Достапни линкови

Што направија „Чарлиевите ангели“ од СЈО досега?


Само три предмети на СЈО ги поминаа судските лавиринти. Судот ќе заседава за уште најмалку 20-тина обвиненија годинава. Досега тројца обвинети им побегнаа, двајца се во Грција и се чека на нивна екстрадиција, додека осудениот Никола Груевски побегна во Будимпешта, кадешто доби и политички азил.

Додека се чека новото законско решение да го претвори Специјалното јавно обвинителство во највисоко обвинителство надлежно за гонење на нечесни функционери, има уште многу незавршена работа со досегашните надлежности кои произлегоа од скандалот со масовно прислушување.

Поминаа три ипол години од создавањето на ова обвинителство за кое лидерите во Пржино се согласија дека ќе може да ги истражува сомнежите за криминал меѓу функционерите кои произлегуваат од децениското незаконско прислушување во УБК.

До сега „Чарлиевите ангели“, како што на почетокот ги нарекуваа обвинителките од СЈО, во Судот до крај истераа само три предмети, а незавршени им останаа уште дваесетина обвиненија.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека за тој краток период во кој работеа обвинителите од Специјалното јавно обвинители си ја завршиле до некаде задачата која им беше дадена со Пржинскиот договор.

„Тоа што тие обвиненија не се пресудени е постапка пред суд. Таа е комплицирана, обемна, многу обвинети, многу докази, така што нивното застапување во Судот го ценам како успешно. Тоа што ќе биде со новата надлежност што се предвидува во предлог законот сум оптимист, но морам да забележам дека е потребно во најмала рака и специјално одделение во Судот кое ќе се занимава исклучиво со висока корупција“ објаснува Илиев.

Тенк, Труст и Тифани се единствените предмети кои добија судска разврска и затворски казни за обвинетите. „Тоа на М“ односно предметот познат како Тенк, му донесе и две годишна казна затвор на поранешниот премиер Никола Груевски, кој пак по ова со дипломатско возило пристигна во Будимпешта каде што доби по брза постапка политички азил.

Ова беше и првата пресуда за Груевски, а поради бегството во отсуство годинава ќе му се суди во уште 4 други случаи.

Груевски првпат на обвинителна клупа седна на 16 декември 2016 година, како обвинет во случајот „Насилството во Центар“, а потоа се редеа и рочиштата за „Титаник“, Тенк“, „ТНТ“ и „Траекторија“, но освен првостепена пресуда за набавката на мерцедесот од речиси 600 илјади евра, останатите се „заглавени“ во доказна постапка.

Најголема казна затвор од обвинетите во предметот Тенк добија и поранешниот заменик министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски кој од Основниот Суд Скопје 1 доби 6,5 години, додека Апелациониот суд потоа му ја намали на 4,5 години поради злоупотреба на службена должност. Случајот Триста, во кој исто така е обвинет Поповски е вратен на повторно судење. Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска од првостепениот суд доби шест години казна затвор. Се чека одлука од Апелација по нејзината жалба.

Пресудата за предметот Труст, му донесе шест години казна затвор на бизнисменот Сеад Кочан, додека на неговиот партнер во незаконската зделка Василие Авировиќ му донесе три години затвор. Третообвинетиот Сафет Ватиќ замина слободен, затоа што доби ослободителна пресуда. Покрај затворските казни, Кочан и Авировиќ добија и забрани за вршење на професијата во рок од три години. Нивните фирми Трансмет и Силекс Неметали ќе треба да платат казни во вредност од по 33 илјади евра и нема да смеат три години да учествуваат на тендери.

Условна казна затвор од две години доколку во наредните четири години не го повтори делото, доби новинарката Ивона Талеска за предметот Тифани, каде што беше обвинета за затајување на данок.

За пет предмети ќе му се суди во отсуство на Груевски

Најновиот предмет на СЈО кој влезе во судска процедура со две обвиненија е Талир. Во првото обвинение поранешниот лидер на ВМРО- ДПМНЕ, Груевски, е обвинет за перење пари и незаконско финансирање заедно со Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска. Додека во второто обвинение, почесниот претседател на ВМРО- ДПМНЕ Груевски се товари за злоупотреба на службена должност кој заедно со генералниот секретар на поранешната Влада Кирил Божиновски го принудиле Бетон Скопје да им го изгради седиштето на партијата. Рочиштата за овој предмет се уште не се почнати.

Груевски е обвинет во предметот Титаник, кој се однесува на изборни измами. Таму како првообвинет обвинителната клупа ја делеше со Мартин Протуѓер, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Илија Димовски, Едмонд Темелко, Билјана Бришковска - Бошковски и уште десетина други. Овој предмет го држи и рекордот, во еден ден во судница беа преслушани вкупно 106 бомби, од над илјада доставени прислушувани разговори како докази. Откако заврши читањето на СМС пораки и преслушување на разговори, на ред е презентирањето на материјалните докази. Овој предмет се очекува да го задржи и приматот во најмногу доставени докази. СЈО во судот доставиле 5910 материјални докази и предложиле 190 сведоци.

Груевски е обвинет и за предметот ТНТ односно за уривањето на зградата „Космос“, каде покрај него, обвинети се и Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, и четворица вработени во општинските служби. Процесот е се уште во доказна постапка.

Без него ќе продолжат и судските рочишта за предметот насилство во Општина Центар, познат во јавноста како „Шамарите за Жерновски“ каде на обвинителната клупа седеа и голем број на негови сопартијци како Даниела Рангелова. Рочиштата за овој предмет се закажани до март годинава. Но бројот на обвинети се намали откако дел од обвинетите ја признаа вината во Суд по што добија условни казни.

Доказната постапка трае веќе 10 месеци за предметот Траекторија, каде покрај Груевски и Јанакиески обвинет е и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на јавни патишта Љупчо Георгиевски за злоупотреба на службена должност при изборот на компанија за изградба на делниците Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

СЈО води и пет истраги против Груевски

Специјалното јавно обвинителство води четири истраги против почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој сега е во бегство. На листата се и истрагите Актор која се однесува на автопатите, каде Груевски, според истрагата, ја фаворизирал грчката фирма Актор, иако не ги исполнувала условите и немала најниска понуда. Потоа Попис каде е осомничен заедно со лидерот на ДУИ Али Ахмети, Пропаганда каде се сомничи дека со 30 милиони евра државни пари контролирале проток на информации во медиумите, и истрагата именувана како Хармонија каде за прв пат покрај Јанакиески како осомничен се води и поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски за оштета на буџетот од речиси 400 илјади евра за продажба на државна градежна парцела на Приватниот Меѓународен Балкански Универзитет.

СЈО во притвор стави моќници и поранешни функционери

Неговото бегство ги стави во тешка позиција и другите обвинети кои набрзо откако тој се чекираше на Фејсбук од Будимпешта, добија притвор. СЈО побара притвор за неговите најблиски соработници Јанакиески и Божиновски. Во притвор заврши и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Притворот го доби по бегството на неговиот братучед, за предметот Таргет Тврдина кој се однесува на нелегалното масовно прислушување на над 20 илјади луѓе. Пред Нова Година мерката затворски притвор им беше преиначена во домашен. Покрај Груевски, во бегство за овој предмет се и обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски началници од Петтата управа. Досега во Судот како сведоци во овој предмет се појави свиркачот Ѓорѓи Лазаревски кој при вкрстеното испрашување образложи како се одвивало незаконското прислушување и како тој ги изнел незаконски прислушуваните разговори од УБК. На Судот му откри дека таргети на прислушување биле и братот на Мијалков и неговата сопруга.

Со Мијалков во притвор се осомничените во една од најголемите истраги за финансиски криминал на СЈО именувана како Империја. Осомничените во „Империја“ испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании, покажуваат првичните истраги на СЈО. Оттаму најавуваат дека истрагата се проширува и на други лица и фирми а најверојатно ќе има и други кривични дела. Покрај Мијалков кој притворот првично го доби како обвинет во Таргет Тврдина, а потоа и како осомничен во оваа истрага, во притвор за Империја е и бизнисменот Орце Камчев заедно со неговите соработници Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски.

Од СЈО соопштија дека судот определил привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица ДПТУ Орка холдинг АД Скопје и ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на правните лица ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и ДПТУУ Тимох увоз извоз ДОО Скопје.

Мијалков од затворот во Скопје минатиот месец беше спроведуван во суд каде што, во доказната постапка за предметот Тортура гледаше новинарски прилози кои се емитувале денот кога беше изведено апсењето на поранешниот министер за одбрана Љубе Бошковски. Причината за тоа било да се покаже дека за да биде снимено апсењето од една националната телевизија, апсењето било повторено. Бидејќи одбраната барала да се гледаат вестите во целост, на рочиштето бил прикажан и новинарски прилог за условите во затворите во Идризово и Шутка. Мијалков во Тортура е обвинет за нечовечно апсење на Бошковски.

На последното рочиште за предметот Трезор каде што Мијалков беше доведен од притвор со засилено полициско обезбедување , обвинителите од Специјалното обвинителство на рочиштето ги презентираа материјалните докази но и ја дополнија листата со податоци за фирмата Финзи чиј директор беше починатиот сведок на обвинителството Коста Крпач, а преку која според обвинението од буџетот испумпале 860 илјади евра преку сомнителни договори. Следува сослушување на сведоци.

Во случајот во кој Мијалков е обвинет за набавката на опремата за прислушување со неколку кривични дела се товарат и бегалецот Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски.

На 21 јануари продолжува и судскиот процес за предметот Топлик каде што првоосомничен е екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, а заедно со него се осомничени уште пет лица. Тие се товарат за продажба на државно земјиште за изградба на „Сончев Град“ во Сопиште.

Амнестијата, застарувањето и уште многу правни лекови и адвокатски трикови и во иднина ќе бидат искористени со цел обвинетите поранешни функционери да куртулат од затвор.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG