Достапни линкови

Уапсени повеќе од 300 лица на протестите на опозицијата во Москва


Руската полиција уапсила 317 демонстранти кои денеска се собрале пред Собранието во Москва на недозволени протести за да бараат слободни избори. Руската опозиција повика на протести против отфрлањето на кандидатурите од страна на голем број членови на опозицијата за локалните избори во Москва во септември. Протестот беше свикан од Алексеј Навални, најистакнатиот руски опозициски активист, кој рече дека протестите ќе продолжат додека не им се дозволи на одбиените кандидати да учествуваат на изборите.

Навални беше уапсен во средата и доби 30-дневен притвор за повикување на недозволен протест. Неколку часа пред денешниот собир неколку активисти на опозицијата, исто така, беа уапсени, меѓу кои и Дмитриј Гудков, кој вчера изјави дека причината за протестите е поголема од локалните избори. Еден од главните соработници на Навални, Иван Жданов, преку Твитер објави дека бил уапсен во пресрет на протестот, а приведен е и Илија Јашин, уште еден водечки член на опозицијата.

XS
SM
MD
LG