Достапни линкови

Балкански феномен „закони скроени по мерка“ на моќници


Законите кои го опфаќаат градежниот сектор за една деценија се изменети над 100 пати. Антикорпуционерите убедени дека со таквите измени секоја власт им угодува на моќниците да добијат за малку пари убави парцели.

Скопје во изминативе две децении радикално се трансформираше, во одредени делови од градот со години заградени личи на огромна градежна парцела. Никнаа висококатници во населби кои пред многу години беа планирани за маала со куќи. Таквите промени на градот се должат на корупцијата во легислативата велат антикорупционерите.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска вели дека измените на законите особено во градежништвото и урбанистичкото планирање укажува дека некои се правени по нарачки на моќниците кои сакаат да добијат некое земјиште по секоја цена.

„Еве работејќи на предмети за градежништвото и урбанистичкото планирање, многу јасно се гледа во која насока се вршени измените на законите во еден подолг период. Тоа не е од вчера завчера, туку од еден подолг период, па почнувајќи од нашево самостојно живеење. Мислам дека корупцијата во легислативата е најстрашната работа“, вели Ивановска.


Само законот за градење е изменет и дополнуван најмалку 25 пати во период од 2013 година до 2020 година. Додека останатите закони кои го опфаќаат урбанизмот, имотно-правните и сопственички прашања како и законите кои означуваат кое земјиште може да биде градежно се изменети и дополнети вкупно 120 пати во последниве две децении. Законите за денационализација и обврзници за денационализација претрпеле 15 измени во последниве 20 години. Ако целта на законот за денационализација беше да се исправи неправда во повоениот период кога на семејства им бил одземен имот, со измените на тој закон повторно се прави неправда, вели Ивановска. Во првата верзија на законот, кога некоја парцела во сопственост на Македонија треба да им се врати на приватни лица, таа парцела беше заштитена и не биле дозволени никакви дејства, но со измените од пред неколку години на законот таа одредба се брише и државата може да располага со таа парцела.

„И што се случува сега? Додека луѓе чекаат да им се денационализираат парцели, тие кои биле на Република Македонија се продаваат и не може да им се вратат како такви,па им се враќаат некои смешни надоместоци. Тоа некако се поклопува со период на пораст на урбаната мафија, и тоа по мене е многу страшно. Како настанува планирањето на просторот, к генералните и деталните урбанистички планови, како се менуваат, кој наредува измена на плановите – сето тоа упатува на големи коруптивни зделки“, вели Ивановска.

Судските грешки ја чинат државата над 2 милиона евра

Минатата година поради ваков пропуст државата мораше да исплати оштета од 190 илјади евра на тројца македонски државјани кои се жалеа во судот во Стразбур. Станува збор за денационализација на имот односно процес во кој македонските судови застанеле на страната на власта која во 2008 година не сакала да им ја врати во сопственост земјишна парцела која претходно им била одземена од нивниот починат родител, а во меѓувреме државата ја продала на друг сопственик кој на 1.500 квадратни метри изградил бензинска пумпа.

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешенл во изминатиов период во соработка со неколку невладини од регионов работат на феноменот на Балканов на „закони скроени по мерка“.

„Утврдивме дека во сферата на урбанизам и градежништво најчесто се менувани законите и урбанистичките планови согласно потребите на – тие го оправдуваат тоа со потребите на економијата, за да не се попречува бизнисот, но тоа се измени кои се прават согласно потребите на поединци или интересите на поединци, воопшто не се стратегиски поткрепени или засновани и многу често излегуваат надвор или воопшто не водат грижа за јавниот интерес“, вели Тасева.

Таа вели дека и примерот „Скопје 2014“ е класичен пример за како се менувани закони и урбанистичките планови за да се изгради целиот проект без при тоа да се има државна стретегија, туку се задоволувало само политичката желба. Во нивното истражување наишле на случаи во кои се правени измени на закон со рок од една недела за одреден моќник да се стекне со некое право и потоа истата таа измена се брише од законот во Собранието, вели Тасева.

Усвоен Законот за градење, опозицијата обвинува дека тој ќе биде во интерес на моќници

Интересен податок е дека политичките партии кога се во опозиција се свесни за постењето на овој феномен и секогаш гласно негодуваат, се додека нивните челници не седнат на функција. Опозициската ВМРО ДПМНЕ неодамна негодуваше за усвоените измени на законот за градење, со кои власта велеше дека ќе се допрецизираат процедурите за дозвола за градба. За опозицијата тоа е ултра коруптивен закон кој одреден бизнисмен без цела парцела односно со 90 проценти купена парцела ќе може да добие дозвола за градба.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG