Достапни линкови

Предметите на СЈО не се за пазар


Илустрација

Партиските работни групи, денеска ќе се обидат уште еднаш да ги доближат ставовите околу владиното предлог-решение за Законот за јавно обвинителство, со кој се решава и иднината на СЈО. Непостигнувањето договор носи тешки последици за правната држава и за почетокот за преговори со ЕУ.

Последен обид на двете најголеми македонски партии да се договорат за заедничко решение преку работни групи за статусот на Специјалното јавно обвинителство. Партиите со месеци не можат да се договорат дали СЈО да премине целосно во Обвинителството за организиран криминал со сите предмети и капацитети, како што предлага Владата, или да се вратат истражителите и обвинителите на претходните работни места, како што предлага опозицијата.

Ризикот од непостигнувањето договор е голем и носи тешки последици за државата, за нејзините евроинтеграции, како и за граѓаните и надежта за правна држава велат правниците. Од една страна, судбината на СЈО се смета за последно отворено прашање пред земјите членки на ЕУ кои во октомври ќе решаваат за почеток на пристапни преговори. Од друга страна пак, ако не се договорaт, а мандатот според досегашниот закон СЈО истекува за неполни три недели, судбината на предметите кои произлегоа до незаконски прислушуваните разговори останува да „виси“.

Поранешниот претседател на Врховен суд Дане Илиев вели дека ако нема договор за статусот на СЈО до крајот на месецов единствено безболно решение, според Уставот, е државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да ги преземе сите предмети во фазата.

„Главниот државен јавен обвинител со предметот под мишка и во судница. Па сите познати јавни обвинители во светот се прославуваат во Судница, а не на прес конференции. Тој е овластен според Уставот, нема друг, тој се грижи за сите предмети, и треба да гони сторители на кривични дела“, вели Илиев.

Илиев додава дека не смее да се дозволи предметите и истрагите на СЈО да останат да „висат“ незавршени или да пропаднат поради тоа што политичарите не сакале да се договорат.

Тој додава дека може и треба сите предмети да ги преземе државниот обвинител, вкулучувајќи ги и истрагите кои за опозицијата се спорни затоа што се отворени по 30 јуни 2017 година.

„Не може да замижи за сторени кривични дела, сите овластувања се во негови раце. Откако ќе ги преземе и разгледа ќе може да ги прошири, или пак да врати неколку чекори назад или да продолжи од каде што застанале претходно“, вели Илиев.

Законот за јавно обвинителство веќе е ставен како точка на дневен ред на собраниска пленарна седница во вторник, но двотретинско мнозинство за негово изгласување сè уште не е постигнато.

Премиерот викендов изрази оптимизам дека ќе има консензус затоа што поголемиот дел од предлозите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе се вметнати во предложеното законско решение.

„Очекувам да се договориме, а пратениците да се изјаснат, бидејќи деновите се одброени“, изјави Заев.

Од друга страна, од ВМРО – ДПМНЕ бараат истрага за евентуална вмешаност на обвинителите во аферата „Рекет“. Тие бараат Јовески да ги преземе само предметите кои се стигнати во суд, односно оние 18 за кои имаше обвинителни акти. Тоа значи дека опозицијата сака и бара да се повлечат истрагите кои беа објавени по 30 јуни 2017 година како Талир – за незаконско финасирање на партијата, Империја – за перење пари, предмет кој е основа за аферата „Рекет“, потоа истрагите кои беа отворени за лидерот на ДУИ Али Ахмети за пропаднатиот попис, или пак предметот „Пациент“ во кој е осомничен вицепремиерот Бујар Османи, случајот „Хармонија“ во кој е осомничен екс-градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, потоа истрагата за поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески осомничен во предметот „Подарок“, како и други случаи кои се во истрага и предистражна постапка во кои се осомничени Жарко Луковски, директор на Т-мобиле, пратеникот Антонијо Милошоски и други.

Во меѓувреме, по приведувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева, тимот на СЈО остана без шефица, но и за тоа решението е замрсено во толкувањето на законот кој ќе избере нејзин заменик, Советот за јавни обвинители или пратениците.

Од Европската комисија им порачаа на македонските политички сили да изнајдат договор за замената на Катица Јанева во согласност со законот и потенцираат дека нема никаква улога во овој процес.

„Воспоставувањето на Специјалното јавно обвинителство на Северна Македонија беше дел од Договорот од Пржино помеѓу сите главни политички партии во земјата“, вели за МИА, Маја Коцијанчич, портпаролка на ЕК.

Таа потсетува дека Собранието го усвои законот со кој се етаблира СЈО и ја назначи Катица Јанева на функцијата специјална јавна обвинителка.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG