Достапни линкови

Нов обид за продажба на становите на Груевски, година без конфискуван имот од крупни предмети


Магацин на Агенцијата за управување со одземен имот во Тетово - архива
Магацин на Агенцијата за управување со одземен имот во Тетово - архива

Агенцијата за управување со одземен имот вели дека има раст на приходи од продажби на конфискуван имот и покрај недоволниот број вработени, ограничен буџет и мала оперативност. Европската комисија бара подобра евиденција за криминал, со фокус на враќање средства и конфискации.

Агенцијата за управување со одземен имот во повторена постапка ќе се обиде да продаде дел од конфискуваниот имот на поранешниот премиер Никола Груевски.

Овој имот на улицата Тодор Александров е сместен во комплексот „Панорама резиденс“ на Водно - Скопје кои беа одземени со пресудата за случајот „Плацеви на Водно“.

На огласите објавени на 4 декември, Агенцијата по втор пат ќе продава на три различни јавни наддавања вкупно шест недвижнини запленети од Груевски – по еден апартман и една помошна просторија. Вкупната површина на становите изнесува 554 квадратни метри додека на помошните простории 191 квадратен метар.

Продажбата на конфискуваниот имот ќе биде преку електронско јавно наддавање со почетна продажна цена утврдена од Бирото за процени при Министерството за правда.

Вкупната сума на трите предвидени продажби изнесува приближно 1.843.000 евра и тоа е минимален стартен износ кој Агенцијата ќе го обиде оствари, доколку постапката биде успешна. Парите од продажбата ќе завршат во државниот буџет.

Во 2025 не е конфискуван имот од високо профилирани случаи

Во годината што изминува, од Агенцијата за управување со одземен имот велат дека немаат „конфискувано имот или имотна корист, ниту пак има одземено предмети од донесена пресуда од високо профилиран случај“.

Но, Агенцијата сепак во првите десет месеци од годинава успеала да наплати 2.260.150 евра од други продажби на движен и недвижен имот и по основ на пресуди од кривична и прекршочна постапка.

Од таму велат деак приходот до крајот на октомври е
зголемен за 65 насто во однос на целокупниот приход остварен и уплатен во буџетот во претходната 2024 година.

Инфографика - Приходи од продажба на конфискуван имот за 2025 година
Инфографика - Приходи од продажба на конфискуван имот за 2025 година

Во 2025 година, Агенцијата конфискувала незаконски стекнат имот и тоа недвижен имот, пари, возила, цигари, тутун и алкохол, оружје, муниција и експлозивен материјал, наркотици, психотропни супстанци и прекурзори, монети/банкноти, археолошки артефакти, благородни метали/предмети, жива стока.

Од сите овие заплени, во годината што изминува Агенцијата спровела осум продажби со јавно наддавање - и тоа три постапки за продажби на недвижен имот, четири за
продажби на возила и една постапка за продажба на старо железо.

Европската комисија очекува проактивност

Овие резултати на Агенцијата со управување со одземен имот се во услови на половична функционалност од аспект на екипираност на институцијата.

Според Реформската агенда на Северна Македонија 2024-2027, Агенцијата за управување со одземен имот требало да ги пополни сите отворени работни места до јуни 2025 година, како конкретен чекор за зајакнување на институционалните капацитети. Но, во извештајот на Европската комисија е нотирано дека тоа е се уште нерешено прашање.

„Агенцијата за управување со конфискуван имот требаше да регрутира доволно персонал за да обезбеди нејзино целосно функционирање до јуни 2025 година, во согласност со реформската агенда на Северна Македонија. Сепак, на Агенцијата сè уште ѝ недостасуваат доволно персонал и финансиски ресурси, магацински простор, опрема и буџет, како и ефикасен систем за управување со предмети, па затоа не е целосно оперативна“, пишува во извештајот.

Премиерот Христијан Мицкоски на неодамнешниот брифинг со новинарите информираше дека меѓу активностите што треба да се завршат до крај на година во рамки на обврските околу реформската агенда, се и такви што се поврзани со Агенцијата за управување со одземен имот.

Како што посочи Мицкоски, она што се бара од државата во однос на Агенцијата е да се обезбедат повеќе вработувања.

Од Агенцијата за РСЕ велат дека иако буџетот и за годинава што изминува и за следната 2026 година не е доволен за целосна функционалност, сеоак заедно со Владата се стремат да ги остварат сите чекори предвидени во Реформската агенда како што доспеваат обврските. Иако потврдуваат дека поради недостиг на пари тие не се реализирани.

„Бидејќи рокот за имплементација на обврските по овие чекори е пролонгиран за јуни 2026 година (за вработување) и
декември 2027 година (за изградба на магацин и набавка на електронски регистар), Агенцијата преку Министерството за финансии е во постапка на обезбедување на дополнителни средства за вработување и подготовка на проект за изградба на магацински простор од буџетот за 2026 година“, велат од Агенцијата.

Но, Европската комисија бара од Северна Македонија во 2026 година резултати и во други сегменти.

„Да се подобри евиденцијата за истраги, гонења и пресуди во сите области на сериозен и организиран криминал, случаи на перење пари и финансиски криминал, со фокус на враќање на средства и конфискација на приходите од кривични дела“, стои во извештајот.

Долгите судски пресуди ги „трансформираат“ магацините во „депонии“

Во моментов, Агенцијата располага со пет магацини за сместување разновидна стока и два магацина за сместување на оружје и дрога. Во првите пет магацини се сместува целокупниот подвижен имот – возила и предмети и разновидна стока кои се одземени во кривична, прекршочна и управна постапка.

Конечно одземените подвижни предмети и разновидна
стока, сместени во магацините, Агенцијата ги расчистува по пат на продажба, отстапување на државни органи, здруженија и институции и преку уништување на одземената стока. Но, движниот имот за кој нема правосилни пресуди, ги пренатрупува магацините. Тоа го нотира во извештајот и Европската комисија.

„Поради бавноста на судскиот систем и носењето на пресуди, депоата на Агенцијата се претворени во „депонии“ и нема доволно капацитети да менаџира со заплената, па користи услуги и ресурси на други државни институции“, е наведено во извештајот

Троседот на Јанева, гардеробата на „Боки 13“ - што сѐ има во магацинот за конфискуван имот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00

Од институцијата велат дека најголем дел од овие судски постапки траат подолг временски период, а бидејќи се работи за привремено одземена стока и предмети, Агенцијата е обврзана да ги чува сѐ до конечноста на постапката.

„Меѓутоа, поради недоволен простор за сместување на возила Агенцијата предложи измена на Законот кој веќе е на сила, а се однесуваат на продажбата на привремено одземен имот и привремено одземени предмети – возила, сѐ со цел да не се намали вредноста на одземениот имотот, а воедно да се намалат трошоците за чување на истите, да се намали бројот на возилата и да се ослободи место за прием на нови одземени возила“, велат од Агенцијата.


Европската комисија нотира и дека нивото на заплени и конфискации на дрога малку е зголемено, но останало многу ниско во 2024 година.

На 15 септември 2025 година, Агенцијата за управување со конфискуван имот уништи повеќе од 4.000 тони марихуана, 18.000 растенија марихуана, 79 килограми цвет и повеќе од 21 килограм други дроги, вклучувајќи амфетамини, кокаин и хероин, конфискувани во текот на веќе завршени кривични постапки. Ова е прво уништување од 2023 година.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG