Достапни линкови

Премиерот и градоначалникот на Куманово негативни на Ковид 19


Резултатите од тестирањето за коронавирус на техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, и на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски се негативни. Тие оваа информација ја споделија на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук.Спасовски во својот пост напиша дека тестот е негативен што значи дека не е носител на коронавирусот.

„Согласно препораките на епидемиолозите, останувам и натаму во изолација во домашни услови. Се придржувам до препораките и советите на лекарите, најдисциплинирано, “ напиша Спасовски.

Тој наведе дека и таму своите обврски ќе ги извршува преку дигиталните алатки во самоизолација.

Градоначалникот Димитриевски, пак, на својот профил напиша дека тој и неговата сопруга на своја сметка направиле тестирања во неколку релевантни лабаратории и дека резултатите од сите тестови се негативи.

„ Денеска од епидемиолошката служба при ЦЈЗ Куманово побарав да ги разгледа резултатите од тестирањата, по потреба да го повтори тестирањето и под ИТНО да достават барање за укинување на решенијата за самоизолација за мене и членовите на моето семејство и сите мои контакти посочени во епидемиолошка анкета“, напиша Димитриевски.
Тој додаде дека очекува брз одговор затоа што, како што вели, неговата здравствената состојба и на неговото семејство е добра и немаат никакви симптоми, ниту показатели за инфекција од Ковид 19.

„Ги отфрлам сите обвинувања околу наводната мојата позитивност, анатемата мора да се тргне“, напиша Димитриевски иако на 16 април на својот фејсбук профил напиша дека добил позитивен резултат на тестирањето за коронавирусот.

„Сега ги добив најновите резултати за новите позитивни лица во Куманово, вкупно четириесет мои драги соѓраѓани помеѓу кои сум и јас, “ напиша Димитривекси на 16 април на фејсбук.

Османи и Адеми негативен на Ковид-19

Претходно и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за образование Арбр Адеми ја известија јавноста дека и нивните тестови за коронавирусот се негативни. Османи истакна дека според правилата треба да остане во самоизолација уште седум дена по што ќе му биде направен и втор тест.

Нови 30 дена вонредна состојба, министри во самоизолација

Претходно, поради контакт со коронапозитивен новинар, иако имаа негативни тестови, во изолација отидоа и лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

XS
SM
MD
LG