Достапни линкови

Софија со закана за македонските европски интеграции


Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лејен
Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лејен

Софија повторно ги вознемири политичките кругови во Скопје, овој пат со Изјавата со која го условува европскиот пат на земјава. Аналитичарите предупредуваат дека треба да се биде внимателен, но дека работата е далеку од завршена за да се смета дека ова е и официјална позиција на ЕУ.

Во време на загреана јавна сцена со вестите за ширењето на коронавирусот, атмосферата по подолго време се чини успеа да ја подгрее друго прашање неповрзано со болеста - позицијата на официјална Софија за напредокот на земјава во преговорите со Европската унија.

Изјавата на Бугарија прикачена кон записникот на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март на која лидерите на земјите членки се согласија на Северна Македонија и Албанија да им се даде зелено светло за почеток на преговорите за зачленување ги воведе во полемики власта, опозицијата и експертската јавност.

Во изјавата Софија бара Скопје да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско во Бугарија, во меѓународни организации земјава да декларира дека има каква било основа да бара малцински статус за која било група, бара конкретни работи и политичка вклученост во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија.

Политички пресметки

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, објавувајќи ја изјавата речиси еден месец по состанокот на Советот на ЕУ рече дека е скандал кој сакале да го скријат министерот за надворешни работи Никола Димитров и владата на премиерот Оливер Спасовски под покровителство на Зоран Заев.

„Ако го прифати ова македонската влада по сменетото име, ќе треба да се откаже од македонско малцинство, од македонскиот јазик, а и од голем дел од македонската историја. Со цел овој документ да не се крие од јавноста денес го презентирам пред сите вас. Во заклучоците на Советот на Европската Унија јасно стои дека изјавата на Бугарската делегација е составен дел од одлуката“, рече Николоски.

Министерот за надворешни работи Димитров по изјавата го нарече Николоски политички лешинар.

„Се разбира, можно е Николоски толку и да разбира како функционира светот на дипломатијата, па да не знае дека во случајов станува збор за стриктно унилатерална толкувачка изјава што ги отсликува позициите на една земја членка на ЕУ - Бугарија, во која впрочем е јасно наведено дека тоа е видување на Бугарија (не на ЕУ!). Документ што самата Европска унија не го објави во пакетот со заклучоците. Притоа, оваа изјава нема никаков правен ефект врз содржината и опсегот на одлуката на ЕУ за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија“, напиша Димитров на социјалната мрежа Фејсбук.

Дали Бугарија е „новата Грција“?

Македонија стана земја кандидат за членство во 2005 година, а од 2009 година добиваше препораки за почеток на преговорите кои не почнуваа поради противењето на Грција заради нерешениот спор за името. Откако по децении преговори проблемот се надмина ниту Северна Македонија не доби датум од прва поради инсистирање на официјален Париз на ланскиот состанок да се постави нова методологија со земјите кандидати за членство. Откако таа се договори, Скопје минатиот месец доби зелено светло, но изјавата од Софија ги поттикна стравовите дали Бугарија е „новата Грција“ за македонскиот евроатлански пат.

Според поранешниот министер за надворешни работи, професорот Денко Малески она што треба да се научи од спорот со Грција е дека таквите прашања не треба да се користат за внатрешни политички битки и добивање гласови, нешто што вели веќе почна кај нас.
„За жал постои една сериозна опасност, по првите реакции кој што ги гледам, реакции на бугарската хартија поднесена до ЕУ забележувам нова генерација на политичарите во опозиција е спремна да го употреби тоа прашање и се зависи како ќе реагира партијата на власт, дали ќе се обиде рационално да го објасни проблемот или пак ќе влезе во тоа политичко надавање кое секогаш се случува кога се ближат избори“, вели Малески.

Меѓу историјата и политиката: И Гоце и Даме чекаат избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:31 0:00

Според професорот, овој спор со Бугарија може да биде многу покомплициран отколку оној со Грција и затоа вели тој стравува партиите да не влезат во „спирала на непопустливост“ која може да ги загрози македонските европски интеграции.

И Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ смета дека треба да се биде внимателен. Но таа нагласува дека изјавата на Бугарија е далеку од завршена работа во ЕУ бидејќи позицијата на блокот зависи и од ставовите на другите земји-членки и позицијата на Европската комисија.

„Новата методологија од една страна предвидува поголема улога и поголем мониторинг од земјите членки меѓутоа од друга страна предупредува земјите членки да не ги користат билатерални прашања како кочници. Далеку е од завршено прашање дека барањата на Бугарија кои во моментов ги поставува во истата таа форма ќе влезат во преговарачката рамка. Се сомневам дека голем дел од земјите би се сложиле да се вметнуваат идентитетски прашања иако мора да бидеме свесни дека ние со Бугарија ќе треба да работиме на мноштво прашања“, вели Кацарска.

Таа смета дека преурането е да се каже дека тоа се дефинитивни барања кои ќе се најдат во таа форма кои во моментов ги поставува Бугарија, потсетувајќи дека ваквите позиции на официјална Софија беа и претходно истакнувани преку други документи.

Инаку бугарското собрание лани усвои декларација со која ги поддржа преговорите за членство во ЕУ за Скопје и Тирана, но и тогаш услови со барање за признавање на „историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“. Кон крајот на минатата година пак Бугарската академија на науките (БАН) усвои став дека македонскиот јазик не постои, туку дека е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG