак, ќе започне десет дена подоцна, односно на 22 декември и ќе трае до 9 јануари.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG