Достапни линкови

Странците бараат брза истрага за „Рекет“, а таа оди тромаво


Архивска фотографија0 Прес-конференција во Основното јавно обвинителство за случајот Рекет
Архивска фотографија0 Прес-конференција во Основното јавно обвинителство за случајот Рекет

„Риалити шоу“ и реторика која го труе општеството, детектираат амбасадори кои инсистираат на независна, целосна и брза истрага на случајот „Рекет“. Упатените оценуваат дека ЈО засега работите не ги води како што се бара од него, а се упатува и на последиците од острата реторика и лажните вести.

Инсистирање на судството да ја заврши својата работа, барање на целосна и брза истрага, одолевање на притисокот, владеење на правото, сериозен одговор. Накратко вакви се сумираните пораки на меѓународниот фактор кои стигнуваат периодов, а поврзани со случајот Рекет. Слични пораки стигнаа од еврокомесарот Јоханес Хан, американската амбасадорка Кејт Брнс, заменик-помошникот државен секретар на САД Метју Пламер и други.

Но и покрај инсистирањето на “брза” и “навремена” истрага, најчестите термини што ги користат странците, домашните аналитичари забележуваат на недоследности во водењето на случајот.

“Многу несериозно, многу тромо се тераат работите. Мора да се земе предвид важниот факт што Бојан Јовановски се уште не е сослушан и не гледам дека се прави она што го бара меѓународната заедница, брза и ефикасна истрага”, вели поранешниот обвинител Александар Наков.

Јовановски, кој се наоѓа во притвор месец и половина беше на распит на 15 јули, кога беше и приведен, но од тогаш обвинителството не го донесе на распит, како што го направи тоа со Зоран Милески- Кичеец, кој исто така е во притвор, а беше на распит на 19 месецов.

И додека обвинителите не се сретнале со Јовановски, со него во притвор се сретнаа инспекторите од Управата за јавни приходи за да го известат дека ќе вршат финансиска контрола во неговата невладина организација „Меѓународен сојуз“. Покрај во организацијата, УЈП од минатата недела прави контрола и во 1 ТВ и во БМЈ груп.

Во меѓувреме, додека истрагата е во тек, секојдневно во медиумите излегуваат информации од неа, а политичарите жестоко се обвинуваат меѓусебно. Се чини најпластично ситуацијата ја опиша евроамбасадорот Самуел Жбогар кој рече дека и острата реторика на политичарите што ја користат меѓусебно, но и во однос на судството, не само што ја еродира довербата кај граѓаните, туку и го труе општеството на кое очајно му треба, како што рече, помирување. Судскиот процес пак тој го спореди со риалити шоу.

Општествените чинители треба да креираат дебата во која нема да се труе јавното мислење, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија коментирајќи ја изјавата на дипломатот.

“Ова значи дека мора да признаеме како општество дека за нешто имаме заедничка согласност дека вреди, дека сме постигнале реформа за која сите се согласуваме дека е добра. Во спротивно ние за секој политички потег или настан во општеството крајно негативно, критички, остро, со говори на омраза итн, се расфрламе со најголеми дисквалификативи и на крајот не можеме да воспоставиме заедничко разбирање што е основна појдовна вредност на нашето општество и политиките што ги креираме”, вели Трошановски.

Жбогар во изјавата прецизираше и дека процесот деновиве бил трансформиран од политиката и од некои домашни и странски медиуми во риалити шоу. Според евроамбасадорот, тие се обиделе да му ја преземат улогата на судството, да ја играат улогата како што рече на „поголемиот брат“, а лажните вести и доведувањето во прашање на се и сешто, станале модус операнди во земјата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG