Достапни линкови

Парламентарното собрание на СЕ го поздрави напредокот на Македонија


Парламентарното собрание на СЕ

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) го поздрави напредокот постигнат од страна на властите на Северна Македонија од 2013 година, наведувајќи пет области што ќе продолжи да ги оценува во следниот извештај, јавува МИА од Стразбур.

Во резолуцијата усвоена доцна синоќа врз основа на извештајот на Лиз Кристоферсен од Норвешка и Александар Поције од Полска, ПССЕ ги поздрави преземените чекори, по двегодишниот политички транзициски период, да ја „нормализира“ ситуацијата во земјата и да ги почитува стандардите на Советот на Европа. Парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа исто така, го поздравија, како што рекоа, „извонредното“ подобрување во односите на Северна Македонија со соседите.

Сепак, тие истакнаа дека неодамна донесените закони треба да бидат целосно имплементирани со цел државните институции да бидат поодржливи, да се зајакне независноста на судството и да се консолидира владеењето на правото.

Собранието одлучи да го продолжи пост-мониторинг дијалогот и посочи дека неговиот следен извештај ќе го оцени напредокот постигнат во консолидирање на функционирањето на демократските институции, зајакнување на независноста на судството, борба против корупцијата, зајакнување на изборните рамки и спроведување инклузивни политики за заштита на правата на малцинствата.

XS
SM
MD
LG