Достапни линкови

Време е за муниција? Косово влегува во играта


Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, потврди дека производството на муниција „Made in Kosovo“, ќе започне во 2026 г.
Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, потврди дека производството на муниција „Made in Kosovo“, ќе започне во 2026 г.

Резиме

  • Производството на муниција ќе го стави Косово на мапата на земји што развиваат одбранбени капацитети.
  • Проектот би можел да ја зајакне безбедноста и соработката на Косово со НАТО, но во исто време би можел да поттикне чувство на страв на Балканот, велат некои експерти.
  • Почитувањето на транспарентноста, владеењето на правото и борбата против корупцијата се сметаат за клучни за кредибилитетот на одбранбената индустрија и одржувањето на поддршката од сојузниците.

На Балканот, каде што безбедносната рамнотежа и понатаму е кревка, а државните потези често се толкуваат над нивната вистинска тежина, дури и малите чекори добиваат посебно значење. Во овој контекст, планираното производство на муниција во Косово претставува ограничен чекор, но со потенцијал да влијае на тоа како земјата се перципира во областа на одбраната.

Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, потврди дека првата фабрика за муниција во Косово ќе биде изградена во Јахоч во близина на Ѓаковица и дека производството се очекува да започне до крајот на 2026 година. Оваа активност нема да запре тука.

„Оваа индустриска зона ќе служи и за други инвеститори со кои сме во контакт, а ќе се произведуваат разни воени производи – воени и цивилни беспилотни летала ’Made in Kosovo‘“, рече Курти на 27 ноември.

Договорот за фабриката беше потпишан на 16 декември 2024 година помеѓу косовската влада и турската државна компанија МКЕ.

РСЕ не можеше да стапи во директен контакт со компанијата, но според нејзиното соопштение од октомври, Косово ќе биде опремено со машини за производство на куршуми и сачми, производствена и монтажна линија, лабораторија и опрема за тестирање. Персоналот на МКЕ, исто така, ќе обезбедува услуги поврзани со производство, одржување, поправка и техничка помош за косовскиот персонал.

На прашања од РСЕ, функционер на НАТО во Брисел не коментираше директно за најавата на Косово дека ќе започне со производство на муниција во 2026 година, ниту за специфичните стандарди што земјата мора да ги почитува, туку само изјави дека „мисијата КФОР предводена од НАТО останува фокусирана на спроведување на мандатот на ОН, одржување на безбедна и сигурна средина за сите жители на Косово, во секое време, непристрасно и во тесна координација со косовската полиција и мисијата на ЕУ, ЕУЛЕКС“.

НАТО не ја поддржа трансформацијата на Косовските безбедносни сили (КБС), која се очекува да биде завршена во 2028 година. Косовските власти, вклучително и Курти, тврдат дека процесот се одвива во согласност со стандардите на НАТО и дека оружјето купено во текот на изминатите четири години – во вредност од повеќе од 430 милиони евра, според него – доаѓа од членки на Алијансата: САД, Турција, Германија и други.

„Со зголемување на армијата, ја обезбедуваме Републиката. Со зајакнување на Косовските безбедносни сили, го зајакнуваме партнерството со сојузниците“, рече Курти.

Пензионираниот американски полковник Реј Војчик ја смета одлуката на Косово за производство на муниција како „фантастична иницијатива“, во согласност со очекувањата на НАТО дека земјите што се стремат кон членство ќе ги развиваат капацитети на одбранбената индустрија. Според него, Косово го започнува ова производство во вистинско време: за да ги зајакне своите сè уште ограничени капацитети, да одговори на зголемените безбедносни барања по војната во Украина и да ја подобри регионалната соработка со сојузниците.

„Една од позитивните работи за Косово, благодарение на долгогодишното присуство на мисијата на НАТО, КФОР, е тесната и континуирана соработка со сојузниците. Косово разговараше за оваа иницијатива особено со САД и Велика Британија – двајца од неговите најблиски сојузници, кои силно ја поддржуваат“, вели Војчик за РСЕ.

Војчик, кој беше раководител на Канцеларијата за одбранбена соработка во амбасадата на САД во Приштина, го споменува и регионалниот одбранбен договор меѓу Косово, Албанија и Хрватска, кој, според него, ја поддржува иницијативата за производство на муниција во Косово.

Аргиро Карцонаки од Хамбуршкиот институт за истражување на мирот и безбедносната политика се согласува дека има смисла мала држава да се стреми да ја зајакне својата безбедност, но исто така предупредува дека ваквите дејствија би можеле да бидат сфатени како закана од нејзините соседи, што би можело да ги зголеми тензиите, наместо да ги намали.

„Тоа нема да ја промени безбедносната динамика на Балканот. Она што може да го направи, сепак, е да потхрани одредени наративи. Да додаде уште еден елемент на пропагандата и популистичкиот дискурс на српскиот претседател Александар Вучиќ. Ако ова потоа се преувеличува, може да создаде чувство на страв и несигурност. А, чувството на страв е исто толку реално колку и вистинската закана. Токму тука лежи деликатноста на оваа одлука“, вели Карцонаки за РСЕ.

Одбранбениот договор меѓу Косово, Албанија и Хрватска, Вучиќ го протолкува како знак на трка во вооружување, нагласувајќи дека Србија „успешно ќе се одбрани од секој потенцијален агресор“.

Во ист наратив, претседателот на Комисијата за одбрана во српскиот парламент, Милован Дрецун, тврдеше дека турската фабрика за муниција во Косово ја загрозува безбедноста и позицијата на Србите во земјата, без да даде никакви конкретни докази за тоа.

Србија останува доминантна воена сила во регионот, со значително поголем буџет за одбрана од Косово и другите земји од Западен Балкан.

Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI), Косово издвои околу 162 милиони долари за одбрана во 2024 година, додека Србија околу 2,2 милијарди долари.

Србија е, исто така, главен извозник на оружје и муниција во регионот, покривајќи повеќе од 65 проценти од вкупниот извоз, според податоците од Институтот за контрола на мало и лесно оружје во Југоисточна и Источна Европа (SEESAC). Босна и Херцеговина и други земји во регионот, како што се Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, се следни, извезувајќи сè - од лесно оружје до мини и ракети.

Полковникот Војчик вели дека Косово треба јасно да ѝ стави до знаење на Србија за перцепциите дека одбранбените иницијативи, вклучително и производството на муниција, имаат за цел да ги исполнат стандардите на НАТО и да служат како одбранбена алатка, а не како закана.

„Ова е напор за регионална стабилност, бидејќи може да дејствува како одвраќање за агресивната Србија, која има големи капацитети за производство на оружје и муниција. Затоа, за многу малата количина оружје или муниција што ќе ја произведе Косово, нема причина за загриженост кај Србите“, вели Војчик.

Не е познато каков вид и колку муниција има намера да произведува Косово, бидејќи многу одбранбени информации се класифицирани. Во претходна изјава за РСЕ, министерот за одбрана Ејуп Мачедонци – сега во технички мандат – рече дека Косово не може да стане целосно самоодржливо, но дека може да ја намали својата зависност од други земји со производство на муниција и оружје што се најмногу користени и најтешки за набавка.

Карцонаки од Институтот за истражување на мировна и безбедносна политика вели дека како мала земја, Косово не може да развие голема одбранбена индустрија без значително да го ограничи својот буџет за други важни области.

„Проблемот е што имате мала земја со високо ниво на сиромаштија и невработеност. Дали тоа е навистина најдобрата инвестиција што можете да ја направите? Не станува збор за Германија, која може да произведува оружје во поголем обем, а во исто време да има доволно средства за да ги покрие социјалните аспекти на државата“, вели Карцонаки.

Полковникот Војчик нагласува дека ограничениот буџет за одбрана го принудува Косово да дејствува со најголема претпазливост, мудро инвестирајќи ги своите ресурси. Тој ја нагласува потребата напорите на одбранбената индустрија да бидат тесно координирани со клучните сојузници и да се избегнат партнерства што би можеле да ги загрозат регионалната стабилност или зближувањето кон Западот.

За да биде ефикасен, вели тој, одбранбениот сектор мора да работи во согласност со меѓународните стандарди, вклучувајќи транспарентност, владеење на правото и борба против корупцијата.

„Мислам дека Косово покажа конзистентни резултати. САД немаше да даваат безбедносна помош на Косово толку години ако имаше загриженост за корупција во Министерството за одбрана. Тоа е добар знак, а напорите за производство на муниција треба да го следат истиот модел – под надзор на НАТО и клучните партнери, како што се САД и Велика Британија. Значи, ризикот од лошо управување е многу низок“, вели Војчик.

САД во Косово го имаат кампот Бондстил, најголемата американска воена база на Балканот. НАТО таму сè уште има повеќе од 4.000 мировници – претежно на северот од земјата, каде што во последните две години се забележани најголемите етнички тензии од независноста во 2008 година.
Безбедносните сили на Косово се лесно вооружени, но откако Курти дојде на власт во 2021 година, буџетот за одбрана постојано се зголемува.

На глобално ниво, приходите од индустријата за оружје, исто така, значително се зголемија во 2024 година – поттикнати од високите воени трошоци поради војните во Украина и Појасот Газа, како и регионалните и глобалните геополитички тензии. Според SIPRI, продажбата на оружје и воени услуги се зголемила за 5,9 проценти минатата година, достигнувајќи рекордни 679 милијарди долари.

Според зборовите на полковникот Војчик, производството на муниција во Косово би можело да им користи и на сојузниците на НАТО, вклучително и Украина.

XS
SM
MD
LG