Достапни линкови

Нови 30 дена вонредна состојба, министри во самоизолација


Стево Пендаровски, претседател на Македонија

Од Владата велат дека биле подготвени и за вакво сценарио и дека изолирањето на функционерите нема да влијае на квалитетот на борбата против ширењето на коронавирусот.

Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми и државниот секретар во министерството за здравство Владимир Милошев, кои вчера присуствуваа на состанокот со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кој е позитивен на коронавирусот, одат во домашна изолација, соопшти Владата.

Информираат и дека се почнати сите здравствени процедури и епидемиолошки постапки за тоа колку лица биле во контакт и колкумина дополнително ќе треба да одат во изолација.

„На состанокот во Куманово сите функционери во Владата ги почитуваа протоколите за заштита и носеа заштитна опрема. Во овој момент се прават епидемиолошки проценки во Куманово од страна на локалниот Центар за јавно здравје и се анализираат контактите на градоначалникот Димитриевски. Во текот на денот ќе се утврди колку и кои лица ќе треба да останат во 14-дневна изолација. Во Скопје започнаа анкетите од Институтот за јавно здравје со сите членови во Владата кои беа присутни на состанокот, по што ќе биде дадена епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување“, соопштија од Владата.

Влада: Бевме подготвени и за вакво сценарио

Од Владата велат дека е подготвена за сите сценарија, вклучително и за ваква ситуација.

„Работата на Владата продолжува да се одвива непречено преку дигиталните алатки за комуникација и за одржување состаноци. И во услови на изолација продолжува редовната комуникација и координацијата на сите процеси во државата и управувањето со кризата со коронавирусот“, соопшти владиниот прес-центар.

По објавата на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски дека е корона-позитивен, се огласија и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство венко Филипче, на нивните фејсбук профили.

„Ќе се изолирам до вторник кога тестирањето треба да се направи според протоколите. Посакувам на градоначалникот на Куманово брзо закрепнување“, напиша Османи.

Министерот Филипче во својата објава соопшти дека и од изолација останува во контакт со Министерството за здравство.

„Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата“, објави Филипче.

Советот за безбедност без премиерот и двајцата министри, нова вонредна состојба од 30 дена

Тројцата министри денеска не присуствуваа на седницата на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски, на која се расправаше за нови 30 дена вонредна состојба. Од Кабинетот на Претседателот информираа дека состанокот почнал без Спасовски, Османи и без Филипче.

По состанокот, Пендаровски соопшти дека на предлог на Владата ќе донесе нова одлука за нова вонредна состојба од 30 дена.

Но ова решение, како што објасни Пендаровски, не ја намалува одговорноста на сите релевантни фактори во државата зашто во мај ќе се појават истите правни дилеми, во услови кога Собранието не работи, пратениците земаат плата, а не побарале апанажа. Во однос на ситуацијата во Куманово, тој рече дека треба посебен фокус и внимание и можеби многу брзо ќе треба примена на успешниот модел од Дебар и Центар Жупа.

Поради контакт со новинар, за кој тестовите покажаа дека е позитивен на коронавирусот, во изолација се веќе лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицскоски и Зоран Заев. Нивните тестови беа со негативен резултат, но останаа во изолација - Заев во Струмица, Мицкоски во Скопје.

XS
SM
MD
LG