Достапни линкови

Судбината на СЈО во рацете на пратениците


Илустрација, Специјалната обвинителка Катица Јанева во Собрание на презентација на извештајот на СЈО

Власта има план Б ако не се обезеди двотретинско мнозинство за законот за Јавно обвинителство. Денеска пратениците ја изгласа потребата од носење на таков закон по скратена постапка, со кое ќе се реши статусот на СЈО. Опозицијата најави амандмани на предлог-законот.

Политичката битка од работните групи од денеска се пресели во Собранието. Пратениците претпладнево, со 57 гласа ЗА, ја утврдија потребата за носење на закон за Јавно обвинителство по скратена постапка со кое ќе се утврди статусот на СЈО и вработените во него, како и иднината на предметите и доказите кои се прибавија по индиции добиени од нелегално прислушуваните разговори. По оваа фаза, расправата за предлог-законот продолжува во собраниските комисии за каде од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека е можно да интервенираат со амандмани. Во оваа иницијална фаза, доволни беа 57 гласа во Собранието, а за финално усвојување на законот неопходно е двотретинско мнозинство.

Во име на предлагач министерката за правда Рената Дескоска ја повика опозицијата да гласа за, како што вели, да се расчисти криминалот од претходни функционери од нивната партија,по што следеа дофрлања од опозициските пратеници. Но, по гласањето во Собранието најави и Б план.

„ Во случај да не се најде мнозинство за Законот за јавно обвинителство, сите предмети на Специјалното јавно обвинителство ќе ги преземе и ќе ги продолжи друго јавно обвинителство. Или, со измена на Законот за Совет на јавни обвинители, кој се носи со обично мнозинство, ќе се најде решение за функционирање на Специјалното обвинителство “, изјави министеркатаДескоска по гласањето во Собранието.

Во меѓувреме пратеникот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, побара оставка од министерката Дескоска.

„Бараме од другарката на Боки Tредичи, Рената Дескоска, да си поднесе оставка зашто во нејзин мандат има најголем политички и судски скандал,“ изјави Милошески по седницата.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ имале системски амандмани предложениот закон и дека сметаат дека случаите на СЈО кои се во судски процес треба да продолжат, но не и мандатот на помошниците обвинители.

За Десковска барањето на ВМРО-ДПМНЕ за оставка е комплимент.

Од ДУИ пак, велат дека случајот „Рекет“ и вклучувањето на повеќе општествени елементи, ја наметнуваат потребата за ветинг на сите политичари, на сите судии и на сите обвинители без никаков исклучок.

„Политичарите и политичките партии треба да се воздржат од преземање на улогата на судија и на обвинител, како и на пропагандист или на пишувачи на лажни вести во целиот овој процес“, изјави денеска пратеникот од ДУИ Артан Груби и претседател на собраниската Комисија за европски прашања.

Од опозициската Беса бараат гаранции дека со новиот закон за обвинителство нема да се амнестираат обвинетите од СЈО. Во спротивно, како што изјави пратеникот Фадил Зендели, тие нема да го поддржат предлог-законот.

„Барам во дебатата и во амандманската расправа да имаме целосни гаранции дека сите предмети кои се започнати и кои биле во постапка или материјали кои се користени од страна на СЈО, ќе продолжат да се обработуваат и од страна на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција”, изјави Зендели.

Комисиската расправа се очекува да почне идната недела за партиите да имаат време да ги достават амандманите на законот кој треба да ја реши иднината на СЈО.

Ваквиот расплет на настаните следуваше откако работните групи вчера стартуваа по договорот меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на почетокот на март, по што тогаш Заев изјави дека преговорите ќе бидат покренати на лидерско ниво и дека ќе се обиде да изнајде поддршка од дел од опозициските пратеници затоа што за гласање на законот е потребно двотретинско мнозинство. Но, таквите најави завршија неуспешно.

Вчерашната средба заврши без договор за статусот на СЈО, но единствена работа за која се договорија беше повеќе да не се дискутира за идниот статус на Катица Јанева како обвинителка, иако во владиниот предлог-закон за јавно обвинителство доставен до Собранието, има одредба и за неа, која предвидува Јанева да се пресели во државното обвинителство.

Пратеникот Антонијо Милошоски кој учествуваше во преговорите вели дека власта мора да соработува со опозицијата и да се донесе системско решение преку дијалог, за како што вели тој „да не ни се случи следна Катица Јанева“.

Министерката за правда Рената Десковска пак, вчера посочи дека со притворањето на Катица Јанева како осомничена за „Рекет“, беспредметна станува расправата за нејзиниот статус.

И двете страни јавно укажуваа дека постои волја за продолжување на дијалогот и преку амандмани опозициската ВМРО-ДПМНЕ да интервенира во веќе предложениот законски текст.

Клучните разлики според власта се предметите кои што ги води ова обвинителство и желбата на опозицијата да не завршат тие предмети. Според опозицијата посочува дека проблем е инкриминираноста на дел од обвинителите и дека предметите кои се отворени по 30 јуни 2017 година не треба да се работат.

Во меѓувреме, Советот на јавни обвинители денеска ќе одржи седница на која се очекува да ја започне постапката за разрешување на Катица Јанева. Поради тајноста на истражната постапка за случајот „Рекет“ која е се уште во тек, седницата на Советот ќе биде затворена за јавноста.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG