Достапни линкови

Две бурни години по првата опозициска „бомба“


Проектот на СДСМ „Вистината за Македонија“

И по две години од „бомбите“ се уште нема правна разрешница за тоа кој незаконски прислушувал над 20 илјади граѓани, како и за индициите за криминал кои произлегоа од разговорите. Но од друга страна, според експертите, 33-те „бомби“ донесоа општествени промени.

Незаконско прислушување на илјадници граѓани, прикривање убиство, прикривање докази за смртта на Никола Младенов, корупција, незаконски провизии за јавни набавки, незаконски судски одлуки и корумпирани судии, прислушувани новинари и поткупени медиуми во спрега со власта, местење избори, силеџии со полициска значка се само дел од работите кои македонската јавност ги слушна во објавените 33 бомби на опозициската СДСМ како дел од нивниот проект „Вистината за Македонија“. Пред две години, на овој ден почна и објавувањето на првата таканаречена бомба. Презентацијата на материјалите почна со снимен разговор на новинар на Радио Слободна Европа со Заев.

Новинар на РСЕ: Добро утро Господине Заев, Мирјана од Радио Слободна Европа. Како сте?

Заев: Да, повелете.

Новинар на РСЕ: Сакав да ве прашам во врска со блок дотациите што ги дава Министерството за образование на општините. Некои општини се жалат дека тие не стигнуваат да се покријат ни основните трошоци. Можете ли да ни кажете како е во Струмица?

Опозициските бомби ја раздвижија Македонија. Власта почна да се повлекува од дел од одлуките кои во тој период предизвикаа граѓански протести. Политичката криза чиј зародиш беше во 2012 по насилното изнесување на опозицијата од Собранието, а потоа и по напуштањето на Парламентот по изборите кои следуваа, се разгоре и продлабочи со објавувањето на прислушуваните разговори за кои Заев тврди дека потекнуваат од УБК и се под директива на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешниот премиер Никола Груевски. Тогашната власт тоа го негираше.

Следуваа политички преговори, па најави за избори и Пржино 1, па по него и Пржино 2. Од преговорите произлезе и формирањето на Специјалното јавно обвинителство кое има за цел да ги расчисти наводите околу нелегалните активности на владините функционери.

До сега се отворени 34 предмети а во јавност досега се презентирани 11 истраги кои случајно или не почнуваат на буквата „Т“, и две обвиненија кои стигнаа до Основниот суд Скопје 1. Во меѓувреме Заев беше обвинет во предметот „Пуч“ од кој пред извесно време се откажа СЈО. Тој се товареше дека заедно со поранешниот прв човек на разузнавачките служби Зоран Верушевски се одговорни за прислушувањето на политичарите во Македонија, односно за „ шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи“.

Во една од истрагите на СЈО наречна „Тврдина“, обвинителките открија дека набрзо по објавувањето на првите „бомби“ на Заев, службите во УБК незаконско уништиле дел од опремата за прислушување.

Не е прв пат во Македонија да се објавува афера за прислушување, но е прв пат да се објавуваат прислушувани разговори и токму тоа придонесе да се случат и тектонски промени во општеството велат дел од политичките аналитичари. Политикологот Митко Гаџовски вели дека за прв пат граѓаните го слушнаа она што потајно се раскажуваше, за тоа како досегашната власт ја водела државата.

„ Имаше доста шпекулации претходно за сите работи кои ги слушнавме во таканаречените бомби, меѓутоа никој не веруваше целосно во шпекулациите. Со објавувањето на прислушуваните разговори, граѓаните изворно и директно се информираа што се случувало точно во Македонија,а тоа придонесе за ослободување од стегите во кое живееше македонското општеството,“ вели тој.

По одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за аболицирање на 56 осомничени функционери и нивни соработници за предметите на СЈО, гневот на дел од граѓаните се разлеа и на улиците боејќи неколку институции. Настана и таканаречената „Шарена револуција“.

Гаџовски додава дека промени настанаа и во политичките односи и систем, се формираа институции и се отвори можност и за системски промени. Уште во првите месеци по објавувањето на бомбите, на само три дена по нападите во „Диво Насеље“, од функционерските столчиња се откажаа министерската за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, кои од Иванов беа аболирани десетина пати. А од функцијата се откажа и тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Речиси една година подоцна и многугодишниот премиер Никола Груевски се повлече од функцијата назначувајќи наследник чија надлежност беше само спроведување на избори.

Се донесе закон за техничка влада сто дена пред избори кои би требало да се спроведува на сите наредни парламентарни избори.

Прочистување на избирачки список, два пати одложување на избори со цел создавање минимум услови за, како што велеа од меѓународната заедница, кредибилни избори. На 11 декември беа одржани и предвремените избори кои беа одбележани со голема излезност.

„ И во минатите циклуси имаше голема излезеност и тие резултираа со победа на владејачката партија што не е практика во современите демократии. Обично кога има голема излезност на изборите народот излегува да го изрази својот револт што не беше случај во Македонија и беше чудно, но преку прислушуваните разговори се покажа дека тоа било една голема манипулација. Покрај тоа што на 11 декември имавме голема излезеност, во овој случај, на овие избори, голема поддршка и дадоа на опозицијата. И покрај тоа што гласаа и за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на овие избори со оваа излезност се потврди дека оние кои што биле незаинтересирани за политика, кои биле неопределени граѓани го дадоа гласот за опозицијата, што не беше случај во минатото, вели Гаџовски.

По изборите и двете македонски партии славеа, но политичката криза не заврши тука. По низа политички сопки и препреки, речиси два месеци по изборите Македонија се уште нема влада. По две години од објавувањето на првата бомба и низа институционални сопки за СЈО се уште нема правна разрешница за тоа кој прислушувал над 20 илјади граѓани, како и за индициите за криминал кои произлегоа од 33 те бомби на опозицијата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG